Овде ќе бидат објавени сите поважни информации за 2026 сезоната, во која ќе имаме нови тимови, нова патека и целосен ресет на правилата со премин кон нова генерација на болиди.
Статијата редовно ќе се ажурира, па за сите најнови информации ова е вистинското место за да бидете во тек со настаните.
Почеток: 17.08.2025
Последно ажурирање: 02.12.2025.
Формула 1 и ФИА веќе го објавија календарот за следната година. Календарот е одобрен од Светскиот совет за мотоспорт на ФИА.
Сезоната ќе започне во Австралија на 8 март, ќе се состои од 24 трки, а ќе заврши во Абу Даби на 6 декември.
При составувањето на календарот беше земена предвид географската локација на патеките, вклучително и поместување на трката во Канада, која ќе се одржи во мај, веднаш по трката во Мајами.
Според тоа, следната сезона европскиот дел нема да биде прекинуван, ќе започне во Монако и ќе заврши со новата патека во Мадрид, која ќе дебитира на 13 септември.
Оваа трка е означена со ѕвездичка во календарот, бидејќи патеката е во фаза на изградба и треба да биде хомологирана од ФИА.
Потоа шампионатот ќе се врати на азиските патеки, каде што домаќини ќе бидат Азербејџан и Сингапур, по што ќе следат серија трки на американскиот континент.
Сезоната ќе заврши со две трки на Блискиот Исток, во Катар и Абу Даби.
Одобрени се три пред-сезонски тест сесии и тоа од 26 до 30 јануари во Барселона, од 11 до 13 и од 18 до 20 февруари во Бахреин.
Првата тест сесија ќе биде од затворен тип и може да нема информации за јавноста и медиумите по дискреционо право на тимовите.
Формула 1 и ФИА именуваа шест патеки на кои ќе се одржуваат тркачки викенди во спринт формат.
Првите две патеки беа очекувани, трета година по ред, спринт викендите ќе бидат присутни во Шангај и Мајами.
Подоцна, за прв пат откако беше воведен форматот во 2021 година, Силверстоун ќе биде домаќин на саботен спринт, додека Монтреал, Зандворт и Сингапур ќе бидат домаќини на спринт викенди за прв пат.
Списокот на тимови и нивните возачи за 2026 година. Формула 1 ќе има единаесетти тим на гридот почнувајќи од следната сезона. Кадилак доби одобрение да се приклучи на Формула 1 Шампионатот.
Имавме гласини за иднината на Макс. Имавме сомнежи за кариерата на Луис Хамилтон. Но, ниту еден од нив нема да го напушти својот тековен тим. Макс веќе го кажа тоа, а Луис нема да сака да се пензионира по една година во која фрустрацијата беше на највисоко ниво.
4 ЛАНДО НОРИС (2026+ година)
81 ОСКАР ПЈАСТРИ (2026+ година)
Возачката постава на Мекларен ќе остане непроменета и следната сезона. Ландо Норис и Оскар Пјастри годинава покажаа дека имаат шампионски потенцијал, па тимот што победува нема потреба да се промени.
На почетокот на сезоната, тимот го продолжи договорот на Оскар Пјастри за неколку години. Сегашниот договор на Ландо Норис е, исто така, за неколку сезони. Мекларен официјално не ги наведува условите на договорите со возачите, нарекувајќи ги повеќегодишни.
16 ЧАРЛС ЛЕКЛЕР (2026+ година)
44 ЛУИС ХАМИЛТОН (2026+ година)
Чарлс Леклер и Луис Хамилтон ќе продолжат да возат за Ферари следната сезона. Двајцата возачи имаат договори барем до крајот на 2026 година.
63 ЏОРЏ РАСЕЛ (2026+ година)
12 АНДРЕА КИМИ АНТОНЕЛИ (2026 година)
Мерцедес АМГ објави продолжување на договорите на Џорџ Расел и Кими Антонели доста доцна, кон средината на октомври. Преговорите со Британецот се одолговлекуваа, при што секоја страна инсистираше на своите услови, но на крајот беше постигнат договор. 33 МАКС ФЕРСТАПЕН (2028 година)
6 ИСАК ХАЏАР (2026 година)
Договорот на Макс Ферстапен со Ред Бул е до крајот на 2028 година, што не ја спречи мотоспорт заедница да дискутира за различни сценарија. Раководството на тимот е уверено дека возачот ќе го испочитува договорот до крајот.
По отказот за Серџо Перез тимот има голем проблем да пронајде замена, барем на негово ниво. По првите две трки од 2025 сезоната, тимот го замени Лиам Лосон со Јуки Цунода, но тоа имаше мало влијание врз резултатите.
