Оливер Оукс поднесе оставка од функцијата тимски шеф на Алпин, а неговите должности ќе ги преземе Флавио Бријаторе.
Сите нагаѓаа дека овој потег е поврзан со размената помеѓу Франко Колапинто и Џек Дуан...
Тимот на Алпин со денови ги полнеше насловните страници со гласини за промена на возачката постава.
Првата официјална вест што дојде од овој тим беше изненадување за сите. Францускиот тим објави дека ја прифатил оставката на својот досегашен тимски шеф, Оливер Оукс.
Британецот поднесе оставка со непосреден ефект, а неговите должности ќе ги преземе Флавио Бријаторе, кој исто така ќе продолжи да ја извршува својата советничка улога.
Од Алпин беа многу кратки во својата изјава, заблагодарувајќи му се на Оукс за неговата работа без да се даде дополнително објаснување. Всушност, во соопштението се наведува дека нема да се даваат понатамошни коментари за ова прашање.
Оукс се приклучи на тимот во јули 2024 година за да го замени Бруно Фамин, кој беше вршител на должноста тимски шеф по ненадејното заминување на Отмар Шафнауер во летото 2023 година.
На Алпин му требаше една година да назначи нов тимски шеф, а Оукс беше доведен за да обезбеди стабилност и да го води проектот на долг рок. Но, само девет месеци подоцна тој ненадејно се збогува со тимот.
Во Формула 1, ништо не е случајно. Фактот што оставката на Оукс доаѓа токму кога се дискутираше за можната замена на Дуан со Колапинто не остана незабележан.
Додека Бријаторе беше главен навивач на Аргентинецот во тимот, Оукс отсекогаш беше поразбирлив кон Австалиецот. За време на последниот викенд во Мајами, кога Оукс беше прашан дали ќе го видиме Колапинто во Имола, тој одговори дека имаат возач во Џек Дуан.
Тоа беа неговите последни изјави како тимски шеф на Алпин, бидејќи тој не се појави на прес-конференцијата во недела по трката. Во меѓувреме Колапинто продолжуваше да се подготвува за своето враќање во Ф1 шампионатот, овој пат со тест во Зандворт.
Непосредно по оставката на Оукс, следува ново соопштение од Францускиот тим: Франко Колапинто се враќа како прв возач на Алпин на следните пет трки!
Почнувајќи од следната трка за Големата Награда на Емилија Ромања, аргентинецот ќе го замени Џек Дуан, кој повторно ќе биде резервен возач.
Откако, во јануари, Франко Колапинто потпиша со Алпин како резервен возач, постојано се повторуваше едно прашање: кога ќе го видиме Аргентинецот повторно на стартниот грид?
Флавио Бријаторе, кој од вчера е вршител на должноста тимски шеф на Алпин веднаш го потпиша унапредувањето на Колапинто, на штета на Џек Дуан, кој беше под огромен притисок и неговото место секогаш беше доведувано во опасност дури и пред неговото деби.
Како што минуваа трките, притисокот врз Дуан се зголемуваше, бидејќи неговите резултати не беа убедливи, а тој сè уште не освои ниту еден поен и имаше скапи инциденти, како оној во Јапонија.
Само една недела пред Формула 1 да се врати на европско тло, Алпин објави дека Колапинто ќе биде нивни прв возач. Аргентинецот на тој начин се враќа на трките во врвниот мотоспорт, додека Дуан повторно ќе служи како резервен возач.
Но, Колапинто не може да биде спокоен. Алпин ќе му даде шанса на следните пет трки, до Големата Награда на Австрија. Аргентинецот ќе мора да го демонстрира својот талент под голем притисок, бидејќи по трката на Ред Бул Ринг, францускиот тим ќе ги преиспита направените промени во својата возачка постава.
Причините за ваквиот развој на настаните ги објасни Флавио Бриаторе.
"Откако ги анализиравме првите неколку трки од сезоната, донесовме одлука да го поставиме Франко покрај Пјер за следните пет трки. Со толку неизвесен шампионат, како ова година, и со конкурентен болид што тимот значително го подобри во последните дванаесет месеци, ние сме во позиција каде што ја разбираме потребата да го ротираме нашето возачко дуо."
"Исто така, знаеме дека 2026 сезоната ќе биде важна за тимот и дека целосната и фер евалуација на нашите возачи е вистинската работа што треба да се направи оваа година за да ги максимизираме нашите амбиции следната година."
"Продолжуваме да го поддржуваме Џек, бидејќи тој покажа голем професионализам во својата улога како прв возач. Следните пет трки ќе ни дадат можност да пробаме нешто различно, а ние ќе ги процениме нашите опции по тој период."
