Конечно ФИА со исправно мислење, подржано од повеќето Ф1 фанови. Имено од ФИА испратиле допис до Пирели дека планираните измени на гумите сред сезона се забранети и такви промени може да бидат дозволени само од безбедносни причини. Од извори на Британскиот Автоспорт, се дознава дека промените треба да се единствено во насока на спречување на деламинацијата на задните гуми која се јави на последните неколку Ф1 сесии.
Во Ред Бул и Мерцедес АМГ се надеваа дека најавените измени ќе им помогнат за да се надминат тешкотиите со гумите со кои тие се соочуваат, но ФИА јасно ставила до знаење дека нема да толерира понатамошни промени во насока на намалување на бројот на пит-стоповите или намалување на деградацијата.
Ставот на ФИА, веројатно ќе биде добра вест за тимовите како Лотус, Ферари и Форс Индија, кои беа загрижени дека промената на гумите може да наштети на предноста што тие ја имаат во моменов со доброто менаџирање на гумите.
Претходно оваа недела, тимскиот шеф на Лотус, Ерик Булие, јавно ја искажа својата фрустрација за планираните промени на Пирели, и изрази надеж дека тие ќе бидат од помал обем. Јасно е дека Пирели се најде во тешка ситуација и под притисок на два тотално различни табори. Но, секако во право се од Лотус и Ферари, кои своите болиди ги прилагодија на тие гуми, додека некои не може да се снајдат по тоа прашање. Тоа е тековно прашање кое треба сами да си го решат, а не да бараат некој да им го решава во нивно име.
По Лотус, следуваше реакција и на Ферари по ова прашање, во кое се вели дека се збунети од тоа зошто некои тимови се вознемирени од постоењето на четири пит-стопа на една трка. Победата на Фернандо Алонсо во Шпанија беше помогната со 4-те застанувања во боксовите, стратегија која неговиот тим уште во петокот, по слободните тренинзи, знаел дека е најдобрата можна варијанта за трката. За разлика од нив, Себастијан Ветел и Ред Бул имаа погрешен пристап и мораше да додадат непланирана промена на гуми.
Ферари го споменува и фактот дека критиките на Ред Бул за гумите доаѓаат само по две години откако Себастијан Ветел триумфираше во Барселона со четири пит-стопа, и со иронични коментари се вели:
"Ова се тешки времиња за луѓе со слабо помнење. Можеби тоа е затоа што огромната количина на информации кои се денес на располагање на тимовите, луѓето премногу брзо забораваат на работи кои се случија во поблиското минато. Или, можеби нивните мозочни клетки кои ја контролираат меморијата работат само селективно, во зависност од тоа дали постигнатите резултати им одат во нивна корист нивните сопственици. Срамота е што овие душегрижници молчеа пред две години кога на истата Каталуња и на патеката во Истанбул, пет од шест возачи кои се пласираа на двата подиуми направија токму ист број на пит-стопа, како и Алонсо и Маса минатата недела на Шпанското ГП."
"Всушност, не е ништо ново Победата на една трка да се добие со толку многу пит-стопа, дури и ако се исклучат трките во променливи временски услови. Во малку подалечното минато, во 2004 година, Михаел Шумахер победи на Француското ГП благодарение на она што беше планирана стратегија од три застанувања, подоцна променета во четири пит-стопа. Тоа беше клучот што овозможи на повеќекратниот Шампион со Ф2004 да заврши пред тогашниот возач на Рено, Фернандо Алонсо, кој направи три пит-стопа. И на тој ден, а ние се сеќаваме добро, нашата стратегија и таа на снабдувачот на гуми беа со пофалби дека тоа ни овозможило да го извлечеме максимумот од болидот."
* Сите коментари се прегледуваат пред да се објават.