Претпоследната трка од оваа 2018 Ф1 сезона ќе се одржи за Големата Награда на Бразил, на патеката Хозе Карлос Паче во Сао Паоло. Тука се вози еден од најкратките, но и најинтензивни кругови во календарот, што претставува голем предизвик за возачите и тимовите.
Тоа е една од неколкуте трки кои се возат спротивно на стрелките од часовникот и се состои од кривулест дел помеѓу свиоците 6 и 12, со три долги правци помеѓу свиоците три и четири, пет и шест, и после 14-от свиок до почетната "S"(Сена) шикана. Воедно, завршетокот на трето споменатиот правец е најидеалното место за претекнување.
Во минатото кога трките кои се возат во спротивна насока биле новост, тие биле тешки за навикнување за возачите. Во модерната ера, тоа повеќе би предизвикало механички проблеми на болидите, како "бегање" на горивото, водата, маслото спротивно од нивните пумпи.
Како и при секој тркачки викенд инженерите треба да најдат добар сет-ап на болидот со компромис на потисната сила која е посакувана низ тесниот и кривулест дел, но, непосакувана на правците, каде што болидот треба да постигне што е можно поголема максимална брзина.
Пирели во Бразил ги носи белите медиум, жолтите меки и црвените супер-меки гуми. Номинацијата е иста како и минатата година, но всушност тие се еден чекор помеки, бидејќи сите смеши во 2018 година се еден чекор помеки од нивните претходници од 2017 сезоната.
Затоа би требало да очекуваме и побрзи времиња по круг. Во Бразил имаме две ДРС зони. Првата зона има точка на детекција на апексот од вториот свиок и точка на активација 30 метри по третиот свиок. Втората зона има точка на детекција 30 метри по тринаесетиот свиок и точка на активација 160 метри пред 15-от свиок.
Минатогодишната победничка стратегија беше супер-меки, па меки, но исто така беше користена и стратегија со две застанувања во бокс. Еден пит-стоп е најверојатната стратегија на повеќето тимови и за оваа година. Трката во Бразил често е мошне непредвидлива, во голема мера благодарение на лошото време.
Прогнозата за оваа година најавува променливи временски услови за време на викендот, со можност за дожд.
Во петок, ќе имаме облачно време, со неколку периоди на дожд и грмотевици. Најголеми шанси од 60% се најавени во периодот од 11:00 13:00 часот, т.е. за време на одржување на првиот тренинг. Температурата на воздухот ќе се движи околу 22-23 степени, со вистинско чувство на 25-27 степени.
Во саботата, ќе биде малку потопло со температура на воздухот до 25 степени и 50% шанса за врнежи за време на тренинг сесијата и помалку за време на квалификациите.
Во неделата, за време на трката ќе биде уште потопло, со температура околу 27 и вистинско чувство на 31 степен. Облачноста останува како најава, но, шансите за дожд се минимални. Минатата година, сите сесии беа одржани на сува патека.
Луис Хамилтон ја обезбеди Шампионската Титула во Мексико, второто место на Себастијан Ветел е недостижно, па како најинтересна битка за следење ќе ни биде за третото место во генералниот пласман на возачи за кое во игра се Кими Раиконен, 236, Валтери Ботас, 227, и Макс Ферстапен, 216 поени.
Кај конструкторите Титулата математички сеуште не е обезбедена, но тешко да биде одземена на Мерцедес АМГ, тим кој има 55 поени преност пред Ферари. Со потенцијални 86 поени во игра, Ферари би требало да го победи Мерцедес АМГ со минимум 13 разлика на Бразилското ГП за оваа битка да се пресели на последната трка во сезоната, т.е. Абу Даби ГП-то.
Михаел Шумахер е најуспешниот возач на оваа патеката со 4 Победи, а Себастијан Ветел овој викенд ќе има шанса да го изедначи овој рекорд по победите во 2010, 2013 и минатата 2017 година. Мекларен е најуспешниот тим на ГН Бразил, 12 Победи, додека Ферари се најуспешниот тим на оваа патека, Хозе Карлос Паче, со 9 Победи.
Детален временски распоред на викендот на следниот ЛИНК.
НАЈАВА НА БРАЗИЛСКОТО ГРАН ПРИ
11/08/2018 10:47:00 AM
0
Share to other apps