Искренo. Oстроумнo. Инспиративно. Во интервју презентирано од Crypto.com, Фернандо Алонсо зборува за своите стравови, справување со неуспехот и како да бидете чекор понапред од вашите ривали додека ги истражува паралелите помеѓу културата на самурајите и неговиот сопствен живот, откривајќи ги начелата кои го поттикнуваат него напред.
"Храброста не е само правење луди работи. Не е само размислување дека ја надминувате границата." – Фернандо Алонсо
Дефиницијата за храброст, слично како и самата храброст, може да биде тешко да се најде. Непромисленоста е измамник, кој премногу често погрешно се смета за храброст. Дисциплината и смиреноста се важни кога ќе ви се тестираат нервите, кога ќе станете и ќе се борите за работите и за луѓето за кои се грижите пред лицето на стравот.
"Храброст е кога одите во битка и нема ниту еден процент од вашата глава што мисли дека нема да успеете. Гладот и тоа натпреварувачко чувство што го имате внатре го користите за навистина да напаѓате посилно од порано. Тоа е единствениот начин да го пронајдете она што е во вас и што ќе ве одведе до најдобрата верзија од себе."
Фернандо, каква е твојата врска со самурајската култура?
Мислам дека тркачот и самурајот се многу поврзани. Дисциплина, самодоверба, без страв. Се бориме само за една цел, а тоа е победа.
Дури и да умреш [за самураите], тоа беше привилегија, не беше страв. Како тркачки возач, во секој круг, во секој момент, во секој свиок, постои опасност. Мора да бидете подготвени за се што може да се случи. Мора да тренирате. Мора да бидете подготвени.
Мислам дека самураите го користеа истиот дух, користејќи ја таа дисциплина за да станат подобра верзија од себе. Без разлика дали се работи за трка или битка, таа дисциплина е клучна за да бидете поподготвени отколку што бевте претходниот ден.
Дали некогаш се сомневате во себе?
Стравот од неуспех влијае на вашите перформанси. Тоа може да ве направи побавeн. Кога ја водите трката и на 10 круга од финишот, кога има некој побрз зад вас, природно е да почнете да размислувате: "Што ако ја загубам оваа трка? Што ако ме претекнат во последниот круг?"
Тие мисли никогаш не се корисни, тие ја ограничуваат вашата способност да се претставите и да бидете најдобрата верзија од себе, затоа се обидувам да ги елиминирам. Да го направите тоа е еден вид храброст, да имате ментална сила да се дистанцирате од какви било мисли за неуспех.
Дали мислевте дека ќе се тркате во Формула 1 онолку долго колку што сте?
Никогаш не мислев дека ќе бидам во Формула 1 толку долго бидејќи никогаш не се чувствував како да сум дел од циркусот: целиот гламур, целото шоу, сè друго што се случува на патеката надвор од трките.
Но, ако некоја помлада верзија од мене би можела да ме види како возам на највисоко ниво во Формула 1 на 42-годишна возраст, тој не би бил изненаден бидејќи, уште тогаш, знаев колку многу ги сакам трките.
Тркањето во Формула 1 е нешто што најмногу сакам да го правам. Тоа е најдобрата категорија во светот. Тоа е врв на мотоспортот.
Сè додека се чувствувам брзо, зошто да застанам?
Како се справувате со разочарувањата?
Во животот има повеќе неуспеси отколку успеси и треба да можеш да се справиш со нив, само така можеш да станеш посилен. Ова бара дисциплина. Мора да бидете подготвени да ги анализирате неуспесите и да учите од вашите грешки.
Неуспехот не треба да се доживува како пораз, бидејќи желбата за враќање по неуспесите е извор на мотивација.
За самураите, неуспехот во битката само ја поттикнува желбата да се биде подобро подготвен за следната битка.
Дали е навистина возможно да се биде подготвен на било што?
Не можете веднаш да се подготвите за се. Еден од аспектите на личниот раст е тоа што треба да прифатите дека не можете секогаш да бидете целосно подготвени за сè, не можете совршено да се справите со некоја задача секој пат.
Многу е тешко да се биде 100% подготвен да се бориш во секој круг секој викенд, но ако секогаш даваш барем 99,9%, веќе ќе бидеш чекор понапред од сите.
Што ви помага да останете поврзани со реалниот живот?
Во Формула 1 сме во еден вид посебен простор што не може да се нарече нормален живот. Ја среќаваме реалноста кога се враќаме дома, седнуваме на маса со семејството и разговараме за наједноставните работи. Во такви моменти семејството ви помага да не се оттргнете од реалноста.
Станавте првиот возач во историјата на Формула 1 кој ја надмина границата од поминати 100 илјади километри. Што ве мотивира да ја продолжите кариерата?
Борбата на патеката е забавна и ме тера да се враќам зад воланот повторно и повторно, поради што останувам во светот на мотоспортот. Сметам дека е вистинска привилегија да се вози Формула 1 болид.
Се тркам од својата тригодишна возраст, речиси цел живот го поминав зад воланот на тркачки автомобил, најудобно ми е во кокпитот и чувствувам дека тоа е она што најдобро го правам.
Ако треба да бирам што да правам откако ќе се разбудам секој ден, секогаш би избрал да возам Формула 1 болид.
Можеш ли да победиш повторно во Формула 1?
Секоја трка што ја започнувам, дури и ако не сме доволно силни да се бориме за победа, има еден процент од мене што кога ќе го затворам визирот и ќе се запали зеленото светло, се надева дека тоа е денот кога ќе победам.
99 проценти нема да успеете, но тој еден пат кога ќе успеете, вреди да се чека и вреди целиот труд што ќе го вложите.
Желбата за победа, таа е секогаш тука. Го имав тоа од првиот ден и сè уште го имам истото ниво во моментов.
Нема да престанам наскоро.
ФЕРНАНДО АЛОНСО - ФОРМУЛА 1 САМУРАЈ
9/20/2023 09:16:00 PM
0
Share to other apps