Само неколку места во календарот го отелотворуваат духот на Формула 1, а едно од нив секако е патеката Силверстоун. Британската патека е местото каде што се започна во 1950-тата година со одржување на првата трка во историјата на модерната ера на Формула 1 Шампионатите.
ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ ВО НАШАТА ВАЈБЕР ГРУПА, НАЈБРЗИОТ НАЧИН ДА ДОЈДЕТЕ ДО ВИСТИНСКИТЕ ИНФОРМАЦИИ ОКОЛУ Ф1 ШАМПИОНАТОТ.
КЛИК ТУКА ЗА ДА СЕ ПРИДРУЖИТЕ
СТРИМ ОД ТРКАТА, 16:00 МК, ЌЕ БИДЕ ПОСТИРАН НА ВООБИЧАЕНИОТ НАЧИН, И ВО НАШИТЕ ВАЈБЕР И ТЕЛЕГРАМ ГРУПИ.
Патеката сега со главното обележје во форма на авионско крило на стартно-целниот правец, не е ни малку слична на трускавиот аеродром на кој се одвиваше инаугуративната трка, но сепак останува чувството дека сте на посебно место.
Таа останува домаќин на Големата Награда на Британија до 1954 година, кога го дели настанот со Ајнтри од 1955-1962 година, а од 1963-1986 со Брендс Хеч. Од 1987 година па наваму Силверстоун е единственото место за одржување на овој настан.
Силверстоун е брзa, флуидна пaтека која e комбинација од брзи свиоци на почетокот и голем број на бавни свиоци кон крајот на кругот. Maggots, Becketts and Chapel се издвојуваат како едни од најсложените комбинациии на свиоци во шампионатот.
Силверстоун е широка патека со многу место за излетување околу повеќето свиоци, така што ризикот за излегување на безбедносното возило е минимален. Згора на тоа, маршалите покрај патеката се рангирани меѓу најдобрите во светот, па повеќето инциденти се расчистуваат брзо и ефикасно.
Постојат многу брзи свиоци кои овозможуваат одлични можности за претекнување. Возачите можат да пренесат многу брзина во нив, но, исто така, и да се движат по различни линии при нивното поминување и при излезот, што во суштина е она што доведува до претекнување.
Возачите за загревачкиот круг ќе тргнат во 15 часот по локално време, кога ќе имаме променливо облачно време, а воздухот ќе се загрее до 20 степени со посилен северозападен ветер.
Веројатноста за дожд се намалува како што доаѓа времето за старт, големи се шансите оваа година да немаме сесија која се вози на влажен асфалт.
Трката за Големата Награда на Британија, која се состои од 52 круга, од стратегиска гледна точка на Пирели, доколку имаме сува патека, ќе биде трка со едно застанување за промена на пневматиците, но со оглед дека оваа година имаме еден чекор помеки смеши во игра влегува и опцијата со две застанувања за промена на пневматиците.
Најбрзиот избор е да се вози со жолти и бели, со застанување во бокс помеѓу 19-тиот и 25-тиот круг. Оние кои ќе се одлучат да влезат во бокс двапати, повторно ќе им требаат жолти и бели. Првиот пит-стоп треба да го направат помеѓу 12-тиот и 18-тиот круг, а вториот помеѓу 32-риот и 38-миот
круг.
Како и секогаш, стратегијата зависи и од тоа кои гуми им се преостанати на возачите, и какви ќе бидат временските услови.Колку се пониски температурите, толку повеќе се фаворизираат помеките смеши.
Марио Изола, Пирели: "Силверстоун секогаш нуди одлично шоу, на патеката и на трибините. Исходот од квалификациите беше решен дури во последните моменти, а Ферстапен имаше маестрален настап за да ги победи навистина силните противници."
"Затоа, сите знаци укажуваат за подеднакво неизвесна трка, со најмалку шест возачи во потрага по победа и други места на подиумот."
