Тимот на Мекларен e првиот што го претстави својот нов болид за 2021 сезоната. Името остана исто, MCL35, нагласувајќи го континуитетот со минатогодишниот болид, но е додадена буквата М, што го симболизира преминот кон ПЕ на Мерцедес-Бенц. Британците потрошија најголем дел од дозволените токени за адаптација на болидот кон погонските единици на Мерцедес-Бенц.
Презентацијата започна невообичаено доцна, 20:00 часот по македонско време, но, тоа беше направено за американските партнери на тимот и нивните фанови на американскиот континент да имаат позгоден временски распоред за следење на презентацијата.
Традиционално болидот беше претставен во Вокинг, овој пат без присутни новинари и фанови, поради ограничувањата што ги предизвика пандемијата на коронавирусот, но тимот организираше директен пренос на социјалните мрежи, а специјални гости беа присутни на големиот екран преку апликацијата Zoom.
Презентацијата се покажа како многу креативна, a домаќин на истата беше Натали Пинкам, популарна водителка на Скај Ф1. Ландо Норис беше првиот кој дојде во студиото, но по неколку минути се придружи и Даниел Рикардо. Беше изненаден со кратко видео со желби од неговите родители и внукот.
После тоа, беше прикажано видео, снимено во британското студио на Марк Нопфлер, каде возачите, заедно со професионални музичари, учествуваа во снимањето на химната на Мекларен. Потоа им беше дадена шанса на фановите да постават неколку прашања преку Зум. Првиот половина час од презентацијата помина без нов болид.
Подоцна, генералниот директор на Мекларен Групацијата, Зак Браун, и Андреас Зајдл, тимскиот шеф на Мекларен им се придружија на возачите, на претходно снимено видео, по што беше тргната покривката од новиот MCL35M.
Обојувањето на новиот болид е речиси идентично од минатата година со склад со папаја портокалова и сина боја, карактеристика на тимот од почетоците во 60-тите години на минатиот век. Во споредба со минатата сезона има неколку разлики поврзани со доаѓањето на нови партнери.
MCL35M е еволуција на минатогодишниот болид, модифициран земајќи ги предвид ажурираните регулативи за аеродинамика и интеграцијата на погонската единица на Мерцедес со ознака Mercedes-AMG M12 E Performance. Она што веднаш им падна во око на фановие е недостатокот од Мерцедес обележја на болидот.
Андреас Зајдл, тимскиот шеф го објасни тоа: "Ние сме Мекларен, Мерцедес само не снабдува со погонски единици. Не сме во Формула 1 да рекламираме други брендови и нешто што ние го плаќаме, тоа е само алатка за наш подобар успех."
Минатата сезона тимот заврши на третото место во шампионатот на конструктори, забележувајќи го својот најдобар резултат од 2012 година. Општо земено, техничките регулативи речиси и не се променија, така што тимот очекува уште поинтензивно ривалство во претстојната сезона.
Мекларен беше единствениот тим што повторно мораше да изврши хомологација на шасијата, бидејќи останатите ќе ја користат истата шасија од 2020 година. Тимот ја немаше оваа можност поради преминот кон ПЕ на Мерцедес-Бенц.
Со преминот кон новата ПЕ, задниот дел на шасијата, распоредот на менувачот, изгледот на системот за ладење значително се променија, како и електронските системи и контролни единици.
Поради ограничувања со коронавирусот, хомологацијата се случи преку интернет. Претставниците на ФИА не беа во можност физички да присуствуваат на Crash-тестот, но беа инсталирани камери од секој можен агол, а ФИА внимателно го следеше секој чекор од процесот.
Покрај новиот болид, тимот ја претстави и новата возачка постава, Ландо Норис и Даниел Рикиардо, победникот на седум Ф1 трки. Двајцата во текот на утрешниот ден ќе го испробаат MCL35M на патеката Силверстоун, како дел од дозволениот филмски ден. На 12 март, заедно со ривалите, тимот ќе започне со зимски тестови.
