Џорџ Расел ја потврди добрата форма на Мерцедес АМГ на Големата Награда на Лас Вегас со освојување Пол позицијата за утрешната трка.
Карлос Саинц Јр. заостана само 98 илјадитинки и ќе му прави друштво на првиот стартен ред.
Пјер Гасли направи "магија" со пневматиците на Пирели за да го постави својот Алпин на третата стартна позиција. Друштво на втриот ред ќе му прави Чарлс Леклер.
Тимот на Мерцедес АМГ беше во надолна линија по летната пауза, без позначителни пласмани, но денес се покажа дека W15 знае да ги загрее гумите подобро од кој било друг болид при ниски температури.
Се укажуваше на 1-2 пласман за Мерцедес АМГ, но Луис Хамилтон не успеа да комплетира добар круг во Q3 и тие мораа да се задоволат со Пол позицијата на Расел.
Карлос Саинц Јр. имаше одличен пласман за Ферари и не само што беше втор, туку беше за речиси четири десетинки побрз од Чарлс Леклер. Но, изненадувањето на денот е, секако, Пјер Гасли.
Французинот го постави својот Алпин на импресивна трета позиција, со само три десетинки побавно време од Пол позицијата и беше подобар од возачи како Леклер, Ферстапен, Норис, па може да биде многу задоволен од неговите перформанси.
Франко Колапинто го победи својот тимски колега, Алекс Албон, кој отпадна во Q1, но потоа следеше нов инцидент и нови главоболки за механичарите на Вилијамс. Толку многу штета нема нити еден друг тим.
Негатива на денот беше и Серџо Перез, потворно отпаѓајќи во Q1 сесијата, па сите се прашуваат дали со тоа ја испушти и последната сламка за спас и продолжување со тимот на Ред Бул и идната сезона?!?
Макс П6, Ландо П7 е супер интересна најава за утрешната Голема Награда на Лас Вегас, која е закажана за 07:00 часот по Македонско време.
По три тренинг сесии во кои доминираше Мерцедес АМГ, дојде време за вистинската акција, квалификациите за Големата Награда на Лас Вегас, кои се одржаа во прилично студени услови, со температура на асфалтот од само 15 степени.
На почетокот од Q1 сегментот се формираше долга колона од болиди на излез од пит-линијата, кои чекаа зеленото светло на семафорот, па повеќето од возачите брзо тргнаа во акција на патеката за да направат повеќе од еден круг загревање на гумите.
Патеката многу се подобруваше со секоја измината минута, а со тоа и времињата се подобруваа со секој комплетиран круг. На крајот, Џорџ Расел беше најбрз.
Франко Колапинто направи одличен круг и се пласираше на 9-то место на табелата, а неговиот тимски колега, Алекс Албон, беше осумнаесетти.
Серџо Перез и возачите на Астон Мартин не го извекоа максимумот од своите болиди, а нив им се придружи и Валтери Ботас во болидот на Заубер.
Ленс Строл имаше само еден обид при крајот од сесијата поради дефектот што го имаше на третиот тренинг.
Со почетокот на Q2 сегментот асфалтот беше уште постуден, 14 степени на почетокот. Како и претходно, многу возачи се наредија на крајот од пит-линијата за да излезат што е можно поскоро.
Макс Ферстапен беше прв во овој случај, но претпочиташе да направи два круга за загревање на гумите. Возачите на Мерцедес АМГ, со користени гуми, започнаа со еден круг за загревање и многу конкурентни времиња, особено Луис Хамилтон, кој имаше време 1:33.136.
Оскар Пјастри, исто така со користени гуми, заостана една илјадитинка зад болидот на Мерцедес АМГ. Макс Ферстапен, со нов сет на црвени гуми, заостана 65 илјадитинки зад Хамилтон.
Во вториот обид го подобри своето време и со 1:33.085 и се пласираше на првото место.
Но, останаа уште неколку минути до крајот, во кои Луис Хамилтон со импресивен круг ја заврши сесијата на врвот, една десетинка пред Саинц Јр. и две пред Џорџ Расел.
Во последните моменти од Q2 сесијата, Франко Колапинто, кој беше еден од последните на патеката, удри во заштитните бариери покрај 16-от свиок, уништувајќи се добро што постигна до тој момент.
Аргентинецот не се пласираше во финалниот сегмент, а покрај него крај на квалификациите беше и за Естебан Окон, Кевин Магнусен, Џоу Гуанју и Лиам Лосон.
