Макс Ферстапен доминираше во досегашниот тек од викендот, па денес на квалификациите за Големата Награда на Јапонија го победи најблискиот ривал, Оскар Пјастри, за половина секунда за да ја забележи неговата 29-та Пол позиција во Формула 1.
Теоретичарите на заговори, кои најчесто се предводени од британските медиуми, а под кои лесно потпаѓаат и некои наши Ф1 фанови, и кои за жал го обликуваат јавното мислење по уренекот дека сите кои имаат успех во Формула 1 работат нечесно, само тимот за кој вози нивното милениче е чесен, останаа со подзинати усти.
Макс Ферстапен немаше ривал во текот на квалификациите и блескаше во сите брзи кругови, особено во неговите два обиди во Q3 за да се врати на врвот со огромна разлика во однос на остатокот од гридот.
Возачите на Мекларен беа неговите главни ривали, но изненадувачки Оскар Пјастри беше подобар од својот поискусен тимски колега, Ландо Норис, но немаа шанси за битка за Пол позицијата, бидејќи заостануваа повеќе од половина секунда.
Чарлс Леклер беше четврти, пред Серџо Перез, Карлос Саинц Јр. и возачите на Мерцедес АМГ. Фернандо Алонсо извозе одличен круг во Q2 и ја задржа својата серија на настапи во Q3, за разлика од AMR23 кој во рацете на Ленс Строл испадна во Q1 сесијата. Шпанецот беше десетти, зад Јуки Цунода со АлфаТаури.
Во Q1 сесијата, како и во сите останати битката се одвиваше на црвените гуми.
Во деветтата минута се појавија црвени знамиња, кој друг ако не Логан Сарџент изгуби контрола врз болидот на Вилијамс на излезот од последниот свиок и заврши во баририте покрај патеката.
Ударот беше силен, а болидот сериозно оштетен, но Американецот сам излезе од кок-питот, но веднаш беше испратен на превентиве преглед во медицинскиот центар.
Паузата траеше 12 минути, а потоа возачите можеа да ја продолжат сесијата. Макс Ферстапен го имаше најбрзото време, а во вториот сегмент не се пласираа Валтери Ботас, Ленс Строл, Нико Хулкенберг, Џоу Гуанју и Логан Сарџент.
Во Q2 сесија битката продолжи на црвените гуми. Болидот на Пјастри застана на излезот од пит-линијата, а механичарите го вратија во боксот. Да одбележиме дека на повеќе возачи, како и во Q1, им беа избришани времињата поради излегување надвор од патеката.
Чарлс Леклер го имаше најбрзото време, но по цена на дополнителен сет на нови црвени пневматици, што возачите на Ферари ги чинеше втор брз круг во Q3 сесијата.
Лиам Лосон, кој непотребно уништи три сета црвени гуми во Q1, Пјер Гасли, Алекс Албон, Естебан Окон и Кевин Магнусен не се пласираа во финалниот сегмент.
Во Q3, Макс Ферстапен комплетираше круг од 1:29.012 во својот прв обид, една и пол секунда пред неговиот тимски колега Серџо Перез. Пјастри се доближи најблиску до Холанѓанецот, но загуби со речиси половина секунда.
Во вториот обид, Макс возеше уште побрзо, а никој од останатите не можеше нити да помисли на првата стартна позиција. Друштво на првиот стартен ред ќе му прави Оскар Пјастри, од вториот ќе стартуваат Ландо Норис и Чарлс Леклер.
На крај да го одбележиме и саботниот тренинг на Сузука, на кој како и на петочните тренинг сесии, Макс Ферстапен го забележа најдоброто време, но резултатите беа многу поблиски.
Сесијата помина без поголеми инциденти, а тимот на Мекларен се диференцираше како главен ривал на Макс Ферстапен, што се покажа како точно на квалификациите.
Да напоменеме уште дека абењето на гумите остана високо и стратегијата ќе биде клучен фактор на неделната трка (Мекларен, особено Ферари нека му ја мислат). Алпин го поправи болидот на Гасли по несреќата во петокот, а неговиот тимски колега Окон доби нови делови од Рено ПЕ. Без казни.
МАКС ЈА УНИШТИ КОНКУРЕНЦИЈАТА, МЕКЛАРЕН НАЈДОБАР ОД ОСТАНАТИТЕ
9/22/2023 11:11:00 PM
0
Share to other apps