Од тимот на Ферари објавија дека поставувањето на новиот симулаторот кој се најавува веќе подолго време е завршено и се наоѓа во нова зграда лоцирана помеѓу главната канцеларија на Gestione Sportiva и патеката Фиорано.
Во следните недели, истиот ќе се калибрира, а потоа, во одреден момент во септември, по летната пауза што ја бараат спортските прописи, ќе започне вистинската работа, поддржувајќи ја фазата на дизајнирање на 2022 болидот.
Во исто време, сегашниот симулатор ќе се користи за развојни работи на SF21 и подготовки за тркачките викенди, како и поддршка на младите од возачката академија Ферари.
Новиот симулатор е најсовремениот што постои на пазарот, репродуцира околина од 360° со најниска латентност и највисока резолуција од сите слични производи.
Се заснова на целосно нов концепт, резултат на соработката помеѓу Ферари и Дајнизма, компанија со седиште во Велика Британија, предводена од поранешниот инженер на Ферари, Ешли Ворн. Произведен е исклучиво за тимот на Маранело.
Џанмарија Фулџенци, раководител на набавки: "Симулациите и дигиталната технологија ќе играат сè поважна улога во развојот на Формула 1 болидите и веруваме дека го направивме најдобриот можен избор, фокусирајќи се на создавање алатка што ќе ни овозможи да направиме генерациски скок во овој сектор."
"За да го произведеме, ја одбравме Дајнизма, млада и динамична компанија. Потребни беа две години за да се заврши овој проект и сега сме подготвени да го користиме на проектот 674, што е работното име на проектот по кој што ќе се произведува болидот во рамки на новите технички прописи што стапуваат на сила во 2022 година."
* Сите коментари се прегледуваат пред да се објават.

