За разлика од својот помлад колега кој има проблеми со трпението и често се решава за ризични претекнувања, Австралијанецот беше хируршки прецизен со фаворитите и стигна до највисокото скалило на подиумот.
Мерцедес АМГ и Ферари ја изгубија стратегиската битка, а најмногу изгуби водечкиот во генералниот пласман со 8-то место. Секако, за тоа беше виновен кој друг, ако не Макс Ферстапен.
Валтери Ботас заврши на второто место пред Кими Раиконен на последното скалило од подиумот.
На стартот Себастијан Ветел имаше за нијанса послаб старт од Раиконен, Германецот се префрли кон десно за да покрие својот тимски колега, потег кој го искористи Валтери Ботас за да го украде второто место.
Зад нив Ферстапен беше возачот кој има најдобар старт од 5-тата позиција, разбирливо со помош на ултра-меките гуми на Пирели, по што го претекна Мерцедесот на Луис Хамилтон во првиот свиок, а веќе на крајот од почетниот круг беше и пред Кими во битката за третото место.
Следуваше мирна трка до првите влегувања во бокс, кога Ветел имаше водство од нешто повеќе од четири секунди пред Ботас, кој пак изгради пет секунди предност пред Ферстапен. Кими Раиконен беше четврти со комфорна предност пред Хамилтон.
Младиот Холанѓанец беше првиот што се реши за промена на своите гуми, на крајот од 17-от круг, кога од ултра-меката смеша премина на медиум. Неколку секунди подоцна истото го повтори и Даниел Рикиардо, со импресивна работа на механичарите на Ред Бул, кои ги опслужија двата болиди во истот круг.
Овој тактички потег беше осмислен како би им дала можност да ги нападнат возачите на Мерцедес АМГ пред нив, но сребрените стрели реагираа на време, ги повикаа своите возачи во бокс, па Луис Хамилтон повторно излезе пред Рикиардо, а Ботас пред Ферстапен.
Во Ферари реагираа доцна и со неколкуте круга повеќе на патеката, Ветел го изгуби водството од Ботас, а трката на Раиконен беше комплетно уништена, секако под тоа подразбираме пласман на подиумот.
Финецот по својот пит-стоп се најде далеку назад зад Рикиардо на 6-тото место. Но, по неколку круга на сцена стапуваат возачите на Торо Росо кои имаа меѓусебен судир и значително зачинување на трката, со излегување на безбедносното возило.
Во Ред Бул донесоа одлука за нов двоен пит-стоп, овој пат опремувајќи ги болидите на двата возачи со меките гуми, што се покажа како одлучувачки потег за Победата на денешната трка. Водечките болиди се решија да не влегуваат во бокс, втора тактичка грешка на Ферари, прва на Мерцедес АМГ.
Ферстапен се врати на четвртото место зад Хамилтон, а Рикиардо сега беше шести зад Раиконен. Нивните нови гуми им дадоа огромна брзина, по што во 37-от круг, Рикиардо успеа да го претекне Раиконен за петтото место.
Напред, Ферстапен вршеше голем притисок врз Хамилтон и се обиде да го претекне, но, Британецот не попушти по што тинејџерот излезе надвор од патеката. Тоа му овозможи на Рикиардо да го претекне својот тимски колега за 4-тото место и веднаш се доближи до Мерцедесот на Луис Хамилтон.
Австралијанецот му покажа на својот тимски колега како тоа вистински се претекнува со хируршки потег за третото место. Рикиардо беше во силен налет и по релативно лесното претекнување на Ветел, се најде зад Ботас во напад на првото место.
Финецот се обиде да се брани, но, свежите гуми на Ред Булот го направија своето и Рикиардо го презеде водството, по што ги забележа најбрзите круга во трката.
Зад него, Ферстапен, се созеде по неуспешниот потег над Хамилтон, го претекна и се најде зад Ферарито на Ветел. Но, младиот Холанѓанец ја нема смиреноста и трпението на својот поискусен тимски колега и успеа со непромислен и ризичен потег да го искомплицира тоа што требаше да биде лесно претекнување.
Ферстапен заврши во болидот на Ветел, по што тој падна на петто, а Германецот на седмо место. Кими Раиконен и Луис Хамилтон успеаа да ја искористат ситуацијата и напредуваат две места понапред.
Возачот на Ред Бул успеа да го врати четвртото место од Хамилтон, но, следуваше казна од 10 секунди за предизвикување судир. Наместо 1-2 Победа за Ред Бул, Макс го чинеше својот тим многу поени.
Во последните кругови Рикиардо го зголеми водството над Ботас на осум секунди, кој пак беше под напад од Раиконен. Возачот на Ферари направи неколку обиди за претекнување, но не можеше да најде начин да го претекне својот сонародник.
На крај, Рикиардо ја забележа неговата шеста победа во кариерата пред Ботас и Раиконен. Хамилтон по казната на Холанѓанецот беше на четвртото место, иако Ферстапен финишираше пред Британецот на патеката.
Нико Хулкенберг и Фернандо Алонсо го претекнаа "ранетиот" болид на Ветел за 6-то т.е 7-мо место. Германецот во последните моменти од трката со крајни напори го задржа 8-то место пред налетот на Карлос Саинц ЈР. со Рено, а последниот поен му припадна на Кевин Магнусен со болидот на Хас.
Голема награда на Кина, Шангај.
56 круга, 305.066км., Време: Сончево.
ПЛАСМАН:
П. Возач Тим Време
1. Даниел Рикиардо Ред Бул 1ч35:36.380
2. Валтери Ботас Мерцедес АМГ + 8.894
3. Кими Раиконен Ферари + 9.637
4. Макс Ферстапен* Ред Бул + 10.436
5. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ + 16.985
6. Нико Хулкенберг Рено + 21.052
7. Фернандо Алонсо Мекларен + 30.639
8. Себастијан Ветел Ферари + 35.286
9. Карлос Саинц ЈР. Рено + 35.763
10. Кевин Магнусен Хас + 39.594
11. Естебан Окон Форс Индија + 44.050
12. Серџо Перез Форс Индија + 44.725
13. Штофел Вандорн Мекларен + 49.373
14. Ленс Строл Вилијамс + 55.490
15. Сергеј Сироткин Вилијамс + 56.330
16. Маркус Ериксон Заубер + 58.241
17. Роман Грожан Хас + 1:02.604
18. Пјер Гасли Торо Росо + 1:05.296
19. Чарлс Леклерк Заубер + 1:22.575
* 10сек. казна за инцидентот со Ветел
Најбрз круг: Даниел Рикиардо - 1:35.785
БЕЗ ПЛАСМАН:
Возач Тим
Брендон Хартли Торо Росо
Генерален Пласман по 3 трки:
ВОЗАЧИ:
1. Себастијан Ветел 54
2. Луис Хамилтон 45
3. Валтери Ботас 40
4. Даниел Рикиардо 37
5. Кими Раиконен 30
6. Нико Хулкенберг 22
7. Фернандо Алонсо 22
8. Макс Ферстапен 18
9. Пјер Гасли 12
10. Кевин Магнусен 11
11. Штофел Вандорн 6
12. Карлос Саинц ЈР. 3
13. Маркус Ериксон 2
14. Естебан Окон 1
КОНСТРУКТОРИ:
1. Мерцедес АМГ 85
2. Ферари 84
3. Ред Бул 55
4. Мекларен 28
5. Рено 25
6. Торо Росо 12
7. Хас 11
8. Заубер 2
9. Форс Индија 1
Победничко Радио