По завршувањето на Европската турнеја, по брзите и историски патеки како СПА и Монца, Формула 1 се сели на Азискиот континент, место каде историјата на овој спорт е во зачеток, но, затоа патеките се ултра-модерни. Следува Големата Награда на Сингапур, првата и единствена трка во календарот што се вози под рефлектори.
Покрај фактот дека се работи за ноќна трка, за да се задржи Европското вообичаено време за старт на трките во 14:00 часот, постојат и голем број на други фактори кои Марина Беј патеката ја прават уникатна. Во однос на времетраењето, тоа обично е најдолгата трка во сезоната, често траејќи блиску до рокот од два часа, што значи дека болидите стартуваат со резервоари наполнети до врв. Тоа е, исто така, трка на која статистички постои најголема шанса за излегување на безбедносно возило и дожд. Сите овие елементи влијаат на стратегиите на тимовите.
И покрај тоа што се вози ноќе, температурата е висока, околу 30°С, со влажност на воздухот од околу 75%. Има мала модификација на патеката за оваа година, делот кој поминуваше преку Андерсон мостот. Застанувањето за промена на гуми е едно од најдолгите во сезоната, кое во комбинација со изборот на смеши на Пирели, предвидува три пит стоп застанувања.
Со 23 кривини, блиски бариери, Марина Беј, исто како и Монте Карло, бара целосна фокусираност и концентрација од возачите за време на целиот тркачки викенд. Откако се приклучи во календар во 2008 година, на Сингапур ГП победуваат само тројца возачи, Фернандо Алонсо во 2008 и 2010 година, Луис Хамилтон во 2009 и 2014 година, како и Себастијан Ветел со три победи во 2011, 2012 и 2013 година.
Сингапур ГП-то ќе биде долга трка, на која може да видиме многу различни и интересни стратегии. Разликата помеѓу двете хоминирани смеши на Пирели се очекува да биде во распонот од 1.8 - 2.2 секунди, поради што може да биде една од најинтересните или спротивно најдосадните два часа во овогодинешниот Шампионат. Временскиот распоред е малку изменет од стандардната Европска саатница.
ВО ПРЕСРЕТ НА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА СИНГАПУР
9/17/2015 03:47:00 PM
0
Share to other apps