Хелмут Марко вети дека јапонецот ќе ја заврши сезоната, но веројатно ќе го напушти тимот во 2026 година.
На почетокот на декември, тимот потврди дека Исак Хаџар ќе го замени Цунода во 2026 година, а Јуки ќе биде резервен и тест возач на тимот.
23 АЛЕКС АЛБОН (2026+ година)
55 КАРЛОС САИНЦ ЈР. (2026+ година)
Вилијамс не ги открива условите на договорите на своите возачи, нарекувајќи ги повеќегодишни. Познато е дека Карлос Саинц Јр. и Алекс Албон ќе продолжат да возат за тимот со седиште во Гроув во 2026 година.
14 ФЕРНАНДО АЛОНСО (2026 година)
18 ЛЕНС СТРОЛ (2026+)
Договорот на Фернандо Алонсо со Астон Мартин важи до крајот на 2026 година. Условите на договорот на Ленс Строл со тимот на неговиот татко никогаш не се откриваат. Астон Мартин претходно изјави дека составот ќе остане непроменет следната сезона.
27 НИКО ХУЛКЕНБЕРГ(2026+ година)
5 ГАБРИЕЛ БОРТОЛЕТО (2026 година)
Од следната година Заубер и официјално ќе стане фабрички тим на Ауди. Договорот на Нико Хулкенберг за 2026 година е потврден. Во 2025 година, Заубер го доведе Габриел Бортолето за да му помогне на младиот Бразилец да стекне искуство. Тимот е задоволен од неговите настапи, па неговиот договор е потврден и за следната сезона.
30 ЛИАМ ЛОСОН (2026 година)
41 АРВИД ЛИНДБЛАД (2026 година)
Исак Хаџар и Лиам Лосон имаат договори до крајот на 2025 година. Со оглед на промената на техничките прописи во 2026 година, Рејсинг Булс нема да менуваат двајца возачи одеднаш.
Лиам Лосон доби продолжување на неговиот договор. Исак Хаџар се пресели во Ред Бул. Во 2026 година, Арвид Линдблад, младиот британски дебитант ќе го заземе неговото место.
87 ОЛИВЕР БЕРМАН (2026 година)
31 ЕСТЕБАН ОКОН (2026+ година)
Договорот на Оливер Берман со Хаас е до крајот на 2026 година со опција за продолжување, додека Естебан Окон има повеќегодишен договор со тимот.
10 ПЈЕР ГАСЛИ (2028)
43 ФРАНКО КОЛАПИНТО (2026)
Алпин потврди повеќегодишен договор со Пјер Гасли, кој ќе важи до 2028 година, а на почетокот на ноември го продолжија договорот и со Франко Колапинто, засега само на една година. 11 СЕРЏО ПЕРЕЗ (2027)
77 ВАЛТЕРИ БОТАС (2027)
Во 2026 година, тимот на Кадилак ќе го има своето деби во Формула 1. Официјалната возачка постава беше објавена на 26 Август, откако недела дена претходно протекоа неофицијални информации кои се покажаа како точни.
Фелипе Друговиќ, Мик Шумахер, Алекс Дан беа споменувани како кандидати, но единствено Колтон Херта бил блиску до договор, но не добил суперлиценца.
Кадилак сакаше американски возач, но ѕвездите на Индикар, не сакаат да одат од пол позиција во Индикар во непозната територија.
На крај вториот американски тим во Формула 1 реши да се обложи на искуството на Валтери Ботас и Серџо Перез, а веднаш зборуваме за повеќегодишен договор (две години се сигурни, најверојатно со можност за продолжување.
ФИА ги претстави техничките прописи за 2026 година, кои се засноваат на концептот наречен "Пргав болид".
Како и секогаш, главните цели на новите правила се зголемување на интензитетот на конкуренцијата на патеката и спектаклот на трките.
Првично ќе се осврнеме на главните карактеристики на правилата за 2026 година, а за деталите на следната генерација на Ф1 болиди ќе зборуваме повторно, врз основа на информациите од ФИА.
Новите правила се однесуваат сите клучни точки на Ф1 болидите, како погонската единица, шасијата, аеродинамиката, безбедност и еколошките аспекти.
ПОГОНСКА ЕДИНИЦА
Новата регулатива околу погонската единица за првпат беше објавена во август 2022 година и може да се смета за значаен чекор напред. Хибридните ПЕ кои моментално се користат во Формула 1 веќе може да се сметаат за најефикасни во светот, но во 2026 година Ф1 тимовите ќе добијат уште помоќни мотори.