"Ниту стратегијата не е јасна. Всушност, разликата помеѓу симулациите за трка со едно или две застанувања е многу мала, од две до три секунди. Затоа, изборот ќе зависи од перформансите на секој болид и нивната деградација на гумите."
"Ова е многу тешка патека, поради високите странични сили генерирани преку многуте брзи кривини, а вистинското абење на гумите е исто така фактор. Затоа, во трката, абењето на гумите ќе мора внимателно да се следи, како и појавата на грејнинг, со оглед на тоа што температурите ќе бидат слични на вчерашните, околу десет степени Целзиусови поладни отколку на петочните тренинг сесии."
"Сите три смеши се покажаа како одржливи за трката. Очигледно, белите и жолтите гуми нудат поконзистентни перформанси во текот на долг период, но црвените гуми би можеле да влезат во игра на стартот, за оние кои сакаат да надоместат места, но и во последните фази."
"Треба да се напомене дека четири тима, Астон Мартин, Вилијамс, Хас и Рејсинг Булс, се одлучија да имаат само еден сет бели гуми и еден жолти за трката. Ова би сугерирало дека тие се наклонети кон стратегија на едно запирање."
"Меѓутоа, ако деградацијата се покаже поголема отколку што очекуваа, или ако се појават можности како што е излегување на безбедносно возило, црвените гуми би можеле да станат очигледен избор за овие осум возачи."
"C4 смешата покажа дека на ваков тип патека е способна да го испорача својот целосен потенцијал уште од првиот обид. Вистина е дека времињата на кругови поставени по еден или два круга за ладење беа доволно пристојни, но предноста на новата гума во однос на половна беше значајна."
Нортхемптоншир е долината на светскиот мотоспорт. Сите добавувачи и производители на Формула 1 се базирани овде, а тука работат најдобрите менаџери, инженери и механичари. Речиси е невозможно да се привлече персонал во Италија, Швајцарија или САД, дури и за многу пари.
Друга традиција е променливото време. Во 2000 година, трката беше преместена во април, а за време на викендот патеката беше толку поплавена што гостите на престижниот падок клуб беа буквално до колена во кал. Сообраќајниот метеж достигна дваесет километри.
Оваа приказна е далеку зад нас, па челниците размислуваат да додолат перманентно место во Ф1 календарот за колевката на мотоспортот, Силверстоун.
На крајот од саботниот тренинг, кога сесијата беше прекината по инцидентот на Бортолето, Оливер Берман изгуби контрола врз својот Хас на влезот од боксевите. При сопирање со ладни гуми, болидот се изврте и удри во заштитната бариера, кршејќи го носот.
Откако ги разгледаа околностите на инцидентот, стјуардите го прогласија возачот за виновен за непочитување на правилата за црвено знаме, казнувајќи го со казна од 10 стартни позиции и четири казнени поени на неговата супер лиценца. Тој сега има осум поени во последните 12 месеци.
Стјуардите на Австриското Гран При го испитаа судирот помеѓу Кими Антонели и Макс Ферстапен во третиот свиок на стартот од трката.
Вината за судирот е целосно на Антонели, па затоа го казнија со губење на три стартни позиции на денешната трка во Силверстоун. Покрај тоа, Кими Антонели доби два казнени поени, кои беа негови први во Формула 1.
Франко Колапинто ќе стартува од пит-линијата на денешната трка.
По квалификациите, механичарите на тимот ја заменија погонската единица на неговиот Алпин. Тој доби нов мотор со внатрешно согорување, нова турбина, нови мотор-генератори MGU-H и MGU-K, нова единица за складирање на енергија, нова контролна електроника и нов издувен систем.
За да ги направи сите овие промени, тимот мораше да ги прекрши прописите на "затворениот паркинг", па како казна Франко Колапинто ќе стартува од боксот.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА БРИТАНСКОТО ГРАН ПРИ
7/06/2025 11:57:00 AM
0
Share to other apps