Кевин Магнусен го приреди најголемото изненадување во оваа сезона, освојувајќи ја дебитантската Пол позиција за себе и тимот на Хас.
Данецот извозе перфектен круг во вистинскиот момент и со дождот како негов сојузник ја освои Пол позицијата, која изгледаше невозможно во други околности.
Магнусен беше брз во текот на целата сесија во променливите услови во Интерлагос, но изненадувачки го зачува најдоброто за крај. Ризикувајќи до максимум, со најавениот дожд, тој успеа да биде подобар од Макс Верстапен и Џорџ Расел.
Може да се каже дека покрај среќата, неговата умешност и снаодливост му го донесоа најдобриот резултат во неговата кариера и во историјата на Хас Ф1. Одличен роденденски подарок за сопственикот на тимот Џин Хас.
Стартниот редослед на возачите на неделната трка ќе биде одреден во саботниот спринт.
Ферари, пак, уште еднаш приреди негативно изненадување со ставање интермедиа гуми на болидот на Чарлс Леклер на сува патека, што го уништи неговиот настап во Q3 сесијата, но и на Серџо Перез кој остана заглавен зад Моначанецот.
Карлос Саинц Јр. ја обезбеди петтата позиција, зад Ландо Норис и пред возачите на Алпин, Естебан Окон и Фернандо Алонсо. Луис Хамилтон успеа да стигне до седмата позиција, пред двајцата малери на денот Перез и Леклер.
Квалификациите во Сао Пауло се секогаш интересни, особено кога имаме Спринт викенд, и со само еден час тренинг. Резултатите на краток круг се блиски, патеката е лизгава, важно е да не влезете во сообраќајот.
На тренинг сесијата, најбрзото време го забележа Серџо Перез, а квалификациите како и пред една година беа префрлени за петок навечер за навивачите да имаат време да се вратат од работа.
Еден час пред квалификациите, се спушти магла и падна малку дожд, но набрзо заврши, имаше малку вода на патеката, сесијата започна во закажаното време, 16:00 часот по локално време.
Во Q1 сесијата, сите возеа на интермедиа гуми, иако асфалтот беше речиси сув. Само во последниот свиок се издигаше малку водена прашина зад болидите. Возачите работеа во серија кругови, состојбата на патеката постепено се подобруваше, како и резултатите.
Пјер Гасли беше првиот кој се префрли на гуми за сува патека, а потоа и останатите. Со секој круг, патеката стануваше побрза, па речиси сите возачи во еден момент беа на првата позиција.
Возачите кои се најдоа последни на патеката беа брзи, па така Ландо Норис го забележа најбрзото време, а од понатамошниот тек на квалификаците отпаднаа Николас Латифи, Џоу Гуанју, Валтери Ботас, Јуки Цунода и Мик Шумахер.
Во Q2 сесијата, сите се натпреваруваа на црвените гуми на Пирели. Возачите повторно работеа во серија кругови. Во првиот обид, Ферстапен го забележа најбрзото време.
Повторно се јави мал дожд на патеката, но сите останаа на гумите за сува патека. Макс Ферстапен го подобри своето најбрзо време, но тука некаде беше и Карлос Саинц Јр., губејќи само девет илјадитинки.
Алекс Албон, Пјер Гасли, Себастијан Ветел, Даниел Рикиардо и Ленс Строл не се пласираа во финалниот сегмент од квалификациите.
Во Q3, Чарлс Леклер сесијата ја започна на интермедија пневматици, останатите на патеката излегоа на црвените гуми на Пирели. Увидувајќи ја својата грешка, Моначанецот се упати кон својата гаража, но при тоа уништувајќи го кругот и на Серџо Перез.
Кевин Магнусен во тие први обиди, кој можеше да ги направи, го имаше најбрзото време и провизорната Пол позиција.
Следува почетничка грешка на Џорџ Расел, кога излета низ чакалот покрај четвртиот свиок, и во обидот да се врати назад го заглави својот Мерцедес АМГ. Сесијата беше прекината.
За време на паузата дождот засили, па моменталните времиња немаа ни најмала шанса да бидат подобрени.
Серџо Перез и Луис Хамилтон се обидоа на интермедиа гумите, но веднаш се вратија во своите гаражи кога видоа дека состојбата на патеката не дозволува атак за нешто повеќе од моменталните времиња.
ПОЛ ЗА МАГНУСЕН, ПОСЛЕДНО МЕСТО ЗА ШУМАХЕР
11/11/2022 11:19:00 PM
0
Share to other apps