Себастијан Ветел беше втор, додека Серџо Перез го забележа неговиот и на тимот на Форс Индија прв пласман на подиумот во оваа сезона. Мексиканецот профитираше од судирот помеѓу Валтери Ботас и Кими Раиконен во последниот круг од трката.
Стартувајќи од Пол позицијата, Нико Розберг успеа да го задржи првото место по излезот од првиот свиок и покрај притисокот од Хамилтон. Зад дуото на Мерцедес АМГ, Кими Раиконен направи одличен старт од петтата позиција и ги претекна Ветел и Ботас за третото место.
Најголемите проблеми ги имаше Нико Хулкенберг, кој стартувајќи од седмата позиција се изврте при вториот свиок, удирајќи се со болидот на Макс Ферстапен, кој заработи дупната гума и мораше да влезе во боксот за промена на гумите. Таа среќа ја немаше Маркус Ериксон, кој не можеше да го избегне болидот на Хулкенберг и заврши директно во него. Трката за нив двајца беше завршена во тој момент.
Инцидентот го изведе безбедносното возило, што беше искористено од страна на Роман Грожан да влезе во бокс и да ја провери состојбата на своето предно крило, по хаосот и многуте остатоци во вториот свиок, воедно префрлајќи се од супер-меки на меките гуми на Пирели.
Кога сме кај овој Италијански производител, Берни изјави дека постигнале нов договор за снабдување на Ф1 тимовите се до 2019 година.
Кога трката беше рестартирана, Ботас успеа да го претекне Раиконен за да се врати на третото место. Кога Розберг е напред нешто мора да фали на неговиот болид, па така беше и на оваа трка, т.е. веќе по неколку круга им јави на своите инженери дека педалата за гас на неговиот болид не функционира. Набрзо беше поминат од Хамилтон, Ботас, Раиконен... Проблемите беа очигледни и нерешливи па тој мораше да се повлече од трката.
Хамилтон го предводеше колото, со нешто повеќе од две секунди пред Ботас, Раиконен, Ветел. Перез беше три секунди зад Ветел на петтото место, со Дањил Квјат на шестото пред тимскиот колега, Даниел Рикиардо. Фелипе Наср беше осми, со само 0.7 секунди пред Фелипе Маса кој веќе се беше искачил на деветтото место по стартот од 15-тата позиција.
Додека ги средувавме импресиите од првото излегување на безбедносното возило, тоа повторно беше распоредено на патеката во 12-от круг откако Роман Грожан изгуби контрола врз својот болид поминувајќи низ третиот свиок и на брутален начин го уништи во бариерите покрај патеката. Судирот изгледаше страшно, но Французинот излезе неповреден од овој инцидент.
Перез и Рикиардо го искористија периодот на безбедносното возило за да ги променат почетните супер-меки за меки гуми. Хамилтон беше во водство пред Ботас, Раиконен, Ветел, додека Квјат сега беше на петтото место пред Наср, Маса и Малдонадо, кој стартуваше на меки гуми, Перез и Рикиардо.
Рестартот во 17-от круг донесе многу возбудувања. На Ботас му беше соопштено дека Хамилтон се мачи со загревањето на своите гуми зад безбедносното возило и дека треба да се нападне со полна пареа откако безбедносното возило ќе ја напушти патеката. Сепак, Луис Хамилтон се одржа на водечката позиција.
Зад нив, Ветел се обиде да го претекне својот тимски колега за третото место во вториот свиок, а Финецот беше приморан да излезе надвор од патеката, но го задржа третото место. Ветел не се откажа од нападите и на крај му успеа да го претекне неколку свиоци подоцна.
При овој рестарт успешни претекнувања имаа Перез vs Малдонадо за 8-то место и Карлос Саинц ЈР. vs Рикиардо за 10-тото место, но возачот на Ред Бул си го поврати местото веќе во следниот круг. Хамилтон грабеше напред пред Ботас и на почетокот од 23 круг имаше импресивни 6.3 секунди предност и беше речиси една секунда по круг побрз од Финецот.
Валтери Ботас прв се реши за промена на гумите во 27 круг, но на тактичарите на Вилијамс слаба точка им е да направат добра стратегија, па Финецот излезе во гужва зад Саинц на 11-тото место. Ветел беше следниот од фаворитите што ги посети своите механичари во 31-от круг. Неговиот пит-стоп беше рекордно брз од 2.2 секунди, па тој излезе пред Ботас. Кими Раиконен влезе во бокс на крајот од следниот круг, враќајќи се на патеката паралелно со Ботас, кој мораше со крајни напори да ја одбрани својата позиција.
Следен кој ги посети своите механичари беше Луис Хамилтон, што на момент го остави Дањил Квјат на водечката позиција, пред домашната публика. За жал тој немаше многу време да ужива во моментот, бидејќи и тој мораше во бокс за промена на гуми. Се врати на 9-тото место, пред болидите на Мекларен.
