Тимот на Алфа Ромео конечно го презентираше официјалниот "дрес" на C42, својот адут за 2022 сезоната. Очекувано, препознатливата црвено-бела шема на бои е зачувана, но тие се различно распоредени од мината сезона и изгледаат навистина привлечно.
Болидот е развиен во Хинвил од тим специјалисти предводен од техничкиот директор Жан Моншо. C42 е придвижуван од новата и подобрена погонска единица на Ферари, а целосниот дизајн е заснован на премисата за тркачка машина за битка, бидејќи новите регулативи ќе овозможат поблиски трки и конкурентни борби од врвот до задниот дел на гридот.
Новиот дрес е развиен од дизајнери на Алфа Ромео, кои работат во познатиот центар Centro Stile, и е наменет да предизвика асоцијации со историското наследство на овој италијански бренд.
Валтери Ботас, #77: "Импресиониран сум од нашиот нов болид, C42, и мислам дека има одличен дизајн. Специјалистите на Alfa Romeo Centro Stile завршија одлична работа. Ова е првиот болид на Алфа Ромео што ќе го возам, што секако го прави посебен и со нетрпение го очекувам почетокот на Големата Награда на Бахреин."
"Интересно е што не можеме да прогнозираме како ќе заврши оваа прва трка. Тестовите ни дадоа можност да ги потврдиме очекувањата поврзани со распоредот на силите, го потврдија напредокот постигнат во текот на развојот на болидот, но се поблиску е моментот кога треба да постигнеме резултати на патеката."
"Чувствувам дека тимот е мотивиран, сите даваат се од себе, се трудат да работат понапорно од конкуренцијата за да бидеме конкурентни. Тоа ми дава дополнителна енергија кога ќе седнам зад воланот."
Гуанју Џоу, #24: "Почетокот на новата сезона е секогаш време каде што се спојуваат очекувањата, надежите и плановите, a оваа година, влогот е уште поголем бидејќи малку се фрламе во непознатото со новите регулативи. Неверојатна количина на работа вложена во овој болид, C42, и со нетрпение очекувам да видам што ќе постигне тимот со него."
"Од моја страна, имам за цел да дадам што е можно поголема помош во развојот на овој болид, знаеме колку се големи маргините за подобрување во оваа фаза од животниот век на болидот и знаеме дека секоја надградба може да направи разлика, така што работата што ќе ја направиме во нашата фабриката ќе биде клучна за да се постигнат резултати на патеката."
Фредерик Васер, тимски шеф на Алфа Ромео, на денешната презентација не го криеше фактот дека првата тест сесија не помина како што посакуваа, но вети дека инженерите на тимот ќе можат да ги отстранат сите проблеми за Бахреин.
"Oбојувањето на болидот е ново, но се обидовме да го задржиме стариот дух и шема на бои, па остана црвено-бело. Во секој случај, тоа се боите на Алфа Ромео, Заубер и Орлен, нашиот главен спонзор. Ова е одлична комбинација!"
"Заедно со целата Формула 1 заедница и нашиот тим започнува ново поглавје во историјата, а ова, исто така, е првиот болид што го изградивме со мал буџет. Техничките прописи се нови, се префрливме на гуми од 18 инчи, а тимот има целосно ново возачко дуо."
"Мислам дека сето ова, сугерира дека ни претстојат тешки, но интересни искушенија.
Првите тестови нe беа лесни. Прво, како и сите тимови, се соочивме со проблемот на вертикална осцилација при големи брзини, потоа бевме спречени од механички проблеми, но сега треба да се подготвиме за тестовите во Бахреин."
"Ќе се обидеме да се справиме со сите тешкотии што се појавија и да продолжиме да се подготвуваме за 2022 сезоната.
Не се сомневам дека ќе успееме, а во Бахреин добро ќе ни оди работата."
"Како што видовме со другите тимови, а тоа можеме да го потврдиме и самите, забележан е напредок по првите три тест дена. На следната тест сесија сите тимови ќе ги претстават надградените болиди и може да се очекува дека проблемот ќе биде целосно решен."
"Треба да се напомене и дека имаме повеќе спонзори, а тоа е резултат на комбинација на повеќе фактори. Популарноста на Формула 1 сега е на многу високо ниво, тоа го знаеме од минатогодишните рејтинзи. Шампионатот станува се поатрактивен, вклучително и нашиот тим. А кога има се повеќе спонзори, тоа е многу убаво!"
АЛФА РОМЕО C42 - ДИЗАЈНИРАН ЗА БИТКА
2/27/2022 01:11:00 PM
0
Share to other apps