СООПШТЕНИЕ НА ВИЛИЈАМС:
"За време на квалификациите, Франко имаше значителeн судир од над 50Г, што бараше медицински преглед. Влијанието на толкав удар е значајно и сериозно и тој ќе треба повторно да биде прегледан пред да му се дозволи старт на утрешната трка. Здравјето на Франко е сè што е важно и драго ни е што тој е добар. Ќе обезбедиме дополнителни информации во наскоро време."
По две сесии во кои стана јасно дека тој што ќе ги загрее температурата на гумите во нивниот работен режим ќе има добар пласман, започна финалната пресметка во која се одредува поредокот на најбрзите 10 возачи.
Почетокот на Q3 сегментот се одложи поради инцидентот на Колапинто, а асфалтот остана на температура од 14 степени.
Очекувано, повторно многу од возачите чекаа зелено светло на крајот од пит-линијата. Утврдување на вистинската стратегија за постигнување на најбрзиот круг беше тешка задача за повеќето возачи и нивните тркачки инженери.
Некои решија да направат повеќе од еден круг за загревање, некои фаворизираа стар сет гуми, наместо нов, со еден збор беше тешко да се доведат гумите на Пирели во работна температура во што пократко време.
Возачите на Мекларен во првиот обид се решија за стари гуми, иако имаа два сета нови, како подобра опција, но времињата не беа на потгребното ниво за напад на врвот од табелата.
За разлика од нив возачите на Мерцедес АМГ беа на нов сет пневматици и претпочитаа да нападнат веднаш. Во првиот обид Џорџ Расел леташе на патеката и со 1:32.811 ги победи Карлос Саинц Јр., Макс Ферстапен и Ландо Норис.
Луис Хамилтон имаше добар прв сектор, но во вториот излета од патеката и кругот беше прекинат.
Најдобар од останатите беше Пјер Гасли, на шестата позиција, пред Нико Хулкенберг, Чарлс Леклер и Јуки Цунода.
Следуваа вторите брзи круга, а Џорџ Расел сугерираше по тимското радио дека мора да стартува што е можно подоцна бидејќи патеката се подобрува со големо темпо.
Првично, Карлос Саинц Јр. го победи неговото време, но Џорџ Расел беше непобедлив и ја забележа неговата 4-та Пол позиција во кариерата со 1:32.312.
Најголемото изненадување дојде од Пјер Гасли. Французинот забележа време за третата позиција, пред Леклер, Ферстапен и Норис.
Цунода, Пјастри, Хулкенберг и Хамилтон го комплетираа топ 10 поредокот. Британецот правеше премногу грешки во Q3 и не можеше да комплетира добар круг.
Претходно, во раните утрински часови по наше време, Мерцедес АМГ забележа хет-трик во Лас Вегас, поставувајќи го најбрзото време и на саботниот тренинг.
На врвот беше Џорџ Расел и ги потврди добрите карактеристики на W15 на оваа патека. Возачите на Мерцедес АМГ со тоа влегоа како фаворити во квалификациите .
На првиот тренинг, асфалтот на градската патека во Вегас беше валкан и лизгав, на вториот се појави слој од искористена гума и грипот малку се подобри, но многумина беа незадоволни.
На третиот ттренинг возачите повторно се пожалија, болидите се лизгаа, гумите многу бавно влегуваа во работен режим.
Вилијамс го поправи болидот на Албон по вчерашниот дефект, па тој беше еден од првите што излезе на патеката, но многумина традиционално ја пропуштија првата серија кругови.
По паузата, многумина веднаш монтираа црвени гуми, кои не ги користеа претходниот ден. Норис ги блокираше тркалата при сопирање, излетувајќи од патеката, но продолжил да вози.
Ферстапен три пати го промаши петтиот свиок, се пожали дека е невозможно да се контролира болидот и се врати во својата гаража на дополително сетирање на РБ20.
Неговите механичарите направија добра работа, враќајќи се на патеката Макс веднаш го забележа најбрзото време со 1:34.137, но речиси веднаш Саинц Јр., Пјастри, Норис и Расел возеа уште побрзо.
Во 44-та минута сесијата беше прекината. Болидот на Ленс Строл застана на правецот меѓу свиоците 12 и 13 поради губење на електриката од погонската единица и мораше да биде евакуиран.
Стоперката продолжи да го одбројува времето, а сесијата продолжи на само една минута до крајот на сесијата. Сите успеаја да излезат, освен Перез на кој му недостасуваа неколку секунди. Механичарите мораа да го туркаат неговиот болид до гаражата.
ДОМИНАНТНА САБОТА ЗА ЏОРЏ РАСЕЛ ВО ЛАС ВЕГАС
11/22/2024 11:38:00 PM
0
Share to other apps