Ландо Норис: "Следува мојата трета сезона во Формула 1, јас се чувствувам посамоуверено и поискусно, што ми помага постојано да напредувам. Во текот на зимата, се обидов да се подготвам што е можно подобро. Оваа година би сакал да одаме во земјите каде не можевме да настапиме во минатата сезона. Се надевам дека за брзо време ќе ги видиме фановите на патеката, бидејќи тие ја создаваат атмосфера каде и да се тркаме. Пред нас е уште една тешка сезона, ќе имаме силни ривали, но се радувам на трките и ќе дадам се од себе на патеката."
Даниел Рикардо: "Одлично е конечно да се започне со работа во Мекларен, се чини дека помина цела вечност откако го објавивме договорот во мај минатата година. Воодушевен сум што станав возач на Мекларен и со нетрпение го очекувам почетокот на сезоната."
Во текот на изминатите неколку години, тимот имаше неверојатен напредок, сакам да помогнам да продолжи во истиот дух. Поминав неколку недели во Велика Британија за да се навикнам на тимот и да се подготвам што е можно подобро за сезоната. Бев срдечно пречекан во Мекларен, од самиот почеток постои чувство на солидарност, ентузијазам и фокус на резултатите!"
"Мотивиран сум и со нетрпение ја чекам новата сезона во Формула 1, сакам да дадам се од себе. Со искуство, желбата за успех само ми се засили, се радувам на следната фаза во мојата кариера."
Андреас Зајдл, тимски шеф на Мекларен: "Сите во Мекларен се подготвени за новата сезона и се радуваат на продолжување на интензивната битка на патеките. Оваа зима, ние, заедно со колегите во Mercedes High Performance Powertrains, работевме напорно за да го создадеме MCL35M и да им обезбедиме на нашите возачи конкурентен болид. Задачата не беше лесна, па сакам да им се заблагодарам на сите наши вработени, кои работеа во технолошкиот центар или од дома, за нивните огромни напори."
"Знам дека Ландо и Даниел ќе направат се што е можно за да можат адекватно да го претставуваат нашиот тим на патеката зад воланот на овој болид. Сите сме задоволни од напредокот на Ландо. Денес тој е еден од најбрзите и најперспективни возачи во шампионатот. Доаѓањето на Даниел Рикардо кај нас го потврдува нашиот напредок. Даниел е Победник, а неговата енергија и искуство во голема мера ќе му помогнат на Мекларен на патот кон врвот."
Џејмс Ки, технички директор на Мекларен: "Иако техничките регулативи останаа релативно стабилни, имавме бројни аеродинамички измени со кои е важно правилно да се справиме. Со какви било измени во регулативата, постојат можности, а тимот од базата Вокинг работи напорно за да ги искористи во целост, и покрај сите тешкотии."
"Еден од клучните елементи на дизајнот на MCL35M е интергрирањето на погонската единица на Мерцедес со шасијата. Решавањето на овој проблем бараше значителни напори и од тимот и од нашите колеги од Mercedes High Performance Powertrains. И покрај ограничувањето на нашата слобода на дејствување во однос на интеграцијата на ПЕ во претходно хомологираниот болид, тимот заврши одлична работа и можевме да го оптимизираме процесот на дизајнирање."
"Конструкцијата на Ф1 болид не е лесна задача. Овие се најбрзите и технички најпредизвикувачките тркачки автомобили во светот, но на сите овие тешкотии се додава пандемијата со коронавирусот. Во текот на изминатата година, основниот тим на Мекларен работеше под неверојатно строги ограничувања, чија цел беше да се осигури безбедноста на луѓето. Јас сум многу горд на начинот на кој нашите техничари се справија со овие тестови и ја дизајнираа што е можно поефикасна шасија."
МЕКЛАРЕН MCL35M - ЕВОЛУЦИЈА НА MCL35 СО НОВО МЕРЦЕДЕС СРЦЕ
2/15/2021 08:37:00 PM
0
Share to other apps