По завршувањето на сите пит-стопови, Хамилтон водеше со предност од 13 секунди пред Ветел, а Серџо Перез профитираше од неговиот пит-стоп за време на второто излегување на безбедносното возило и се најде на третото место пред Рикиардо, Ботас, Раиконен, Саинц, Квјат, Маса и Батон на местата кои носат поени.
Борбата на Перез и Рикиардо беше да ги сочуваат што подобро своите гуми под притисокот на болидите со посвежи гуми, Ботас и Раиконен. Во 43-от круг Рикиардо падна во ДРС зоната на петто пласираниот Ботас, додека третопласираниот Перез имаше видливи проблеми со абењето на предните гуми.
Рикиардо не можеше да издржи повеќе и беше поминат од страна на Ботас во 45-от круг. Веднаш се најде под притисок и на другиот Финец, Кими Раиконен, се бранеше, но на крајот на главниот правец немаше никакви шанси. Напорната работа на Австралијанецот падна во вода веќе следниот круг кога мораше да се повлече од трката. Тој им јави на своите инженери дека нешто се скршило на болидот, амортизацијата или нешто друго.
Проблеми и за Саинц ЈР. кој во тие моменти беше на 9-тото место. Повторно го издадоа неговите сопирачки и тој по две извртување мораше да ја заврши трката во бариерите покрај патеката. Но, ништо драматично како на третиот тренинг.
Во 50-от круг Ботас беше во ДРС зоната на Перез, но претекнувањето на болидот на Форс Индија, кој исто така се придвижува од Мерцедес ПЕ, не беше така лесна задача. На Ботас тоа му успеа на два круга пред крајот на трката, кога тоа го искористи и Кими Раиконен, кој пак се реши со сите сили да се обиде да го помине и својот сонародник. Раиконен направи ризичен потег за престигнување во 4-от свиок во последниот круг. Обидот не успеа, и тој се судри со Вилијамсот, што беше крај на трката за Ботас. Оштетен беше и болидот на Кими Раиконен па тој беше принуден да забави, што го искористи Серџо Перез за да се врати на 3-тото место и пласман на подиумот.
Луис Хамилтон стигна до својата деветта победа во сезоната, со Себастијан Ветел на второ и возачот на Форс Индија на третото место, што беше петти пласман на подиумот во неговата кариера и негов прв по 2014 Бахреин ГП-то. Раиконен беше претекнат од страна на Фелипе Маса за 4-тото место. Шести финишираше Дањил Квјат, пред Наср, Малдонадо, Батон и Алонсо на местата кои носат поени.
После трката имаше промена на местата по изречените казни на Кими Раиконен од 30 секунди за инцидентот со Ботас и Фернандо Алонсо 5 секунди екстра време, поради пречекорување на границите на патеката. Следува трката за Големата Награда на Америка, која се вози на патеката во Остин, Тексас на 25 Октомври.
Голема Награда на Русија, Сочи
53 круга, 304.356км., Време: Сончево.
ПЛАСМАН:
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ
1. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1ч37:11.024
2. Себастијан Ветел Ферари + 5.953
3. Серџо Перез Форс Индија + 28.918
4. Фелипе Маса Вилијамс + 38.831
5. Данил Квјат Ред Бул + 47.566
6. Фелипе Наср Заубер + 56.508
7. Пастор Малдонадо Лотус + 1:01.088
8. Кими Раиконен Ферари + 1:12.358
9. Џенсон Батон Мекларен + 1:19.467
10. Макс Ферстапен Торо Росо + 1:28.424
11. Фернандо Алонсо Мекларен + 1:31.210
12. Валтери Ботас Вилијамс + 1 круг
13. Роберто Мери Манор + 1 круг
14. Вил Стивенс Манор + 2 круга
*2014 Луис Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1ч51:43.021
НАЈБРЗ КРУГ: Себастијан Ветел - 1:40.071
БЕЗ ПЛАСМАН:
Даниел Рикиардо Ред Бул 48
Карлос Саинц ЈР. Торо Росо 46
Роман Грожан Лотус 12
Нико Розберг Мерцедес АМГ 8
Нико Хулкенберг Форс Индија 1
Маркус Ериксон Заубер 1
Генерален пласман по 16 трки:
Возачи: Конструктори:
1. Луис Хамилтон 302 1. Мерцедес АМГ 531
2. Себастијан Ветел 236 2. Ферари 359
3. Нико Розберг 229 3. Вилијамс 220
4. Кими Раиконен 123 4. Ред Бул 149
5. Валтери Ботас 111 5. Форс Индија 92
6. Фелипе Маса 109 6. Лотус 66
7. Дањил Квјат 76 7. Торо Росо 45
8. Даниел Рикиардо 73 8. Заубер 34
9. Серџо Перез 54 9. Мекларен 19
10. Роман Грожан 44
11. Нико Хулкенберг 38
12. Макс Ферстапен 33
13. Фелипе Наср 25
14. Пастор Малдонадо 22
15. Карлос Саинц ЈР. 12
16. Фернандо Алонсо 11
17. Маркус Ериксон 9
18. Џенсон Батон 8

