Новиот носител на комерцијалните права, американскиот гигант Либерти Медија, првично го назначи Чејс Кери да управува со транзицијата. Сега, за главен човек поставија човек низ чии вени тече Ф1 крв.
Стефано Доменикали од тимски шеф, сега е извршен директор на Формула 1, арбитер на технолошката и спортската насока на врвниот мотоспорт. Toj за Британскиот GQ изнесе свое видување на тековната состојба во Формула 1.
Раководењето со Формула 1 никогаш не било лесно. Но, за да се одржи континуитетот во изминатата година беше потребен огромен напор.
"Започнавме сезона без да знаеме како ќе заврши. Сега имаме уште покритично сценарио заради комплексноста и различната ситуација од земја во земја."
"Досега, успешно одржавме 9 трки, (Интервјуто е забележано пред почетокот на Британското Гран При), го надградивме она што Чејс го направи минатата година и нашата организација покажа дека може да обезбеди натпревар и кредибилитет заедно со ФИА."
"Можеме ли да одржиме 23 трки? Не сум сигурен, но тоа е целта… Покажавме дека можеме да бидеме флексибилни, да се справиме со земјите кои одлучија да не организираат трка. Се уверивме дека имаме добри односи со сите, подготвени да сме со различни опции."
"Секојдневно работиме со различни сценарија, преоценувајќи што може да се случи ако некоја трка отпадне. Не може да имаме четири последователни трки, а потоа само една. Имаме многу работи што треба да ги разгледаме и координираме за радиодифузерите."
Едно време се зборуваше за сезона со 25 трки. Тоа е голема обврска за сите вклучени?
"Мислам дека 23 трки се стабилeн број, иако има одредба во Конкорд договорот за повеќе. Па, колку сакаме во Европа, во Америка, на Блискиот исток, во Азија и на Далечниот исток? Може да имаме помалку трки во Европа, повеќе во САД и повеќе на Блискиот исток и Азија."
Но, нема ли главната база на Ф1 фанови да се налути поради отфрлањето на традиционалните патеки? Патеки на кои се потпревте изминатата година?
- Јас не мислам така. Тоа е нешто што е дел од еволуцијата на бизнисот и ова е забава. Се разбира, ние сме свесни за важноста на традицијата и таа ви дава состојки за во иднина. Но, ако живеете по традиција, не живеете долго. Треба да градиме темели за во иднина.
Но, некои од традиционалните патеки неизбежно ќе бидат отфрлени, нели?
"Дали сте сигурен за тоа? Магијата да имаме места што сакаат да бидат дел од нашата деловна активност во иднина е дел од нашата агенда. Ние не ја гледаме само убавината на иднината. Овие места разбираат дека светот се менува."
"Монца, да ви кажам еден пример, е уникатна, но Монца исто така треба да инвестира во иднината. Луѓето кои одат таму го заслужуваат тоа. Треба да растете, треба да реагирате. Позитивниот притисок што новодојденците го ставаат во системот е голем."
Дали Ф1 е спорт или забава?
"Кога бев тимски шеф на Ферари, носејќи ја таа посебна улога, повеќе мислев на Ф1 како спорт. Тоа е како да се наоѓате во рамка, бум, бум, бум, но игралиштетo е многу поголемо. Јасно е дека секој од нас има различна цел и тоа е дел од играта. Но, ако размислувате само за спортската страна, ќе ја изгубите од вид поголемата слика."
"Некои од тимските шефови го разбираат тоа. Некои од нив имаат и други приоритети. Нашата улога е да осигураме да разберат дека не е се во тоа да се биде брз на патеката, луѓето треба да ја разберат пошироката визија за спортот. А, тука спаѓаат и возачите, од кои некои се поотворени од другите."
Следната година се случува голем ремонт на правилата, воведување ограничување на трошоците и намалена аеродинамика за да се промовира поголемо престигнување. Како се чувствувате во врска со тоа?
"Ќе има неверојатна можност за ресетирање. Има шанса да гледаме поблиска борба, таа ќе дојде. Дали ќе ја имаме уште од првата трка? Мислам дека не, но тоа е дел од играта, работите ќе се развиваат и тоа ќе се случи за пократко време од вообичаеното."
"Големите тимови ќе мора да ја променат својата култура и начин на размислување, за разлика од кога сте навикнати да можете да потрошите колку што сакате. Сега тие ќе треба да одлучат кои области сакаат да ги развиваат."
Дали ви е пријатно со наративот на серијалот "Drive To Survive"?
"Апсолутно е забележливо кога станува збор за привлекување нови фанови. Дали е реално или е лажно? Видете, ако ви дадам коментар на сликата на sидот спроти мене, тоа ќе има една приказна."
"Ако прашав некој од моите колеги да ja коментира, тоj може да има поинаков агол на гледање. Постојат различни гледишта и секако одредени работи се промовираат на начин кој повеќе личи на филм, отколку на спорт."
"Но, ако продолжиме да зборуваме на јазик, кој некои луѓе не го разбираат, тие нема да гледаат. Формула 1 не е само технологија. Се работи и за личности."
"Ефектот што го има Макс Ферстапен, на пример. Холандскотo Гран При во Зандворт е распродадно во следните три години. Ландо Норис… Јас дури и не треба да ја спомнувам моќта на Луис Хамилтон."
"Нетфликс привлече сосема нов тип на публика, привлечена со различен наратив. Можете да ги прашате колку цилиндри има во моторот и тие можеби ќе одговорат: "Што е тоа цилиндар?" Но, тоа е одлична можност да покажеме дека сме отворени за секого."
ФОРМУЛА 1 Е СПОРТ ИЛИ БИЗНИС?!?
7/25/2021 04:06:00 PM
0
Share to other apps