Во исто време, моќноста на моторот со внатрешно согорување ќе се намали од сегашните 550-560 kW на 400 kW, но моќноста на хибридниот дел ќе се зголеми речиси тројно, од 120 kW на 350 kW. Така, вкупната моќност на ПЕ ќе остане приближно иста, но поеколошка.
Важен фактор е и тоа што тие ќе станат структурно поедноставни, бидејќи се отстранува технички најкомплексниот дел, моторниот генератор MGU-H. Покрај тоа, количината на енергија добиена од системот за сопирањето ќе се удвои и ќе изнесува 8.5 мегаџули по круг.
За да се олесни престигнувањето, обезбеден е режим за премостување(override), кој возачот може да го активира рачно. Нешто слично на сегашниот ДРС-систем кој заминува во историја по 15 години користење.
Во процесот на бркање противник, кога болидот што вози напред ќе забрза до 290 км/ч, енергијата од хибридниот дел од неговата погонска единица ќе почне да се намалува, а при брзина од 355 км/ч ќе биде нула, додека возачот на вториот болид може да го активира режимот за премостување, со што електричниот дел од неговата ПЕ ќе произведува максимални 350 kW до брзина од 337 км/ч, што е дополнителни 0,5 мегаџули по круг.
Новите регулативи за ПЕ беа дизајнирани да привлечат нови производители во Формула 1, а оваа задача е постигната: Ферари, Мерцедес и Хонда ќе добијат конкуренција од Ауди и Форд/РедБул.
ШАСИЈА
Во согласност со концептот на пргав болид, кој е основа на новите регулативи, болидите ќе станат помали и полесни. Меѓуоскиното растојание ќе се намали од 3.6 метри на 3.4 м., а ширината ќе се намали од сегашните 2 метри, на 1.9 метри. Максималната ширина на подот ќе се намали за 150 мм.
Друг важен аспект е намалувањето на тежината: минималната тежина на болидот од новата генерација ќе се намали за 30 кг и ќе биде 768 кг. Се верува дека тежината на болидот и возачот е 722 килограми, а 46 кг отпаѓаат на гумите.
Големината на гумата ќе остане на сегашните 18 инчи, но ширината на предните гуми ќе се намали за 25 мм, на задните за 30 мм, но губењето на механичкиот грип ќе биде незначително.
АЕРОДИНАМИКА
Болидите од 2026 година ќе имаат систем на активна аеродинамика.
Системот, кој вклучува подвижни предни и задни крила, ќе резултира со поголеми брзини во свиоците со активиран Режим Z.
На правците, возачите ќе можат да се префрлат на Режим X, дизајниран да ја зголеми максималната брзина на правците.
Задното крило ќе се состои од три елементи, геометријата на крајните плочи ќе стане поедноставна (враќање кон 2019), додека дополнителните задни подкрилца целосно ќе се отстранат.
Предното крило ќе биде 100 мм потесно од моменталното и ќе има два активни елементи.
За разлика од сегашните болиди, лакови на предните тркала ќе бидат отстранети, но некои од елементите на каросеријата ќе бидат строго регулирани со правилата за контрола на зоната на турбуленција што ја создаваат гумите.
Поентата е дека зад предните тркала, но пред страничните крила, болидите ќе имаат т.н. "Контролни дефлектори", кои ќе помогнат да се реши овој проблем.
Болидите од новата генерација ќе имаат делумно рамен под и дифузер со помала моќност, што ќе го намали "ground" ефектот и зависноста на болидите од ултра крута и ниска амортизација.
Во процесот на работа на техничките прописи, ФИА посвети зголемено внимание на безбедносните стандарди. Предните и страничните структури за апсорпција на енергија кои го штитат кок-питот при судири значително ќе се зајакнат.
Заштитата на резервоарот за гориво ќе биде двојно зголемена.
Зголемени се и барањата за удар од горе, зголемено е нивото на издржливост на горната безбедносна структура, кој сега мора да издржи удар од 20Г, наместо досегашните 16Г.
Болидите ќе имаат нови, повидливи предупредувачки задни светла, а болидите ќе имаат и странични предупредувачки светла кои го означуваат статусот на ЕРС системот кога и ако болидот ќе застане на патеката.
ЕКОЛОГИЈА
Од 2026 година, ПЕ во Формула 1 болидите ќе работат исклучиво на горива направени од обновливи суровини. Покрај тоа, карактеристиките на новото гориво треба да бидат такви што тоа ќе може да се користи во речиси сите мотори со внатрешно согорување инсталирани во сериски произведените автомобили.























