Следува Големата Награда на Унгарија, последната трка пред почетокот на летната пазуа. Се вози на Хунгароринг, патека домаќин од далечната 1986 година и опстојува веќе 40 години, a местото во календарот и е обезбедено до 2032 година.
За оваа година беше извршена голема реконструкција на стартниот правец и придружните објекти. Таа се рангира на третото место на листата на патеки кои биле домаќини на најмногу последователни Ф1 трки, а пред неа се само Монако и Монца.
Патеката е една од најтешките кога е во прашање ладењето на сопирачките, делумно заради недостаток на правци, и честопати се влошува кога болидите се заглавени во сообраќајот.
Хунгароринг е патека каде што не можете лесно да престигнете, патека каде што стартувањето од Пол позицијата е половина победа, а стартувањето од првиот ред е голема прдност. Ова е пандан на Монако кај постојаните патеки, каде што напредувањето низ поредокот, дури и за ѕвездите, е речиси невозможно.
Затоа, Хунгароринг е "досадна" патека за фановите, каде што стартот и застанувањето во бокс се клучни.
Но, сепак, ова е патека која е сведок на едно од најголемите престигнувања во историјата на Формула 1, престигнувањето на Аиртон Сена од страна на Нелсон Пике во првото издание во 1986 година, во 57-от круг.
Откако не успеа да го стори тоа од внатрешната страна на крајот од правецот два круга претходно, Пике скршна од надворешната страна, и во битка тркало до тркало го принуди Сена силно да сопира. Пике престигна и победи.
Унгарија е исто така историска пресвртница, прва Ф1 трка во источноевропска земја, зад железната завеса.
Оскар Пјастри пристигнува на Хунгароринг, патеката каде што ја забележа својата прва победа пред една година. Тој го прави тоа во сосема поинаква ситуација, со осум победи зад себе и водство во шампионатот на возачи.
Но, ова ни кажува и еден помалку познат детаљ за оваа патека. Тоа е патека на први победи, на триумфи кои се сметале за практично невозможни. Неочекувани. Против сите очекувања.
Хунгароринг е патека на која многу од Ф1 возачите ја забележале својата Прва Ф1 Победа, Фернандо Алонсо во 2003 година, Џенсон Батон во 2006 година, Хеики Ковалаинен во 2008, а Тимо Глок беше втор,забележувајќи го единствениот подиум во кариерата.
Во 2015 година, Данил Квјат го освои својот прв подиум, а во 2019 година, Макс Ферстапен ја освои својата прва пол позиција, на истата патека каде што неговиот татко Јос го освои првиот од неговите два пласмани на подиум во 1994 година.
Дејмон Хил, исто така, ја забележа својата Прва Ф1 Победа во Унгарија, во болидот на Вилијамс, далечната 1993 година. Тој беше првиот син на светски шампион кој Победил на Ф1 трка.
Најновиот пример, победата на Естебан Окон, неговата прва и единствена победа, во 2021 година, единствената на Алпин, беше исто така незамислива.
Дали факторот изненадување ќе игра улога и оваа година? Прва победа за Строл и Астон Мартин? Прва победа за Хулкенберг или Бортолето? Зошто не Хас?
Патеката е физички напорна за возачите, кои често ја споредуваат со Сингапур (физички најнапорната патека во календарот), поради големиот број на свиоци, високите температури, и релативно малото воздушно струење низ болидот.
Трката за Големата Награда на Унгарија се состои од 70 круга и според Пирели теоретски најбрзата стратегија е со две застанувања во бокс.
Многу ќе зависи од температурата на асфалтот, а за денес се најавени врнежи од дожд. Изборот на две застанувања во бокс е со избор на жолти или црвени гуми за почетен стинт, потоа следува сигурен стинт на белите гуми, и завршен стинт на бели, односно жолти, за тимовите кои се сигурни во помеката смеша на Пирели.
Меѓутоа, со неможноста за лесно претекнување на Хунгароринг, позицијата на патеката е клучна, па така тимовите мораат да бидат флексибилни и решителни да ги искористат понудените можности, на пример влегување на безбедносното возило.
Марио Изола, Пирели: "Имавме неверојатно блиска квалификациска сесија, при што првите четворица возачи беа во разлика од половина десетинка, а првите десет во половина секунда, што е најдобриот можен предговор за трка која изгледа подеднакво фасцинантна и спектакуларна."
"Постои голема веројатност за промена на времето, со можност за дожд за време на трката. Сепак, за разлика од пред една недела во СПА, мислам дека сите тимови ги имаат подготвено болидите за сува патека."
"Промената на времето, особено во однос на температурите, би можела да доведе до некои промени во редоследот, како што се виде во завршните фази од квалификациите."
"Сè што беше потребно беше пад од околу десет степени на температурата, неколку капки дожд и промена на насоката на ветерот од 90 степени во клучните моменти, за да се измешаат работите и, што е поважно, времињата на круговите да станат побавни, за половина секунда од Q2 до Q3."
"Доколку трката се одвива на сува патека, стратегијата со две застанувања со користење главно на бели и жолти гуми е очигледно најбрза. Едно застанување со жолти и бели гуми би можело да функционира за оние во среднината на поредокот, кои имаат за цел да ги продолжат своите стинтови со менаџирање на термичката деградација, надевајќи се на значително пониски температури од оние во петокот и саботата наутро."
"Меѓу опциите со две застанувања, не може да се исклучи стратегијата што ги вклучува сите три смеши, стартувајќи на црвени гуми за потенцијално да се надоместат позиции, а потоа можноста да се искористи чиста патека по првиот пит-стоп."
"Претекнувањето е далеку од лесно овде, а "undercut"-от е многу ефикасен."
Хунгароринг беше сув во петок и сабота, а дождот дојде во недела. Прогнозата предвидува врнежи, главно во првата половина од денот и треба да престане до пладне.
Во 15 часот, кога возачите ќе го започнат формацискиот круг, температурата на воздухот ќе достигне до 24 степени со променлива облачност и слаб југозападен ветер. Веројатноста за врнежи за време на трката не надминува 10%.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА УНГАРСКОТО ГРАН ПРИ
8/03/2025 10:55:00 AM
0
Share to other apps