Помошта ја бараме кај одреден број на новинари присутни во падокот на патеката Каталуња и кои имаат свои извори во самите тимови. Е сега и тие самите влечат кон тимот за кој имаат поголеми симпатии, Италијанците кон Ферари, Англичаните кон Хамилтон и Мерцедес АМГ, Германците некако се најнеутрални, освен кога се зборува за Ветел. Како и да е, ние ви ги пренесуваме нашите импресии потпомогнати со согледувањата на сите овие новинари од лице место.
Најнапред да ја разгледаме издржливоста на болидите, категорија во која Мерцедес АМГ е убедливо на врвот, ништо ново од минатата година, тоа е тимот кој помина најмногу километри на 8-те тест дена. Сите тимови кои ја користат Мерцедес ПЕ нема за што да се нервираат, нема да имаат поголеми проблеми од таа страна.
Следен на листата е болидот на Ферари. Според сите корисници на Ферари ПЕ, таа е вистински погодок во вистински правец, не дека и минатогодишната многу заостануваше по прашање на издржливост.
Оваа година изненадува и Хонда ПЕ, која во болидот на Торо Росо не се расипа нити еднаш. Сепак, инженерите на овој тим признаа дека на двете тест сесии користеле 4 ПЕ, но, не поради проблеми, туку затоа што така било планирано со Јапонскиот производител .
Ова ниво на издржливот го нема кај болидите придвижувани од Рено ПЕ, а особено кај Мекларен. Се гледа дека главниот проблем бил шасијата на тимот, која не дозволува доволно ладење на ПЕ. Сепак, инженерите на овој тим велат дека кратката соработка со колегите од Рено е светлосни години подобра со таа од Хонда.
ВКУПНО КОМПЛЕТИРАНИ КРУГА ПО ТИМ
П. | ТИМ | КРУГА |
1. | Мерцедес АМГ | 1057 |
2. | Ферари | 930 |
3. | Торо Росо | 827 |
4. | Вилијамс | 818 |
5. | Рено | 795 |
6. | Заубер | 786 |
7. | Ред Бул | 783 |
8. | Форс Индија | 712 |
9. | Хас | 695 |
10. | Мекларен | 599 |
Издржливоста носи поени, но перформансите носат Победи. Ако ги гледаме забележаните времиња, работите изгледаат добро за Ферари (дежа ву од мината година) во поглед на чиста брзина.
ЗБИРНИ РЕЗУЛТАТИ ОД ВТОРАТА ТЕСТ СЕСИЈА
П. | ВОЗАЧ | ТИМ | ВРЕМЕ | РАЗЛИКА |
1 | Себастијан Ветел | Ферари | 1:17.182 | / (ХМ, 426) |
2 | Кими Раиконен | Ферари | 1:17.221 | + 0.039 (ХМ,206) |
3 | Фернандо Алонсо | Мекларен | 1:17.784 | + 0.602 (ХМ,150) |
4 | Даниел Рикиардо | Ред Бул | 1:18.047 | + 0.865 (ХМ,257) |
5 | Карлос Саинц ЈР. | Рено | 1:18.092 | + 0.910 (ХМ,293) |
6 | Кевин Магнусен | Хас | 1:18.360 | + 1.178 (СМ,249) |
7 | Пјер Гасли | Торо Росо | 1:18.363 | + 1.181 (ХМ,229) |
8 | Луис Хамилтон | Мерцедес АМГ | 1:18.400 | + 1.218 (УМ,362) |
9 | Роман Грожан | Хас | 1:18.412 | + 1.230 (УМ,259) |
10 | Валтери Ботас | Мерцедес АМГ | 1:18.560 | + 1.378 (УМ,372) |
11 | Нико Хулкенберг | Рено | 1:18.675 | + 1.493 (ХМ,229) |
12 | Штофел Вандорн | Мекларен | 1:18.855 | + 1.673 (ХМ,189) |
13 | Брендон Хартли | Торо Росо | 1:18.949 | + 1.767 (ХМ,275) |
14 | Естебан Окон | Форс Индија | 1:18.967 | + 1.785 (ХМ, 293) |
15 | Чарлс Леклерк | Заубер | 1:19.118 | + 1.938 (ХМ,235) |
16 | Сергеј Сироткин | Вилијамс | 1:19.189 | + 2.007 (М,227) |
17 | Маркус Ериксон | Заубер | 1:19.244 | + 2.062 (ХМ,268) |
18 | Роберт Кубица | Вилијамс | 1:19.629 | + 2.447 (СМ,73) |
19 | Серџо Перез | Форс Индија | 1:19.634 | + 2.452 (ХМ,252) |
20 | Макс Ферстапен | Ред Бул | 1:19.842 | + 2.660 (М,317) |
21 | Ленс Строл | Вилијамс | 1:19.954 | + 2.772 (М,243) |
Сепак, статистиката и тоа како може да лаже. Според сите присутни аналитичари и новинари на патеката Каталуња, без разлика од која земја доаѓаат, поткрепени со GPS податоците, Мерцедес АМГ, најверојатно е најбрзиот болид на гридот.
Како главен проблем на Ферари се шпекулира големата потрошувачка на гориво, па многу повеќе круга од трката, за разлика од Мерцедес АМГ, ќе треба да ги поминат во мод на штедење.
