Ред Бул потпиша договор со Хонда за користење на нивната технологијата до крајот на 2024 година, и покрај тоа што јапонскиот производител се повлекува од Формула 1 на крајот од оваа сезона. Овој договор се овозможи благодарение на "замрзнувањето" на развојот на погонските единици.
Веднаш по донесување на одлуката, Ред Бул се врати на преговорите со Хонда, го создаде одделот Red Bull Powertrains Limited со седиште во Милтон Кинс, и го постигна потребниот договор. Погонските единици на Хонда ќе ги користат двата тима на компанијата, Ред Бул и АлфаТаури.
Хелмут Марко , консултант на Ред Бул: "Веќе некое време разговараме на оваа тема со Хонда. По одлуката на ФИА за замрзнување на развојот на ПЕ од 2022 година, можевме да постигнеме договор за употреба на хибридните погонски единици на Хонда."
"Благодарни сме на Хонда за нивната соработка и помош, што овозможи Ред Бул и АлфаТаури да продолжат да работат со компетитивни погонски единици."
"Создавањето на Red Bull Powertrains Limited е смел потег за Ред Бул, но ние го презедовме по внимателно и детално истражување. Ние разбираме дека ова ќе бара огромна посветеност, но веруваме дека оваа нова компанија ќе биде најдобрата опција за двата тима."
Кристијан Хорнер, тимски шеф на Ред Бул: "Овој договор е важен чекор за Ред Бул. Од очигледни причини, ние бевме разочарани кога Хонда реши да ја напушти Формула 1, бидејќи нашата соработка беше многу успешна, но ние сме им благодарни за поддршката во потпишувањето на овој нов договор."
"Хонда вложи многу напор и средства во хибридна технологија за да им обезбеди на нашите два тима конкурентни погонски единици. Сега започнуваме со работа за интегрирање на персоналот и производствениот простор во нашиот производствен кампус. Во меѓувреме, ние сме силно фокусирани на постигнување што подобри резултати, во годината која ќе биде последна за Хонда како официјален снабдувач со погонски единици."
Коџи Ватанабе, директор за бренд и комуникации на Хонда: "Хонда е воодушевена што по нашата одлука да се повлечеме од Формула 1 на крајот на 2021 година, бевме во можност да се согласиме дека два тима во сопственост на Ред Бул ќе продолжат да ја користат нашата технологија за ПЕ."
"Ние сме целосно посветени на нашата нова цел да постигнеме нула емисии на јаглерод до 2050 година, затоа ги насочуваме нашите ресурси во Формула 1 кон таа цел. Сепак, како компанија која е во Формула 1 веќе неколку децении, чувствуваме дека ја правиме вистинската работа помагајќи им на нашите два тима и воопшто на спортот."
"Овластувањето за Ред Бул и АлфаТаури да ја користат нашата технологија треба да гарантира нивно учество во Ф1 шампионатот, што е добро за спортот и фановите."
* Сите коментари се прегледуваат пред да се објават.