Големата Награда на Австрија минатата година повторно се врати на Формула 1 календарот, по паузата од 2003 година. Патеката беше модернизирана од страна на сопственикот на Ред Бул, па нормално е што го промени името од А1 во Ред Бул Ринг. Измените на самата патека се мали, но објектите околу неа се нови и драстично изменети.
Она што е навистина убаво за Шпилберг е фактот дека патеката оди нагоре и надолу, што е голема забава за возачот. Слаба страна е што главните области на сопирање се на нагорнина, што го прави претекнувањето особено тешко, а како помош возачите ќе имаат две ДРС зони. Првата точка на детекција е 360 метри пред свиокот 2, со место на активирање 85м. по истиот свиок број два. Втората точка на детекција е 10 метри по осмиот свиок со место на активирање 110 метри по 9-от свиок.
Тоа е спој на брзи правци и бавни и средно брзи свиоци, од 9-те свиоци само првите три се земаат со мала брзина. Времето потребно да се комплетира еден круг оваа сезона се очекува да биде под 70 секунди.
Пирели веќе трета последователна трка ги носи своите најмеки смеши т.е. меките и супер-меки гуми, истата номинација од Монте Карло и Канада. Просечната брзина е релативно ниска, што значи дека болидите ќе мора повеќе да се потпираат на механичкиот грип од гумите, од колку на аеродинамичната потисна сила.
Една од варијаблите од кои ќе зависи стратегијата и подесувањето на болидите ќе биде времето, кое е доста непредвидливо. Во овој период од годината температурите во регионот на Стирија се околу 22-от степен, со висок ризик од дожд.
Луис Хамилтон на последната трка во Канада ја зголеми неговата предност пред својот тимски колега на 17 поени. Нико Розберг најави дека на оваа трка ќе атакува на Победата со максималниот потенцијал на својот Мерцедес АМГ. Непознаница е само кој болид ќе биде на последното место од Подиумот, за кое од тимот на Вилијамс најавуваат многу поголема борба со Ферари, по најновите надградби кои би требало значително да ги зголемат нивните перформанси. Оваа патека секако дека им одговара по минатогодишната Пол позиција освоена од Фелипе Маса.
На крај една анегдота поврзана за Австриското ГП: Во старите Ф1 денови сточарите од овој регион се бунеле дека поради големата бучава на Ф1 болидите нивните крави престанувале да даваат млеко на една недела. Новите турбо хибридни ПЕ, не создаваат многу бука, па се надеваме дека нема ни да ги забележат :).
2015 АВСТРИЈА ГП: НЕКОЛКИ ФАКТИ ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА ТРКАТА
6/19/2015 10:23:00 AM
0
Tags
Share to other apps