До кога ќе гледаме нагоре на табеливе!?!
Дека ова е ден на Нико Розберг се виде уште при Q1 сесијата кога го постави најбрзото време, пред Валтери Ботас, а Хамилтон беше само трет најбрз во вториот болид на Мерцедес АМГ. Дуото на Сребрените стрели успеа да ја помине првата сесија само со користење на меките гуми, додека сите останати се префрлија на супер-меките гуми на Пирели.
По првите 18 минути елиминирани беа Фернандо Алонсо на 16-тата стартна позиција, проследен од Маркус Ериксон со Заубер и двата болиди на Манор, Вил Стивенс пред Роберто Мери. Карлос Саинц ЈР. по големиот инцидент на 3-от Тренинг не се појави на овие квалификации. Тој се чувствува одлично и 90% ќе стартува на утрешната трка.
За разлика од Шпанецот, кој има 35 казнени места поназад, Џенсон Батон успеа да го протне својот Мекларен во Q2.
Мерцедес АМГ повторно доминираше и во Q2 сесијата и повторно Нико Розберг го забележа најбрзото време. Луис Хамилтон сега беше втор, со Ботас зад него. При последните 2 минути од сесијата во опасната зона беа Рикиардо, Наср, Батон, Маса и Малдонадо. Рикиардо беше првиот што си обезбеди пласман во Топ 10, но за разлика од него, Данил Квјат кој беше на 9-тата позиција како што изминуваше времето почна брзо да паѓа надолу во поредокот за да се најде на 12-тата позиција.
Тој повторно излезе на патеката, малку го подобри своето време, но доволно само за 11-тата позиција. Зад него се пласираа Наср, Батон, Малдонадо и разочарувањето на денот Фелипе Маса, кој направи грешка при својот брз круг, за старт од далечната 15-та позиција.
Главниот проблем на возачите беше како брзо да се загреат супер-меките гуми на Пирели, поради многу мазниот асфалт во Сочи. Нико Розберг и Мерцедес АМГ го решија тоа со форсирање при вториот круг во едно излегувањ. При тоа Нико Розберг повторно за три десетинки од секунда побрз од тимскиот колега. Стандардно Валтери Ботас го имаше третото најбрзо време, скоро половина секунда заостанување зад Хамилтон, но и безбедно растојание и пред четвртопласираниот Себастијан Ветел со Ферари.
При вторите обиди немаше подобрување на времињата кај возачите на Мерцедес АМГ, исто како и Финецот во Вилијамс на третата позиција. Само Себастијан Ветел имаше подобрување, но недоволно за напредок, па мораше да се задоволи со четвртата стартна позиција, пред Кими Раиконен кој го имаше 5-тотоп најбрзо време. Следуваа возачите на Форс Индија, Хулкенберг и Перез, пред Грожан, Ферстапен и Рикиардо.
Трката за Големата Награда на Русија ќе стартува еден час од вообичаеното, т.е. 13:00 МК.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА РУСИЈА
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ РАЗЛИКА
1. Нико Розберг Мерцедес АМГ 1:37.115
2. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1:37.433 + 0.320
3. Валтери Ботас Вилијамс 1:37.912 + 0.799
4. Себастијан Ветел Ферари 1:37.965 + 0.852
5. Кими Раиконен Ферари 1:38.348 + 1.235
6. Нико Хулкенберг Форс Индија 1:38.659 + 1.546
7. Серџо Перез Форс Индија 1:38.691 + 1.578
8. Роман Грожан Лотус 1:38.787 + 1.674
9. Макс Ферстапен Торо Росо 1:38.924 + 1.811
10. Даниел Рикиардо Ред Бул 1:39.728 + 2.615
Q2 Најбрзо време: Нико Розберг 1:37.500
11. Дањил Квјат Ред Бул 1:39.214 + 1.714
12. Фелипе Наср Заубер 1:39.323 + 1.823
13. Џенсон Батон Мекларен 1:39.763 + 2.263
14. Пастор Малдонадо Лотус 1:39.811 + 2.311
15. Фелипе Маса Вилијамс 1:39.895 + 2.395
Q1 Најбрзо време: Нико Розберг 1:38.343
16. Фернандо Алонсо Мекларен 1:40.144 + 1.801
17. Маркус Ериксон Заубер 1:40.660 + 2.317
18. Вил Стивенс Манор 1:43.693 + 5.350
19. Роберто Мери Манор 1:43.804 + 5.461
20. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо не учествуваше
107% време: 1:45.227

