Ландо Норис, кој изгледаше многу подобро од вчера, го победи Оскар Пјастри за 0.085 делови од секундата и ја освои Пол позицијата за утрешната трка за Големата Награда на Белгија.
Макс Ферстапен ја загуби битка со Чарлс Леклер и заврши на четвртата позиција. Денешните Квалификации беа многу поразлични од вчерашните. Тимовите, во очекување на дождлива недела, мораше да се решат кои поставки се поважни, тие за квалификации или тие за трка, па перформансите варираа.
Но, едно е јасно, болидот на Мекларен е пред сите останати. Денес, Ландо Норис беше најбрзиот возач и ја обезбеди својата тринаесетта Пол позиција во Формула 1.
Ферстапен, со многу пролизгување на излезот од Ла Сорс во неговиот последен брз круг, беше победен од Леклер за три илјадити делови од секундата. Очигледно беше дека од Ред Бул ги променија поставките за потисна сила, во очекување на дожд.
Во меѓувреме, Алекс Албон ја обезбеди неверојатната петта позиција, пред Џорџ Расел и Јуки Цунода, кој не заостануваше премногу зад својот тимски колега.
Луис Хамилтон повторно не можеше да го помине првиот сегмент, овој пат излезе надвор од границите на патеката и неговиот втор брз круг за П7 беше избришан.
Катастрофални квалификации за возачите на Астон Мартин, кои ќе стартуваат од последниот ред! Фернандо Алонсо заврши претпоследен, а Ленс Строл последен.
ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ ВО НАШАТА ВАЈБЕР ГРУПА, НАЈБРЗИОТ НАЧИН ДА ДОЈДЕТЕ ДО ВИСТИНСКИТЕ ИНФОРМАЦИИ ОКОЛУ Ф1 ШАМПИОНАТОТ.
КЛИК ТУКА ЗА ДА СЕ ПРИДРУЖИТЕ
СТРИМ ОД ТРКАТА, 15:00 МК, ЌЕ БИДЕ ПОСТИРАН НА ВООБИЧАЕНИОТ НАЧИН, И ВО НАШИТЕ ВАЈБЕР И ТЕЛЕГРАМ ГРУПИ.
По спринтот во кој Макс Ферстапен го победи Оскар Пјастри, на ред беше она вистинското од тркачкиот викенд, вистинските квалификации и неделната трка.
Временската прогноза најавува дожд за недела, па тимовите мораа да се одлучат каков компромис да направат во поставките на болидите. Во викендите со спринт формат, периодот помеѓу спринот и квалификациите е единствената шанса за тоа.
За разлика од вчера, денес, во Q1 сесијата, имаше брзање да се излезе на патеката. Пјер Гасли беше задолжен за отворање на квалификациите, иако првите времиња беа 1:42.076 за Ландо Норис и 1:41.998 за Оскар Пјастри.
Макс Ферстапен започна со 1:42.066 и, изненадувачки, Лиам Лосон постави време од 1:41.765. Кратко потоа, Карлос Саинц Јр. привремено го презеде водството со време од 1:41.691.
Возачите на Ферари продолжија да имаат голема разлика меѓу себе, Чарлс Леклер забележа 1:41.635 за првото место, а Луис Хамилтон со 1:41.939 го освои шестото место.
Исто како и вчера, патеката значително се подобри, но возачите на Мекларен брзо се вратија на врвот на табелата, Норис пред Пјастри. Макс Ферстапен беше трет.
Во зоната за елиминирање, повторно, имаше неколку изненадувања. Брзиот круг на Луис Хамилтон беше избришан, па се најде на П16. Квалификациите беа завршени и за Франко Колапинто, Кими Антонели и двата возачи на Астон Мартин.
На почетокот од Q2 сесијата немаше брзање да се излезе во акција. По околу една измината минута, Макс Ферстапен излезе од својата гаража, забележувајќи време од 1:40.95.
Набрзо следуваа и возачите на Мекларен, а Оскар Пјастри повторно беше многу брз. Австралијанецот имаше време од 1:40.626, победувајќи го Ландо Норис за 89 илјадити делови од секундата и Макс за три десетинки. Чарлс Леклер беше на четврти, пред Јуки Цунода, Џорџ Расел, Алекс Албон и Исак Хаџар.
Ферстапен не излезе за втор обид, а Мекларените возеа на употребувани гуми. Ниту еден од нив не се подобри, но првите тројца останаа непроменети до крајот на сесијата.
Габриел Бортолето направи уште еден подвиг, завршувајќи деветти, додека елиминирани беа: Естебан Окон, Оливер Берман, Пјер Гасли, Нико Хулкенберг и Карлос Саинц Јр..
Во Q3 сесијата најбрзите десет возачи требаше да одредат по кој редослед ќе стартуваат на утрешната трка. И, овој пат немаше време за губење.
Возачите на Мекларен, Леклер и Расел беа на нови црвени гуми, останатите беа на употребувани на самиот почеток.
Во својот прв обид, Ландо Норис забележа време од 1:40.562 и го победи Оскар Пјастри за речиси две десетинки! Ферстапен, и покрај тоа што возеше на употребувани гуми, ги претекна Леклер и Расел за привремено да се искачи на третата позиција.
Јуки Цунода ја продолжи својата добра форма и заврши шести, пред Лиам Лосон и Алекс Албон, додека Исак Хаџар и Габриел Бортолето ги комплетираа првите 10.
Во вториот брз круг Ландо Норис не можеше да го подобри своето претходно време, но тоа беше доволно да му ја обезбеди неговата тринаесетта Пол позиција во Формула 1 со разлика од 85 илјадитинки пред Пјастри и повеќе од три десетинки пред Леклер и Ферстапен.
Алекс Албон имаше одличен последен круг за да заврши петти, пред Џорџ Расел и Јуки Цунода, кој денес не беше многу зад својот тимски колега. Исак Хаџар, Лиам Лосон и Габриел Бортолето го комплетираа топ 10 поредокот.
НОРИС МУ ЈА УКРАДЕ ПОЛ ПОЗИЦИЈАТА НА ПЈАСТРИ
7/26/2025 01:49:00 PM
0
Share to other apps