Овој викенд за време на Големата Награда на Италија, Франко Колапинто ќе дебитира во Формула 1, како замена за Логан Сарџент во тимот на Вилијамс.
Аргентина се враќа во Формула 1 повеќе од дваесет години отсуство. Дебито на Франко Колапинто во главната категорија на моторспорт е реалност, тоа ќе се случи овој викенд на Храмот на брзината и во остатокот од 2024 сезоната.
Младиот Аргентинец, актуелен Ф2 возач и член на младинската академијата на тимот од Гроув, ќе го замени Логан Сарџент, кој веќе дефинитивно се збогува со Вилијамс и Формула 1.
Минатиот викенд во Зандворт, Сарџент доживеа тешко излетување на тренинг сесија, што допринесе да му биде покажана излезната врата од тимот и Формула 1.
Целата оваа ситуација доведе до тоа Франко Колапинто да се приклучи на тимот на Вилијамс со моментален ефект. Аргентинецот ќе има можност да ја покаже својата вредност во преостанатите трки од Ф1 шампионатот.
Франко Колапинто: "Чест е да дебитирам во Формула 1 со Вилијамс. Тоа е остварување на мојот сон. Тимот има неверојатна историја и мисија, да се врати на врвот, нешто од кое со нетрпение очекувам да бидам дел."
"Да стигнам до Ф1 во средината на сезоната ќе биде огромна промена за мене, но јас сум подготвен за предизвикот и целосно сум фокусиран на тоа да работам напорно за што поголем успех на тимот."
Џејмс Воулс: "Ние веруваме во нашите млади возачи, а Франко има фантастична можност да покаже за што е способен во последните девет трки од сезоната. Ова е, без сомнение, неверојатно тешко за Логан, кој го даде својот максимум за време на неговиот престој во Вилијамс. Со нетрпение очекуваме да видиме што може Франко да направи во Формула 1."
Вилијамс веќе потпиша со Карлос Саинц Јр. за 2025 година, но тие сакаат да ја завршат тековната 2024 сезона, максимално искористувајќи ја секоја прилика за освојување на поени. Во моментов, тимот од Гроув е претпоследен во шампионатот за конструктори со само четири бода.
Џејмс Воулс, потврди дека Сарџент останува дел од семејството и тие ќе продолжат да го поддржуваат во иднина. Американецот беше заинтересиран за Индијанаполис 500 и неколку 24-часовни трки и ќе може да се соочи со овие предизвици веднаш во 2025 година.
Ова прерано заминување од Формула 1, Логан Сарџент ќе го остави со 36 трки во првата класа, во кои тој успеа да освои само еден поен и беше многу далеку од брзината што воодушеви многумина во Ф2 и Ф3 шампионатите. И тој потекнува од младиската академија на Вилијамс.
Колапинто пристигна во Европа на крајот на 2018 година, кога потпиша за тркачката академија Драјкс, кооснована од Педро де ла Роса. Неговото деби со полно работно време во болид едносед дојде во 2019 година, во шпанската Формула 4, каде што се тркаше во боите на тркачкиот тим на Фернандо Алонсо.
Од 21 трка, Аргентинецот забележа 14 Пол позиции, 11 Победи имаше 13 пласмани на победничкиот подиум. Шпанецот се грижеше за него во текот на таа година, во која го освои споменатиот шампионат, а подоцна беше превземен од популарната агенција Bullet Sports Management.
Во месеците пред пандемијата, во јануари 2020 година, Колапинто се упати кон Нов Зеланд за да се трка во тркачката серија на Тојота, но по откажувањето на тој шампионат, се враќа во Европа за да се натпреварува во последната сезона од Формула Рено Еврокупот.
Во 2022 година пристигна еден од најважните моменти во неговата кариера, неговиот скок во Формула 3. Забележа Пол позиција во првиот настап во Бахреин, а првата победа дојде еден месец подоцна, во Имола, а во Монца ја забележа втората негова победа, за на крај да заврши на деветтото место во тој шампионат.
Тоа е годината кога го забележува тимот на Вилијамс и го зема во нивната младинска академија. Во 2023 година, тој повторно се натпреварува во Формула 3 со поддршката на Вилијамс.
Во таа сезона имаше многу поконстантни настапи, но оствари една победа, повторно во Монца, за на крај да го освои четврто место во шампионатот.
Годинава пристигна неговото деби во Формула 2. Тој победи на трката во Имола и има уште два подиуми во Австрија и Барселона.
На летниот одмор замина на шестото место во генералниот пласман, пред возачите како Оливер Берман и Андреа Кими Антонели кои веќе обезбедија место во Формула 1 шампионатот за следната сезона.
Тимот на Вилијамс му даде можност да го испроба FW46 на првиот тренинг за Големата Награда на Британија, но од Големата Награда на Италија, тој ќе биде официјален возач на Вилијамс во Формула 1 и ќе се натпреварува на последните девет трки од сезоната.
Менаџментот на Франко Колапинто изјави дека тој бил вториот избор на Џејмс Воулс, по Карлос Саинц Јр. за официјален возач за следната сезона, па сега од оваа перспектива излегува дека биле во право, бидејќи тој е ангажиран пред толку големите фаворити во гласините Мик Шумахер и Лиам Лосон.
Низ историјата на Формула 1 имало неколку аргентински возачи кои оставиле свој белег, други, пак, не можеа да постигнат голем успех, како што беше случајот со Гастон Мацакане, до пред неколку часа последниот Аргентинец што се тркаше во Формула 1, но сега таа титула ќе биде зад името на Франко Колапинто.
Во првите години на врвната категорија на моторспорт, 1950-тите, Хуан Мануел Фанџо забележа пет шампионски титули, бројка која до денес ја надминаа само Луис Хамилтон и Михаел Шумахер.
Исто така, други возачи како Хозе Фроилан Гонзалес и подоцна Карлос Ројтеман, исто така, успеаа да победат на трки и двајцата беа второпласирани во шампионатот во 1954 т.е. 1981 година соодветно.
Патеката во Буенос Аирес беше домаќин на 21 трка за Големата Награда на Аргентина, првата во 1953 година и последната во 1998 година.
Франко Колапинто ќе има девет трки, ниту една повеќе да ги покаже своите возачки способности и можеби да се препорача на тимови како Хас, Заубер(Ауди) кои немаат дефинирано втор возач, а многу работи може да се случат и во Ред Бул и РБ.
Но тоа не зависи од него, тој само ќе мора да покаже дека со право ја доби шансата за настап во Формула 1 шампионатот. СРЕЌНО!
КОЈ Е ФРАНКО КОЛАПИНТО? АРГЕНТИНЕЦОТ КОЈ ВИКЕНДОВ ЌЕ ДЕБИТИРА ВО ФОРМУЛА 1
8/27/2024 10:22:00 PM
0
Share to other apps