Луис Хамилтон стартуваше од Пол позицијата и ја задржа неговата предност по излезот од првиот свиок, пред Себастијан Ветел, кој по не толку добриот старт ги издржа нападите на Валтери Ботас за второто место. Неговиот тимски колега од Ферари, Кими Раиконен ја немаше таа среќа и не успеа да се одбрани од Даниел Рикиардо кој го претекна за четвртото место.
Целата ситуација брзо се промени, откако неискусниот возач на Вилијамс, Ленс Строл, по кој знае кој пат изгуби контрола врз својот болид и заврши во чакалот покрај патеката, но за волја на вистината беше значително потпомогнат од Серџо Перез. Следуваше период на Виртуелно безбедносно возило, но тоа не беше крај на излетувањата.
Веднаш потоа, Антонио Џовинаци го уништи болидот на Заубер по судирот со бариерите покрај патеката, точно на стартно/целната рамнина, па мораше да биде воведено и вистинското безбедносно возило.
Во тимот на Ферари се решија за промена на интермедиа гумите со гуми за суво за време на ВБВ, одлука што скапо ги чинеше по инцидентот на Џовинаци, па Германецот падна во поредокот зад својот тимски колега и болидите на Ред Бул.
По распоредувањето на безбедносното возило повеќето возачи ги заменија интермедиа гумите, со што Даниел Рикиардо, на супер-меки гуми, се искачи на второ место зад Хамилтон кој се реши за меките гуми на Пирели.
Во овие почетни и хаотични моменти, главна звезда беше Макс Ферстапен, кој леташе на патеката и од 16-тата стартна позиција на крајот од првиот круг веќе беше на седмото место. Дополнително по периодот на безбедносните возила и промената на гуми, тој го претекна Раиконен, а потоа со потегот на денот го помина и тимскиот колега, Рикиардо, за второто место.
Австралијанецот наскоро се најде под притисок од четврто и петто пласираните возачи на Ферари, Кими Раиконен и Себастијан Ветел, но Ред Булот одолеваше на нападите, ситуација што им овозможи на Хамилтон и Ферстапен да направат солидна предност. На почетокот од 20 круг, Хамилтон беше 3.6 пред Ферстапен, а Холанѓанецот беше 5.1 секунди пред Рикиардо.
Притисок врз Рикиардо се интензивираше кога Ветел го помина Раиконен, откако се виде дека Финецот нема решение за болидот на Ред Бул пред себе.
Промената на позиции за тимот на Ферари веднаш вроди со плод откако Германецот превзеде многу повеќе ризик и успеа да го претекне Рикиардо, во супер интересен дуел во кој дојде и до контакт помеѓу двата возачи, за на крај РБ13 да биде приморан да попушти пред СФ70Х.
Возачот на Ферари веднаш тргна во потера на Ферстапен и разликата од 4.9 ја намали на 1.8 секунди во рок од четири круга. Темпото на Ветел беше екстремно брзо и веќе во 29 круг му се укажа првата шанса за претекнување, го нападна болидот на Ред Бул, чии предни тркала блокираа, со што Ветел лесно стигна до второто место. Во тие моменти тој имаше негатива од 12 секунди зад водечкиот Луис Хамилтон.
Следува не многу интересен период до вторите застанувања за промнена на гумите, откако стана јасно дека тие нема шанси да издржат до крајот на трката, како што на почетокот од вторите стинтови се понадеваа повеќето тимски инженери, а и самите возачи. Да ја одбележиме и одлична трка за Алонсо и Мекларен до тој момент, кога се наоѓаа на високото седмо место за нив. Но, следува реприза на Австралиското ГП, кога тој сега беше нападнат од Карлос Саинц ЈР. со болидот на Торо Росо, кој успешно помина напред, за во истиот тој момент Шпанецот пријави дека со неговиот болид е се готово. Двата Мекларени беа надвор од игра.
По вторите замени на гумите, Хамилтон водеше пред Раиконен, кој не влезе во бокс, а инженерите на Ферари, бараа од него да издржи на истиот сет до самиот крај. Финецот само им одговори, дека има 20 круга до крајот, тој веќе нема грип на предниот дел од болидот и дека тоа не е возможно.
Влезе по нови гуми во 40 круг и Ветел повторно се пресели на второто место, овој пат 9.5 секунди зад Хамилтон. Раиконен, пак, падна на шестото место зад Саинц. Германецот се обиде да го стигне Хамилтон, но Британецот секогаш одговараше на неговот темпо и безбедно стигна до 54-та Победа во својата Ф1 кариера.
Во завршните моменти од трката Рикиардо изврши голем притисок врз својот тимски колега, но безуспешно, па Ферстапен ја помина целната линијата на третото место и го забележа неговиот осми пласман на победничкиот подиум. Рикиардо беше принуден да се задоволи со четвртото место, пред Кими Раиконен и Карлос Саинц ЈР.

Кевин Магнусен го освои првите поени за тимот на Хас со осмото место, пред дуото на Форс Индија, со Серџо Перез пред Естебан Окон за заокружување на поредокот кој носи поени.
Голема награда на Кина, Шангај.
56 круга, 305.066км., Време: Облачно.
ПЛАСМАН:
П. Возач Тим Време
1. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1ч37:36.158
2. Себастијан Ветел Ферари + 6.250
3. Макс Ферстапен Ред Бул + 45.192
4. Даниел Рикиардо Ред Бул + 46.035
5. Кими Раиконен Ферари + 48.076
6. Валтери Ботас Мерцедес АМГ + 48.808
7. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо + 1 круг
8. Кевин Магнусен Хас + 1 круг
9. Серџо Перез Форс Индија + 1 круг
10. Естебан Окон Форс Индија + 1 круг
11. Роман Грожан Хас + 1 круг
12. Нико Хулкенберг Рено + 1 круг
13. Џолион Палмер Рено + 1 круг
14. Фелипе Маса Вилијамс + 1 круг
15. Маркус Ериксон Заубер + 1 круг
Најбрз круг: Луис Хамилтон - 1:35.378
БЕЗ ПЛАСМАН:
Возач Тим
Фернандо Алонсо Мекларен
Данил Квјат Торо Росо
Штофел Вандорн Мекларен
Антонио Џовинаци Заубер
Ленс Строл Вилијамс
Генерален Пласман по 2-ра трка:
Возачи: Конструктори:
1. Себастијан Ветел 43 Мерцедес АМГ 66
2. Луис Хамилтон 43 Ферари 65
3. Макс Ферстапен 25 Ред Бул 37
4. Валтери Ботас 23 Торо Росо 12
5. Кими Раиконен 22 Форс Индија 10
6. Даниел Рикиардо 12 Вилијамс 8
7. Карлос Саинц ЈР. 10 Хас 4
8. Серџо Перез 8
9. Фелипе Маса 8
10. Кевин Магнусен 4
11. Естебан Окон 2
12. Данил Квјат 2





