Кими Антонели ја обезбеди Пол позицијата за Големата Награда на Јапонија.
Младиот Италијанец го победи својот тимски колега за речиси три десетинки, а блиску зад него беше Оскар Пјастри, на кого му побегна првиот стартен ред за само 56 илјадити делови од секундата.
Чарлс Леклер изгледаше како главен ривал на возачите на Мерцедес АМГ, но во Q3 направи грешка во последниот брз круг и заостана над половина секунда, но го победи Ландо Норис за пласман на вториот стартен ред.
Денешното т.н. тркање може да го претставиме со нервозната изјава на Моначанецот по завршувањето на квалификациите:
"Не можам да ги разберам квалификациите, ова е за неверување, ова е шега!"
"Ризикувам во свиоците, порано притискам гас, и за доброто на другите, сè губам на правците!"
Антонели, доколку имаше каква било сомнеж, потврди дека неговиот настап во Кина не бил случајност, и беше единствениот што успеа да се спушти под 1:29.000.
Во досегашниот тек од викендот тој е јасно пред Расел, па се прашуваме дали е возможно да почнува да попушта под притисокот на битката со својот тимски колега?!?
Луис Хамилтон се квалификуваше како шести, што значи дека возачите на Мекларен на овие квалификации беа побрзи од тие на Ферари. Но, болидот на Ферари го има супер стартот на своја страна!
Пјер Гасли го победи Исак Хаџар и беше најдобар од останатите, а Макс Ферстапен изненадувачки не успеа да влезе во Q3.
Габриел Бортолето со болидот на Ауди и Арвид Линдблад од Рејсинг Булс го комплетираа поредокот на најбрзите десет возачи.
Покрај Макс Ферстапен, разочарување и за Оливер Берман, кој не успеа да го помине Q1 сегментот и заврши само 18-ти.
Трката за Големата Награда на Јапонија започнува во 7:00 часот наутро по Македонско време, но внимавајте, преминуваме на летно сметање на времето во текот на ноќта помеѓу сабота и недела.
Во два часот по полноќ, стрелките на часовниците ќе се поместат за еден час понапред!!! Еден час помалку за спиење.
По изминати три тренинг сесии, возачите на Мерцедес АМГ влегоа како јасни фаворити за освојување на пол позицијата.
Квалификациите започнаа на целосно сув асфалт и температура од 32 степени.
Лиам Лосон ја отвори Q1 сесијата. Новозеланѓанецот стартуваше со време од 1:31.785. Кратко потоа, првата битка помеѓу возачите на Ферари и Мекларен ја доби црвениот тим.
Чарлс Леклер започна со 1:30.078, три десетинки побрзо од Оскар Пјастри. Луис Хамилтон успеа да го победи Ландо Норис, кој повторно имаше проблеми и на саботниот тренинг.
Кога болидите на Мерцедес АМГ излегоа на патеката, едниот од нив го презеде водството, но не за многу, а другиот беше петти.
Кими Антонели беше најбрз во овој случај со време од 1:30.035, 43 илјадити делови од секундата пред Леклер, а Џорџ Расел заврши со време од 1:30.631.
Чарлс Леклер во вториот брз круг се подобри и со време од 1:29.915 го презеде водството. Возачите на Мерцедес АМГ одлучија да се вратат во своите гаражи.
Џорџ Расел излезе за последен обид на употребувани црвени гуми, но успеа да се пласира само на второто место со време од 1:29.967.
Па така, Леклер ја заврши сесијата на врвот, следен од возачите на Мерцедес АМГ и Оскар Пјастри.
Елиминирани, покрај возачите на Астон Мартин и Кадилак, беа и Алекс Албон и Оливер Берман, на изненадување на сите.
Фернандо Алонсо беше подобар од Ленс Строл, но неговото најдобро време беше доволно само за претпоследната позиција, три десетинки од секундата зад најбавниот Кадилак, тој на Валтери Ботас.
