ФИА е бесна поради проблемот со мини ДРС-от. И покрај тоа што ги ажурираа прописите за Големата Награда на Австралија, тимовите сè уште се обидуваат да го искористат максимумот од свиткувањето на крилата, па Федерацијата подготви уште една техничка директива за Кина.
Тоа е тема која долго време е во центарот на вниманието. Имаше многумина кои велеа дека флексијата во крилата на Мекларен беше премногу очигледна минатата година, а тимот се согласи да ги направи потребните модификации.
Дебатата продолжи и оваа година. Веќе за време на предсезонските тестирања, имаше видеа кои покажуваат прекумерна флексибилност кај некои болиди и ФИА ги виде, па одлучи да ги ажурира членовите 3.15.17 и 3.15.12б за првата трка во Австралија.
Сепак, според италијанскиот медиум АутоРејсер, по прегледувањето на камерите на болидите на првата трка годинава, ФИА не се сомнева дека тимовите уште еднаш ги тестираат лимитите на ова поле, дури и откако ги поминале статичките тестови.
Денес објавија нова техничка директива, кој ќе стапи на сила од следната трка за Големата Награда на Кина, и е поврзана со ново ажурирање на член 3.15.17, кој се однесува на просторот помеѓу главната рамнина и подвижниот елемент на задното крило.
Со новите се предвидува растојанието помеѓу главното крило и подвижното крило да не смее да надмине 0.5 милиметри кога се применува сила од 750 Њутни на врвовите на крилата, со болид во мирување.
За Австралија, дозволената разлика беше два милиметри. Ова е мерка која може да влијае на перформансите на неколку болиди, иако, според споменатиот извор, директивата на ФИА не е насочена кон некој конкретен тим.
Официјално соопштение од ФИА
Како што претходно беше објавено, помеѓу крајот на сезоната 2024 и почетокот на сезоната 2025, ФИА ги искористи овластувањата дадени според член 3.15.1 од Техничките прописи да воведе нови или да ги усоврши постоечките тестови за отклонување на предните и задните крила.
Покрај тоа, ФИА побара од тимовите да инсталираат видео камери на нивните болиди за време на слободните тренинзи во Мелбурн за да се следат деформациите на патеката.
Откако беа анализирани снимките од деформацијата на задното крило во комбинација со статичките отклонувања измерени од ФИА во Мелбурн, ФИА заклучи дека има доволно оправдување да се воведат построги тестови за отклонување на горната лента на задното крило, од претстојната ГН на Кина.
Конкретно, член 3.15.17, воведен во 2025 година, вели дека ако вертикално оптоварување од 75 кг се примени на двата краја на главната рамнина на задното крило, растојанието помеѓу главната рамнина и подвижното крило не смее да се менува за повеќе од 2 мм.
Од претстојната трка во Шангај, оваа граница ќе се намали на 0.5 мм. Поради малиот период до трката во Кина, на новата граница ќе се додаде толеранција од 0.25 мм.
Сите тимови беа информирани за ревидираните правила утрото во понеделник на 17 март. ФИА би сакала дополнително да потврди дека во Мелбурн сите болиди биле тестирани како што се бара со член 3.15.17 и било утврдено дека се усогласени со прописите.