Формула 1 Шампионатот од овој викенд се сели на Американскиот континент, со почетна точка Остин, Тексас, за 18-тата трка од 2018 календарот. Патеката на Америките(Circuit of the Americas-COTA) е првиот објект во САД наменски изграден за Формула 1 трки. Херман Тилке дизајнираше ултра-модерен комплекс кој ги има обележјата на Тексас, но и копии на најпознатите свиоци од останатите Ф1 патеки.
Главни нејзини карактеристики се природните промени во елевацијата, вклучувајќи ја 40 метарската нагорнина кон првиот свиок кој е главното обележје на "Патеката на Америките". Потегот од третиот до деветиот свиок претставува низа од брзи свиоци кои потсетуваат на Maggots-Becketts-Chapel од Силверстоун или Esses во Сузука. Втората половина од техничкиот дел од кругот, завршува со низа на бавни свиоци кои потсетуваат на Хокенхајм.
Големата Награда на Соединетите Држави е еден од најпосетените настани во Ф1 календарот со што Остин, полека станува нов дом за Формула 1 во САД. Главна знаменитост во комплексот на оваа патека е 25-катната Кула за набљудување-ЛИНК.
Од Пирели за оваа трка ги номинираа ултра-меките, супер-меките и меките, кои се покажаа како најпогодни за користење во оваа сезона.
На трката во Јапонија Луис Хамилтон речиси ја осигура Шампионската Титула, а се истакнува и како главен фаворит за Победата на оваа трка. Оваа улога ја заслужи со четирите последователни Победи на претходните трки, но и со фактот што во шесте трки што се досега одржани во Остин, Хамилтон победи на пет од нив.
Единствениот возач, кој покрај Британецот има победа на патеката на Америките, е негов главен конкурент во шампионатот, Себастијан Ветел, но тоа беше одамна, во 2013 година. Германецот мора да победи ако сака да остане во борба за Титулата, каква-таква. Ситуацијата во шампионатот е таква што Хамилтон може да ја осигури 5-тата Титула, доколку освои 8 поени повеќе од Ветел.
ВО ПРЕСРЕТ НА ТРКАТА ВО ОСТИН, ТЕКСАС
10/18/2018 12:30:00 PM
0
Share to other apps