Според тоа, следните пет трки ќе бидат клучни за одлучување за иднината на Алпин. Дали Колапинто ќе ги оправда очекувањата и ќе остане на прв возач до крајот на сезоната? Ќе го видиме ли Дуан повторно на гридот? Или можеби Алпин ќе сака да го проба и Пол Арон? Ќе треба да почекаме за да го дознаеме развојот на настаните во тимот.
Бријаторе е главен поддржувач на Колапинто. Италијанецот беше тој што изрази интерес да го доведе во тимот и да го направи прв возач. Всушност, тој отсекогаш бил полн со пофалби за него.
Затоа, сега кога Бријаторе ја презема функцијата на тимски шеф по оставката на Оливер Оукс, Колапинто ќе има значителна поддршка во тимот. Понатаму, финансиската поддршка од спонзорите на младиот Аргентинец може да биде уште една причина во негова корист.
Флавио Бријаторе јасно стави до знаење дека, и покрај извештаите за несогласување меѓу него и Оливер Оукс се целосна невистина и дека тие имаат многу добар однос и дека причините за неговата оставка не се поврзани со тимот и се од лична природа.
"Многу работи се кажаа во последните 24 часа, погрешно поврзувајќи ја одлуката на Оли да поднесе оставка со наводно несогласување или со фактот дека имавме различни гледишта. Toа е една голема лага и далеку од вистината."
"Оли и јас имаме многу добар однос и имавме долгорочни амбиции заедно да го движиме овој тим напред. Го почитуваме барањето на Оли да се повлече и затоа ја прифативме неговата оставка. Причините не се поврзани со тимот и се од лична природа."
Сега, новиот тимски шеф сака да се фокусира на работата кон 2026 година, без да ја занемари тековната сезона. И тоа ќе го стори со аргентинскиот возач во своите редови.
Оукс, од своја страна, се чини дека е на иста позиција. Времето се совпаѓа со промоцијата на Колапинто, но поранешниот тимски шеф нагласува дека неговите причини биле од лична природа.
"Беше привилегија да гo водам тимот од Енстоун, каков тим, какво место. Лична одлука е да се повлечам. Флавио ми беше како татко, и имав голема негова поддршка откако ја презедов функцијата. Сите коцки се на место за 2026 година и каде заслужува да оди овој тим."
Во Италијанските медиуми непосредно пред објавата за оставката на Оливер Оукс од функцијата тимски шеф на Алпин излегоа со текстови за незадоволството на акционерите на Ред Бул од Кристијан Хорнер и, скептично, го споменаа името на Оливер Оукс како негова можна замена.
Случајност? Многумина тврдат дека случајностите во Формула 1 не постојат. Постои одреден впечаток дека војната Хорнер-Марко се уште не е завршена.
Макс Ферстапен и Марк Матешиц, син на основачот Дитрих Матешиц, му изразија поддршка на Хелмут Марко.
Хорнер отпатува за Тајланд за да се сретне со главниот акционер, кој поседува 51% од Ред Бул (преостанатите 49% се во австриски раце), кога виде дека неговата иднина е во опасност поради обвинувањата за сексуално малтретирање на колешка од тимот.
Во тоа време тајланѓаните му дадоа целосна подршка. Но, работите може да се променат. Вонсудската истрага, спроведена од надворешен адвокат го ослободи Хорнер од обвинение.
Сепак, наводната жртва не се согласила, не прифатила надомест и започнала официјална судска постапка. Рочиштето е закажано за почетокот на 2026 година.
Според најновите гласини, битката во Ред Бул не е само за Ф1, туку и за вкупните резултати на компанијата во спортот, каде што нивните главни инвестиции, Ф1, фудбал, Купот на Америка и МотоГП со КТМ се во фаза на разгледување.
Сигурно и други фактори играат улога во случајот на Ф1. На пример, притисокот на Хорнер за "омекнување" на електрификацијата во претстојните регулатива за погонските единици, каде што Ред Бул, со поддршка од Форд, станува самостоен производител. И тоа се гледа како слабост, т.е. дека се соочуваат со тешкотии.
Загубата на Адриан Њуи? На прв поглед, можеби нема никаква врска, но кога ќе дојде време, сигурно ќе работи против вас. Резултатите од оваа сезона? Ниту тие не треба да бидат одлучувачки, иако новите технички правила планирани за претстојните трки би можеле да бидат од одлучувачки карактер за Хорнер и Пјер Ваше.
СИТЕ ДЕТАЛИ: ОУКС ЗАМИНУВА ОД АЛПИН, КОЛАПИНТО ГО МЕНУВА ДУАН КАКО ПРВ ВОЗАЧ НА ТИМОТ
5/08/2025 12:24:00 AM
0
Tags
Share to other apps