Кај сите болиди е забележана зголемена потрошувачка, поради зголемената тежина, зголемената моќност, но најмногу било изразено кај Италијанците, а најмалку кај Сребрените стрели.
Секако сите овие анализи се релативни, но ние типуваме дека Мерцедес АМГ ќе има најмногу пласмани на Победничкото скалило, додека Ферари и Ред Бул, се тимовите кои најчесто ќе им прават друштво на Победничкиот Подиум за оваа 2018 сезона и се надеваме тоа ќе биде во многу поголем број од минатата сезона.
Следуваат тимовите од средината на поредокот, кој за разлика од минатата сезона е малку повеќе измешан, но, дефицитот до најбрзите три тима е прилично голем. Рено беше еден од тимовите кој имаше импресивни почетни тест денови, но последниот ден, во кој се вратија "гремлините" од минатата сезона ја направија нивната позиција незгодна за прогноза.
Речиси секој тим надвор од големата тројка има непознати варијабли на патот кон Мелбурн, без разлика дали тоа е издржливоста, непроверени надградби или недостаток од тест километри.
Хас е тимот кој е исклучок и кој би можел да изненади со својот пласман. Американскиот тим е веќе трета сезона во Формула 1 и можеби е време за резултати. Тука е и Торо Росо кој по добрите настапи со новите ПЕ, сега имаат зголемени очекувања и сметаат дека ќе бидат редовни освојувачи на поени во деби сезоната со Хонда.
Мекларен. Еден од тимовите по кои се препознава Формула 1. Нивната брзина со Рено ПЕ е задоволителна, но она што повторно е неприфатливо е издржливоста. Многу повеќе комплетирани круга од минатата сезона, но, безброј проблеми со истекување на горивото и хидрауличните течности, проблеми со турбото и ладењето на ПЕ. За разлика од минатата сезона во овие 8 тест дена барем имаа една целосна симулација на трка.
За жал, и оваа сезона борбата за дното на табелите е резервирана за тимот на Заубер, а доколку не направат нешто повеќе тука се, барем моментално, Вилијамс и Форс Индија. Вторите многу чекаа на исход од најавената продажба и доцнат со развојот, додека славниот Вилијамс има многу млада и неискусна возачка постава, дополнето со најавеното откажување на главниот спонзор - Мартини.
Форс Индија најави голем пакет на надградби за првата трка, со кои планираат да го задржат минатогодишниот најдобар пласман од 4-то место во конструктори. Вилијамс имаше невообичаена тест програма во која немаа квалификациски стинтови, нити симулации на трка.
Исходот и од годинешните пред сезонски тест сесии не е она што секој фан на Ф1 би го посакувал - Голема и неизвесна битка за Победите и Шампионските Титули, додека новите сопственици, иако најавуваа враќање на сјајот на нашиот најомилен мотоспорт, како да немаат стратегија за постигнување на тоа во блиска иднина.
Пирели, официјалниот добавувач на пневматици за Ф1 Шампионатот, ги објави и проценетите разлики помеѓу новите 2018 смеши добиени на тестирањето во Барселона.
Лошите временски услови ги ограничија десетте тимови во првата тест недела, но подобрите услови во втората тест недела во Барселона им овозможи на инженерите на Пирели да ги соберат клучните податоци за својата нова палета од шест смеши.
Пирели проценува разлика од 0,8 секунди помеѓу Медиум, (минатата година беше Мека, и тоа е единствената смеша која не е нова спецификација за оваа година) и новата Мека смеша.
Новата смеша на Пирели за 2018 година, наречена Хипер-мека, е побрза за 0,7-0,8 делови од секундата од Ултра-меката.
Проценка на разликите помеѓу смешите на Пирели:
Медиум/Mеки: 0,8 секунди
Меки/Супер-Меки: 0,4 секунди
Супер-Меки/Ултра-Меки: 0.6 секунди
Ултра-Меки/Хипер-Меки: 0.7 - 0.8секунди.
На крај неколку збора за новиот безбедносен системот на ФИА за заштита на главата на возачот. Се уште не можеме да се помириме дека ова чудо стана дел од Ф1 болидите. Повеќето возачи го сметаат за чуден и неестески. Повеќето фанови го сметаат за непотребен. На сите тимски инженери им предизвикува големи главоболки. Но, ФИА го форсира и верува дека тој ја зголемува безбедноста.
Ќе имаме големи проблеми со препознавање на возачот кој што е во кок-питот обвиткан со овој "ОРЕОЛ". Пониските возачи, имаат потешкотија да излезат од болидот без да ги оштетат многуте делови од сложената конструкција на страничните спојлери.
Факт е дека ништо не може да не отргне од гледањето на Формула 1 Шампионатот. Факт е дека тешко ќе се навикнеме на овој безбедносен систем и нема никогаш да го прифатиме како дел од Ф1 болидот.
Би сакале да се надеваме дека толку "паметните" и "загрижени" луѓе во Светската Автомобилистичка Асоцијација ќе работат и пронајдат подобро решение со кое ќе можеме целосно да се препуштиме во "уживањето" на Ф1 трките, без да не нервира ХАЛО-системот.