Претседателот на ФИА, Мохамед бин Сулејем, објави официјална изјава по анализата за настаните од Големата награда на Абу Даби.
Дами, господа,
За време на состанокот на Комисијата за Формула 1 во Лондон, презентирав дел од мојот план за промена на судењето во Формула 1. Извлекувајќи заклучоци од деталната анализа на настаните од Големата награда на Абу Даби и целата сезона во 2021 година, предложив длабока реформа на организацијата на судењето и управувањето со трката. Тоа беше едногласно поддржано од извршниот директор на Формула 1 и лидерите на тимот.
Еве го мојот план за овие промени:
Прво, ќе се креира виртуелна контролна соба за трка која ќе му помогне на тркачкиот директор во процесот на донесување одлуки. Како и ВАР системот во фудбалот, ќе биде сместен во една од канцелариите на ФИА надвор од патеката. Комуницирајќи во реално време со тркачкиот директор, овој систем ќе го олесни почитувањето на спортските прописи користејќи најсовремена технологија.
Второ, директната радио комуникација за време на трката, која сега се емитува во живо на сите телевизиски канали, ќе биде исклучена за да се заштити тркачкиот директор од секаков притисок и да му се овозможи мирно да носи одлуки. Сè уште ќе може да се поставуваат прашања до тркачкиот директор според добро дефиниран процес.
Трето, процедурите за заостанатите болиди при безбедносниот автомобил ќе бидат повторно проценети од советодавниот комитет и ќе бидат претставени на следниот состанок на Комисијата за Ф1 пред почетокот на сезоната.
Дополнително, сакам да ве информирам дека со почетокот на тест сесијата во Барселона ќе имаме нов тим за управување на трката. Нилс Витич и Едуардо Фрајтас ќе ротираат како тркачки директор, додека Херби Блаш ќе биде постојан постар советник.
Мајкл Маси, кој три години имаше многу предизвикувачката улога на тркачки директор во Ф1 по Чарли Вајтинг, ќе добие нова позиција во ФИА.
Овој план им го претставив на членовите на Светскиот совет за моторни спортови и на Сенатот на ФИА, кои целосно го поддржаа.
Со овој план, ФИА го отвора патот за нов исчекор во судењето во Формула 1. Нема спорт без судии. Почитта и поддршката за арбитрите се во сржта на ФИА. Затоа овие структурни промени се исклучително важни во услови на активниот развој и легитимните очекувања на возачите, тимовите, производителите, организаторите и, се разбира, фановите.
Искрено им благодарам на сите што придонесоа за оваа реформа.
Овие промени ќе ни овозможат да ја започнеме 2022 сезоната во Формула 1 во најдобри можни услови, а нашиот спорт ќе стане уште повеќе сакан и почитуван.
Ви благодарам за вниманието.
ФИА: МАЈКЛ МАСИ НЕ Е ПОВЕЌЕ ТРКАЧКИ ДИРЕКТОР
2/17/2022 10:48:00 PM
0
Share to other apps