Red Bull Advanced Technologies разви иновативен систем за заштита на кокпитот на Индикар болидите, кој ќе биде претставен во највисоката класа на американските формула шампионати на почетокот од 2020 сезоната.
Новиот систем за безбедност на возачот е дизајниран да го намали ризикот од повреда од летечки крш или други предмети кои ја зафаќаат областа на кокпитот. Се состои од балистички штит зацврстен за кокпитот на болидот со титаниумски рам.
Кога ќе биде вграден во болидите, се очекува дека неговиот капацитетот на заштита ќе изнесува 150 килоњутни, што е еквивалентно на ХАЛО-системот во Формула 1.
Освен тоа, ламинатниот поликарбонат ќе вклучува и антирефлектирачки слој во внатрешноста на штитот, интегриран грејач против замаглување и, можеби, заштитни ленти, кои ќе бидат произведени од страна на трети компании.
Red Bull Advanced Technologies, исто така, ќе работи на понатамошно подобрување на системот, со опција за ладење на кокпитот, кое ќе биде дизајнирано заедно со официјалниот производител на Индикар шасии, Далара.
Технолошкото партнерство беше најавено на заедничката прес-конференција на познатиот Индијанаполис Мотор Спидвеј.
Главниот извршен директор на Red Bull Advanced Technologies и Тимски шеф на Ред Бул Рејсинг, Кристијан Хорнер, рече: "Уште со првите прототипови кои беа развиени и демонстрирани во 2016 година, потенцијалот на Аероштитот за подобрување на безбедноста на возачите во случај на фронтални удари во областа во кокпитот на болидите беше кристално јасен."
"Ова ново партнерство со Индикар Шампионатот ни овозможува целосно да го истражиме тој потенцијал и да доставиме систем за заштита кој ќе помогне да се спречат сериозни повреди и потенцијално спасување на животите во врвниот амерички шампионат на формула болиди."
"Во текот на следните месеци ќе соработуваме со Индикар и нивните возачи за да го подобриме и усовршиме Аероштитот и со нетрпение очекуваме да го видиме крајниот производ на болидите во 2020 година."
Џеј Фрај, Претседател на Индикар Шампионатот, додаде: "Овој заеднички труд за Аероштитот изразува неизмерна посветеност и страст за подобрување на безбедноста на возачот."
"Би сакале да им се заблагодариме на сите во Red Bull Advanced Technologies за креирање на дизајнот кој ќе биде значаен во еволуцијата на безбедност на мотоспортот не само за Индикар шампионатот, туку и од глобална перспектива."
По завршувањето на конечниот дизајн на Аероштитот од страна на Red Bull Advanced Technologies, раководните лица на Индикар шампионатот планираат да го тестираат во пракса на почетокот на ова лето, со помош на селектирани возачи од шампионатот. Аероштитот треба да се испорача до сите тимови до оваа есен, 2019 година.
АЕРОШТИТОТ НА РЕД БУЛ ЌЕ ДЕБИТИРА ВО ИНДИКАР
5/24/2019 10:59:00 PM
0
Share to other apps








