Карлос Саинц Јр. се пласираше на втората позиција, забележувајќи го неговиот најдобар резултат во кариерата. Џорџ Расел финишираше со третото најбрзо време, додека Луис Хамилтон го испушти првото место по почетничката грешка на влез од боксевите, кога удри во заштитната ограда и го скрши предното крило.
Саботата во Сочи започна со обилни врнежи на дожд. Сесиите беа откажувани една по една. Утрото возачите на Формула 2 беа подготвени за старт, но трката беше одложена. Саботниот Ф1 тренинг беше откажан, а потоа беа откажани вторите трки во Формула 2 и Формула 3.
Тркачкиот директор на ФИА, Мајкл Маси неколкупати го прилагодуваше временскиот распоред, нагласувајќи дека главната работа е да се одржат квалификации за неделната Ф1 трка, искористувајќи го моментот кога дождот ќе стивне или ќе прекине.
Како што започна денот, никој не веруваше дека тие ќе се одржат, но времето повторно изненади, но овој пат во позитивна смисла. 45 минути пред почетокот на квалификациите, облаците се расчистија на небото над Сочи и се појави сонцето. Дождот стивна, но асфалтот остана влажен. Смрзнатите гледачи се вратија на трибините.
Во Q1, само Алонсо избра гуми за силен дожд, а остатите возачи излегоа на зелените интермедиа гуми на Пирели. Секој возач имаше потреба од серија на кругови како би го забележал најбрзиот круг. Интермедиа гумите беа ефикасни, а патеката стануваше се побрза со секој круг.
Макс Ферстапен излезе на патеката само за еден инсталациски круг и се врати во својата гаража. Тоа беше крај за него во квалификациите, бидејќи со казните за промена на ПЕ во својот болид и трите позиции од изминатата трка, секако ќе стартува од последниот ред на гридот.
Антонио Џовинаци се сврте на излезот од 16-тиот свиок, но тој продолжи да се движи. Фернандо Алонсо мораше по втор обид на интермедиа гумите, а Серџо Перез никако да се прилагоди на РБ16Б и повторно со проблеми да го исконтролира задниот дел на болидот, секој пат кога ќе форсира за брз круг. Имаше извртување во вториот свиок без последици за болидот.
Даниел Рикиардо го блокираше Ленс Строл, а стјуардите го разгледаат овој инцидент по завршување на квалификациите. Најдобро време без поголеми проблеми го забележа Луис Хамилтон, а Кими Раиконен, Мик Шумахер, Антонио Џовинаци, Никита Мазепин и Макс Верстапен отпаднаа од понатамошната борба.
Во Q2, повторно сите возачи на патеката излегоа со зелените гуми, наизменично поставувајќи бавни и брзи кругови, чекајќи патеката да биде во подобра состојба. Чарлс Леклер и Николас Латифи се решија за еден инсталациски круг и исто како Макс се вратија во своите гаражи, бидејќи викендов и тие добија казни за промена на ПЕ во своите болиди и ќе стартуваат од последните редови на гридот.
Луис Хамилтон без проблеми на влажната патека, далеку напред со најбрзото време, а квалификациите заврпија за Себастијан Ветел, Пјер Гасли, Јуки Цунода, Николас Латифи и Чарлс Леклер.
За време на финалниот Q3 сегмент од квалификациите, тркачката линија на патеката речиси беше сува по целата нејзина должина, но возачите за првиот брз круг се решија за зелените интермедиа гуми. Повторно, Луис Хамилтон го имаше најбрзото време, комплетирајќи круг за 1:44.050.
Џорџ Расел беше првиот возач што одлучи да стави гуми за суво време, а потоа во бокс, по црвените гуми, се упатија речиси сите останати возачи. Тука Луис Хамилтон прави почетничка грешка, кога при свиокот за влез во боксевите изгуби контрола врз болидот и удри во заштитната бетонска ограда и го скрши предното крило.
Механичарите ја направија првичната проценка на штетата, но Ботас чекаше на замена на гуми, па мораше болидот на Британецот да биде истуркан понапред, а потоа беше вратен за замена на предното крило откако Ботас се врати на патеката, но и двајцата возачи на Мерцедес АМГ немаа време за втор брз круг.
Тоа доведе до драматичен крај на квалификациите и неочекуван стартен поредок за утрешната трка за ГН на Русија. Сите останати возачи имаа подеднаква шанса за Пол позицијата, но, на крај најбрз беше возачот кој ризикуваше најмногу. Првата позиција му припадна на Ландо Норис, втората на Карлос Саинц Јр. и трет најбрз беше Џорџ Расел.
| 2021 ГН РУСИЈА - КВАЛИФИКАЦИИ | ||||
| П. | ВОЗАЧ | ТИМ | ВРЕМЕ | РАЗЛИКА |
| 1. | Ландо Норис | Мекларен | 1:41.993 | |
| 2. | Карлос Саинц Јр. | Ферари | 1:42.510 | + 0.517 |
| 3. | Џорџ Расел | Вилијамс |
1:42.983 | + 0.990 |
| 4. | Луис Хамилтон | Мерцедес АМГ |
1:44.050 | + 2.057 |
| 5. | Даниел Рикиардо | Мекларен | 1:44.156 | + 2.163 |
| 6. | Фернандо Алонсо |
Алпин | 1:44.204 | + 2.211 |
| 7. | Валтери Ботас | Мерцедес АМГ | 1:44.710 | + 2.717 |
| 8. | Ленс Строл | Астон Мартин | 1:44.956 | + 2.963 |
| 9. | Серџо Перез | Ред Бул | 1:45.337 | + 3.344 |
| 10. | Естебан Окон | Алпин |
1:45.865 | + 3.872 |
| Q2 Најбрзо Време: Луис Хамилтон - 1:45.129 | ||||
| 11. | Себастијан Ветел | Астон Мартин | 1:46.573 | + 1.444 |
| 12. | Пјер Гасли | АлфаТаури | 1:46.641 | + 1.512 |
| 13. | Јуки Цунода | АлфаТаури | 1:46.751 | + 1.662 |
| 14. | Николас Латифи* | Вилијамс |
/ | / |
| 15. | Чарлс Леклер* | Ферари | / | / |
| Q1 Најбрзо Време: Луис Хамилтон - 1:45.992 | ||||
| 16. | Кими Раиконен |
Алфа Ромео | 1:49.586 | + 4.163 |
| 17. | Мик Шумахер | Хас | 1:49.830 | + 4.480 |
| 18. | Антонио Џовинаци |
Алфа Ромео | 1:51.023 | + 4.627 |
| 19. | Никита Мазепин | Хас | 1:53.764 | + 7.785 |
| 20. | Макс Ферстапен* | Ред Бул | / | / |
* казна старт од последен ред, промена на ПЕ 107% време: 1:53.411 |
||||
| ХИБРИДНА ЕРА - СОЧИ 2014 Луис Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1:38.513 2015 Нико Розберг - Мерцедес АМГ - 1:37.113 2016 Нико Розберг - Мерцедес АМГ - 1:35.417 2017 Себастијан Ветел - Ферари - 1:33.194 2018 Луис Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1:36.015 2019 Чарлс Леклер - Ферари - 1:31.628 2020 Луис Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1:31.304 2020 Ландо Норис - Мекларен - 1:41.993(дожд) @МкФормула1 - РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА @MkFormula1 - REPUBLIC OF MACEDONIA |
||||







