Чарлс Леклер стави крај на претсезонската тест сесија со најдоброто време на денот и интригантно тркачко темпо. Моначанецот предизвика голем ентузијазам кај тифозите, а Ферари исто така го има и најбрзото време, забележано вчера од страна на Карлос Саинц Јр.
Тимовите веќе од утре започнуваат да се подговуваат за Големата Награда на Бахреин, каде веќе никој нема да може да крие перфоманси.
Следниот петок, во ова време ќе го имаме исходот од квалификациската сесија и ќе видиме каков е вистинскиот редослед на гридот.
Ферари го имаше најбрзото време на два тест дена од трите кои тимовите ги имаа на располагање. Вчера Карлос Саинц Јр. беше најбрзиот возач на патеката, додека денеска таа чест му припадна на Чарлс Леклер, при тоа користејќи нов сет на С4 пневматици.
Сепак, во завршните моменти од денешната сесија, Џорџ Расел со Мерцедес АМГ беше прилично блиску до времето на Леклер, освојувајќи го второто место со само 46 илјадитинки побавно време. Британецот возеше на истата смеша, С4, и максимално ја искористи побрзата патека додека температурата на асфалтот опаѓаше.
Изненадувањето во последната минута дојде во форма на Џоу Гуанју кој беше трет најбрз со болидот на Заубер, исто така на C4. Трикратниот Шампион Макс Ферстапен беше четврти, а Јуки Цунода петти.
Како и секогаш, забележаните времиња на тест сесиите не може да се земат "здраво за готово", бидејќи има многу непознати фактори кои имаат значително влијание врз перформансите, почнувајќи од тоа колкаво количество на гориво се користело кога биле поставени најбрзите времиња, како и фактот дека сите тимови не работат на истата програма.
Денеска на патеката излегоа 19 возачи, а гледаше само Логан Сарџент од Вилијамс.
Утринската сесија беше прекината околу 80 минути откако повторно имаше проблеми со разлабавена дренажна шахта, во моментите кога Серџо Перез ја прегази со својот Ред Бул.
Како резултат на тоа, паузата за ручек беше откажана и оттогаш сесијата траеше до 17:10 часот без прекини.
Тимовите можеа да направат по неколку долги стинтови, обезбедувајќи си многу податоци за анализирање во текот на следните неколку дена, не само како подготовка за Големата Награда следната недела, туку и да го водат развојот на болидот во претстојната сезона.
Сумирајќи ги резултатите од тестовите, повеќето аналитичари велат дека односот на силите не е променет и Ферстапен повторно ќе стане шампион.
Ривалите ги модифицираа болидите, но Ред Бул не застана, бидејќи беа првите што го прекинаа развојот на РБ19.
Со големата предност што ја имаа едноставно немаше поента, а сега тоа може да им донесе уште поголема предност со новиот концепт на РБ20.
Како што денес изјави Фернандо Алонсо: "Деветнаесет возачи знаат дека нема да ја освојат титулата оваа година."
ЧАРЛС ЛЕКЛЕР НАЈБРЗ НА ПОСЛЕДНИОТ ТЕСТ ДЕН ВО БАХРЕИН
2/23/2024 06:11:00 PM
0
Share to other apps