По Q1 кој ни донесе изненадувања од Чарлс Леклер и Оливер Берман, на ред беше Q2 сесијата, битка за пласман во најбрзите десет возачи.
Возачите на Мерцедес АМГ беа први кои излегоа на патеката, а Кими Антонели повторно го победи Џорџ Расел, за три десетинки, со време од 1:29774.
Италијанецот беше во далеку подобра форма од својот тимски колега.
Мерцедес АМГ и Ферари излегоа за своите први брзи круга со користени црвени гуми, а Чарлс Леклер повторно беше многу блиску.
Моначанецот беше само 11 илјадити делови од секундата зад Антонели, додека Хамилтон беше една илјадитинка зад Расел.
Следуваа возачите на Ред Бул, половина секунда зад лидерите, но со нови црвени гуми. Исак Хаџар беше пред Макс Ферстапен. Остатокот од поредокот беше многу тесен.
Речиси на половина од сесијата, возачите на Мекларен излегоа на нов сет на најмеките гуми и се искачија нагоре во поредокот.
Оскар Пјастри го имаше најбрзото време од 1:29.451, додека Ландо Норис беше четврти, една стотинка зад Леклер и две зад Антонели.
Во последните неколку минути со многу подобрувања, Антонели постави време од 1:29.048 на нов сет на гуми за водство на табелата.
Чарлс Леклер заостана две, а Пјастри четири десетинки зад него. Џорџ Расел веќе заостануваше шест десетинки, но со стари гуми.
Изненадувањето беше Макс Ферстапен, кој беше победен од Исак Хаџар, па дури и од Арвид Линдблад, кој во последните моменти го исфрли холанѓанецот од најбрзите десет возачи.
Другите елиминирани возачи се Естебан Окон, Нико Хулкенберг, Лиам Лосон, Франко Колапинто и Карлос Саинц Јр..
Q3 сесијата започна со температура на патеката од 28 степени Целзиусови.
Тројца возачи, Пјер Гасли, Габриел Бортолето и Арвид Линдблад, мораа да ја започнат сесијата со користени црвени гуми, останатите со нов сет.
Во својот прв обид, Кими Антонели забележа време од 1:28.778, и беше единствениот возач под 1:29, победувајќи го тимскиот колега за речиси три десетинки, што е огромна разлика.
Оскар Пјастри беше на ниво на Џорџ Расел, додека три десетинки поназад беше Ландо Норис.
Возачите на Ферари летаа во првиот сектор (утре ќе бидат супер брзи на стартот!), но не можеа да го сторат истото до крајот на кругот и завршија петти, Леклер, и шести, Хамилтон.
Исак Хаџар беше на седмата позиција во тој момент, но со нови гуми пред Пјер Гасли, Бортолето и Линдблад кои привремено го комплетираа поредокот.
Сите имаа уште еден брз круг до крајот, во кој Антонели и Расел не можеа да се подобрат, но ниту останатите не беа нешто подобри.
Па така, Андреа Кими Антонели ја обезбеди својата втора последователна пол позиција во Формула 1, а Мерцедес АМГ повторно го обезбеди првиот стартен ред.
Оскар Пјастри заврши трет, пред Леклер, кој и покрај големата грешка на излезот од 14-от свиок, успеа да го победи Норис за четири илјадити делови од секундата.
Луис Хамилтон, потврди дека Мекларен беше подобар денес, со освојување на шестата позиција.
Пјер Гасли го престигна Исак Хаџар за седмата позиција, а Габриел Бортолето го стори истото со Арвид Линдблад и се пласираше на деветтата позиција.
АНТОНЕЛИ ГО ПОБЕДИ РАСЕЛ, ВТОРА ПОСЛЕДОВАТЕЛНА ПОЛ ПОЗИЦИЈА
3/28/2026 08:50:00 AM
0
Share to other apps









