Силверстоун е местото каде што се започна во 1950-тата година со одржување на првата трка во историјата на модерната ера на Формула 1 Шампионатите. Останува домаќин на Големата Награда на Британија до 1954 година, кога го дели настанот со Ајнтри од 1955-1962 година, а од 1963-1986 со Брендс Хеч. Од 1987 година па наваму Силверстоун е единственото место за одржување на овој настан.
Денес, кога Ф1 ја интересираат само пари, пари и пари, лесно може да се случи ова да биде последната трка на оваа патека. Таа се најде во загрозените настани за следната година, па ајде да бидиме дали Берни има храброст да ја направи и оваа лудост. Силверстоун е домашна трка за повеќето Формула 1 тимови, па дури и Хас има европска база во близина на патеката. Повеќето членови на тимовите може да доаѓаат на патеката од своите домови, но сепак тоа не е случај поради сообраќајниот метеж.
Силверстоун е брзa, флуидна пaтека која e комбинација од брзи кривини на почетокот со голем број на бавни кривини кон крајот на кругот. Maggots, Becketts and Chapel се издвојуваат како една од најсложените комбинациии на кривини во шампионатот.
Патеката е изградена на воен аеродром и е на ветровито место, со налети на ветрот што често може да го нарушат балансот на болидите. Временските услови во Силверстоун историски гледано се многу неконзистентни. Често се случувало да има дожд во некоја фаза на тркачкиот викенд.
Варијациите во температурата, исто така, може да бидат доста значајни и да се движат од ниски 18 до веќе 27 степени следниот ден. Се ова има значајна улога во успешното подесување на болидот.
Временската прогноза за оваа година е амбиентална температура околу 20-тиот степен целзиусов во текот на целиот тркачки викенд. Најголемата шанса за дожд од 50% е за време на петочните тренинг сесии. Квалификациската сесија во сабота се предвидува да помине со суво, но облачно време, додека за неделната трка шансите за дожд се 40%.
Силверстоун е широка патека со многу место за излетување околу повеќето свиоци, така што ризикот за излегување на безбедносното возило е минимален. Згора на тоа, маршалите покрај патеката се рангирани меѓу најдобрите во светот, па повеќето инциденти се расчистуваат брзо и ефикасно. Оваа патека е една од подобрите во однос за претекнувањето.
Постојат многу брзи свиоци кои овозможуваат одлични можности за претекнување. Возачите можат да пренесат многу брзина во нив, но, исто така, и да се движат по различни линии при нивното поминување и при излезот, што во суштина е она што доведува до претекнување.
Пирели ги номинираше своите најтврди смеши за една од најтешките патеки во календарот во однос на гумите. Овој избор на смеши е само по втор пат оваа сезона, по првиот направен за Големата награда на Шпанија на патеката Каталуња. Грипот останува најголема потреба за возачите, поради што повеќето од нив во најголем број ги избираа жолтите меки гуми на Пирели.
Секој возач на располагање има тринаесет сета, најмногу одбраа жолти сетови, но, нивниот преостанат избор од тврдите(портокалови) и медиум(бели) се разликува по број на одбрани сетови. Се прогнозира најмногу користење на најмеката смеша, што ќе ги принуди тимовите да одат со стратегија од два пит-стопа, поради високо ниво на грип и на потисна сила. И, се разбира, што помека смеша, гумата толку побрзо се троши.
За разлика од патеките како што на пример е Барселона, постојат многу малку зони на силно сопирање каде што може брзо да се наполнат акумулаторите на ЕРС-системот. Ова значи дека, тимот што има ефикасен ЕРС-систем и при собирање на кинетичката енергија и при имплементирање на неговата енергија, толку побрзи ќе бидат нивните болиди. Со еден збор Мерцедес ќе има огромна предност по тоа прашање, како тим кој го има најдобриот хибриден систем на својот болид.
На оваа патека Пол позицијата не е од големо значење. Во текот на изминатите 18 трки возачот што стартувал од првата позиција само 4 пати бил Победник. Луис Хамилтон, минатогодишниот Победник, е еден од ретките возачи на кого му успеало тоа. Кога сме кај возачите во генералниот пласман води Нико Розберг, со 11 поени предност пред својот тимски колега. Ако оваа сезона е нешто интересно, тоа е борбата помеѓу нив двајцата за Шампионската Титула, која на минатата трка во Австрија заврши на начин кој сите добро го знаете.
Нашето размислување е дека Нико Розберг, нервозен поради откажувањето на сопирачките на само еден круг до крајот на трката, се реши да дејствува на одмазднички начин, како што тоа му го правеше Хамилтон во неколку претходни инциденти помеѓу нив. Но, едно е да помислиш на такво нешто, а друго е да го спроведеш во пракса, што Германецот го направи на многу аматерски начин и целата негативна енергија сега е насочена кон него. Хамилтон беше исвиркан на Ред Бул Ринг, но што го очекува Розберг во Силверстоун?!?
Од тимот на Мерцедес АМГ решението го најдоа во следното соопштение: "Ние веруваме дека тркањето е суштината на Формула 1, вклучително и помеѓу тимските колеги. Како страствени тркачи, ние сакаме да ги видиме како се тркаат, а тоа го сакаат и Ф1 фановите. Сепак, оваа слобода доаѓа со обврска за нашите возачи да ги почитуваат вредностите на тимот. Во последните пет трки, имавме три инциденти кои не чинеа повеќе од 50 поени во шампионатот на конструкторите. Затоа ние ги ревидиравме интерните правила на борба како би се одбегнале непотребни контакти помеѓу нашите болиди"
"Со помош на овие правила, ние веруваме дека нашите возачи, ќе се справат со секоја ситуацијата помеѓу нив на вистинскиот начин. Нивната судбина е во нивни раце. Возачите, исто така, беа потсетени дека ние може да дадеме инструкции за време на трката за заштита од потенцијални загуби на поени кај конструкторите, како што ние го сторивме тоа на овогодинешната трка во Монако, кога на Нико му беше наложено да го пропушти Луис да помине напред. Ако возачи не ги почитуваат ревидираните правила на борба, ние може да наметнеме тимски наредби како крајно решение."
ВО ПРЕСРЕТ НА БРИТАНСКОТО ГРАН ПРИ
7/07/2016 05:20:00 PM
0
Share to other apps