Има шанса Мерцедес АМГ и Мекларен да бидат на првиот стартен ред...
Болидите на Мерцедес АМГ повторно со најбрзите две времиња, но утре на трката нема да стартуваат од првиот ред, поради казната на Нико Розберг од 5 стартни места поназад за промена на менувачот. Шансата да му се приклучи напред на Луис Хамилтон ја заслужи Нико Хулкенберг забележувајќи го третото најбрзо време. Да напоменеме дека има мала шанса тој да биде казнет поради недоволно намалување на брзината при жолти знамиња во Q1 сесијата. Себастијан Ветел со 4-то најбрзо време, но ќе стартува од 9-тата позиција. Перфектни квалификации за Џенсон Батон, кој по подолго време за Мекларен ќе ја стартува трката од третата позиција.
Сите возачи мораа да ја започнат Q3 сесијата на интермедиа гумите на Пирели, по дождот што започна да паѓа при крајот на Q2, но во последните моменти од истата мораше да се префрлат на гуми за суво, бидејќи асфалтот веќе беше доволно исушен.
Луис Хамилтон превзеде најголем ризик, кој му се исплатеше па заврши половина секинда пред неговиот тимски колега, Нико Розберг. Германецот, иако со второ најбрзо време, ќе стартува од седмата позиција, благодарение на казната поради промена на менувачот. Се тоа беше резултат на неговиот инцидент на денешниот тренинг, по кој механичарите на Мерцедес АМГ на три минути по почетокот на Q1 сесијата успеаа да го состават неговиот болид.
Нико Хулкенберг, кој има искуство при вакви услови, беше првиот возач што се префрли на гумите за суво, што му донесе добар настап и трето најбрзо време, за половина секунда побрзо од тоа на Себастијан Ветел, кој исто така има казна од пет стартни места поназад. Звездата на Ферари, како што подоцна самиот тој изјави, бил незадоволен од своето возење и нерешителноста да ризикува малку повеќе.
Џенсон Батон имаше квалификации за паметење, забележувајќи го петтото најбрзо време со болидот на Мекларен-Хонда, но трката ќе ја стартува од третата позиција, благодарение на казните од Розберг и Ветел. Кими Раиконен беше за само 0.001 секунди побавен од Британецот, но успеа да биде пред болидите на Ред Бул и Вилијамс.
Q2 сесијата започна со најава за дожд, па сите возачи побрзаа на асфалтот, за да постават што побрзи времиња пред да надојдат облаците. Први беа возачите на Мерцедес АМГ кои забележаа брзи кругови на ултра-меките гуми. По нив следуваше дуото на Ферари, но тие излегоа надвор на супер-меките гуми на Пирели, кои траат двојно подолго од ултра-меките.
Ова не остана незабележано од тимот на Ред Бул, па и тие се решија своите возачи да ги пратат на супер-меки гуми. Во текот на последните минути од Q2 и возачите на Мерцедес АМГ се обидоа да реагираат на оваа стратегија на своите ривали, но патеката веќе беше премногу влажна за поставување брзи времиња, па Хамилтон и Розберг ќе стартуваат на помалку погодната најмека смеша.
Лошите временски услови, исто така, го заштитија Батон од можна елиминација, со што тој се најде во Топ 10 пласман, за прв пат од 2014 Абу Даби ГП. Беше за малку побрз од Естебан Гутиерез со Хас, кој ќе мора да стартува од 11-тата позиција. Болидите на Манор конечно пронајдоа патека која одговара на нивните болиди, па Паскал Верлајн ги покажа своите можности со освојување на дванаесеттата стартна позиција, што претставува изедначување на нивниот најдобар резултат во квалификациите.
Роман Грожан при својот прв брз круг на патеката за време на Q2 сесијата беше на употребувани гуми, што подоцна со дождот се покажа како лош потег и мораше да се задоволи со 13-тата позиција на гридот, со заостанување од само 0.150 секунди зад болидот на Манор.
Фернандо Алонсо ја направи истата грешка, па за разлиика од својот тимски колега е далку назад на 14-тата позиција во вториот болид на Мекларен-Хонда. Беше убедливо последен и пред Карлос Саинц ЈР. и Серџо Перез, само поради фактот што двајцата своите настапи ги завршија во Q1 сесијата, по проблемите со нивните болиди. На Торо Росо откажа Ферари ПЕ, додека болидот на Форс Индија имаше скршена задна суспензија.
Кулминација на Q1 сесијата беше во голема мера под влијание на два одделни инциденти за Торо Росо. Прво, Данил Квјат заврши во бариерите, откако се скрши и неговата задна суспензија возејќи по рабниците низ осмиот свиок, што предизвика црвено знаме и упропастување на многу брзи кругови на своите ривали.
Часовникот покажуваше 1:44 секунди до крај на сесијата. Во очекување на рестартот се направи вовче од болиди пред семафорот за излез од боксевите, секој возач нестрпливо чекајќи да постави што побрзо време во последен момент.
Но, следуваше откажување на Ферари ПЕ во вториот болидот на Торо Росо, веднаш по излезот од боксевите, што значеше двојни жолти знамиња и брзите кругови беа невозможни. Нико Хулкенберг беше еден од возачите кои излегоа меѓу првите и успеа да го подобри своето време, па затоа по квалификациите беше пратен кај стјуардите да испитаа дали постапувал во согласност со безбедносните правила при жолти знамиња.
Проблемите на Торо Росо дојдоа во најнезгодно време за возачите на Рено и Заубер, но може да се каже и за Рио Харјанто, кој за прв пат жали што е на 19-тата стартна позиција.
Трката за Големата Награда на Австрија започнува утре во стандардниот термин за Европа - 14:00 часот.
2016 АВСТРИЈА ГП - КВАЛИФИКАЦИИ
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ РАЗЛИКА
1. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1:07.922
2. Нико Розберг Мерцедес АМГ 1:08.465 + 0.543
3. Нико Хулкенберг Форс Индија 1:09.285 + 1.363
4. Себастијан Ветел Ферари 1:09.781 + 1.895
5. Џенсон Батон Мекларен 1:09.900 + 1.978
6. Кими Раиконен Ферари 1:09.901 + 1.979
7. Даниел Рикиардо Ред Бул 1:09.980 + 2.058
8. Валтери Ботас Вилијамс 1:10.440 + 2.518
9. Макс Ферстапен Ред Бул 1:11.153 + 3.231
10. Фелипе Маса Вилијамс 1:11.977 + 4.055
* пет стартни места поназад
Q2 Најбрзо време: Луис Хамилтон 1:06.228
11. Естебан Гутиерез Хас 1:07.578 + 1.350
12. Паскал Верлајн Манор 1:07.700 + 1.472
13. Роман Грожан Хас 1:07.850 + 1.622
14. Фернандо Алонсо Мекларен 1:08.154 + 1.926
15. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо без пост. време
16. Серџо Перез Форс Индија без пост. време
Q1 Најбрзо време: Нико Розберг 1:06.516
17. Кевин Магнусен Рено 1:07.941 + 1.425
18. Џолион Палмер Рено 1:07.965 + 1.449
19. Рио Харјанто Манор 1:08.026 + 1.510
20. Данил Квјат Торо Росо 1:08.409 + 1.893
21. Маркус Ериксон Заубер 1:08.418 + 1.902
22. Фелипе Наср Заубер 1:08.446 + 1.930
107% време: 1:11.172
Данил Квјат со излетување поради скршена суспензија...
Карлос Саинц ЈР. со нова ПЕ за утрешната трка...
Највозбудливата завршница на Q3 сесијата за оваа сезона..