Минатата година, поради времето, се појави неочекуван проблем кога старата, сува трева од страната на патеката се запали поради искри од титаниумските плочи на подвозјето што дојдоа во контакт со асфалтот.
Во петок, тренингот беше двапати прекинат со црвени знамиња, тревата беше косена и полеана, но во сабота, тренингот беше прекинат уште двапати.
Пред квалификациите, тревата беше полеана со вода, но повторно се запали. Оваа година го немаме тој проблем, болидите не се толку брзи.
Придружете ни се во нашата ВАЈБЕР група, најбрзиот начин да дојдете до информации поврзани со Формула 1 шампионатот, секако и стримови со директен пренос од сесиите...
Легендарната Сузука е една од најдобрите патеки од т.н. стара школа. Продолжувајќи ги експериментите со календарот, Либерти Медиа ја префрли јапонската трка за пролет, во 2024 година сè помина добро, и тие решија да го напуштат есенскиот датум, што значи дека судбината на шампионските титули, како што се случи 14 пати во историјата, нема да се решава во Јапонија.
Аиртон Сена ги освои сите три титули во Сузука, Михаел Шумахер освои една во Аида и две во Сузука, Мика Хакинен ги освои двете титули во Сузука. Покрај нив, шампиони во Јапонија станаа Џејмс Хант (1976), Нелсон Пике (1987), Ален Прост (1989), Дејмон Хил (1996), Себастијан Ветел (2011) и Макс Ферстапен (2022).
Трката во Сузука е трета трка во 2026 календарот, на која што тимовите и возачите се обидуваат да се навикнат на болидите од новата генерација.
Рамнотежата на силите и слабостите на болидите се повеќе или помалку јасни, а засега единствен јасен фаворит за шампионските титули е тимот на Мерцедес АМГ. Останатите тимови имаат значителна домашна работа да го стигнат нивното ниво на перформанси.
Поради воениот конфликт на Блискиот Исток, Формула 1 доби неочекувана едномесечна пауза на почетокот од сезоната, организаторите едноставно немаа друг избор.
По Сузука, тимовите ќе имаат слободен месец во април и ќе продолжат да се тркаат дури во мај, со трките во Мајами и Монтреал, пред Формула 1 да се врати во Европа во јуни, каде што ќе остане до средината на септември.
Легендарната патека, Сузука, се наоѓа во истоимениот град во префектурата Мие. Конфигурацјата е во форма на бројот осум и е дизајнирана од Џон Хугенхолц за тестирање на патничките автомобили на Хонда.
Сузука има секакви свиоци, што ви овозможува да ги оцените карактеристиките на патничките автомобили, а за болидите на Формула 1 станува сериозен тест. Но, оваа година, возачите велат дека нема веќе брзи свиоци, сите се минуваат со средна брзина, заради полнење на акумулаторите.
Патеката привремено го напушти шампионатот по реконструкцијата и враќањето на патеката Фуџи во календарот, потоа сопствениците на двете патеки се согласија на алтернативни трки, но во јули 2009 година трката во Фуџи беше откажана поради финансиски проблеми, па оттогаш Големата Награда на Јапонија повторно се одржува во Сузука.
Во последниве години, патеката беше реконструирана, таа доби нов асфалт, проширени се безбедносните зони, но конфигурацијата остана непроменета.
Во Сузука предност имаат добро балансирани и ефикасни болиди. Себастијан Ветел забележа четири победи зад воланот на Ред Бул, потоа имаше победи за возачите на Мерцедес АМГ, потоа пак Ред Бул, а за оваа година предноста е на страната на Мерцедес АМГ.
Во брзите свиоци секој би претпочитал поголема потисна сила, но во последниот сектор важно е да се постигне што поголема максимална брзина, така што поставките на болидите се различни.
Поради големата просечна брзина, оптоварувањето на гумите е доста големо, но сопирачките се користат релативно ретко, така што генерално сè е многу слично на ситуацијата во Силверстоун, каде што исто така има многу брзи свиоци и малку кочење.
Ако ги споредиме овие две патеки, тогаш Сузука е потешка, поради теренот и помалата ширина. Можеме да кажеме дека Сузука е една од најтешките патеки во календарот, а малиот број на безбедносни зони бара возење без грешки.
Од Пирели за претстојното Јапонско Гран При ги донесоа трите најтврди смеши С1, С2 и С3. Со оглед на комплексноста за претекнување на патеката, тимовите внимателно ќе ги проценат опциите за да добијат стратегиска предност.
Инженерите на Пирели најавуваат дека, според податоците собрани во текот на овој викенд, од трка со две застанувања во бокс, најдобрата стратегија за трката "влече" кон опцијата од само една промена на гуми.
Дарио Марафуски, Пирели: "Двете саботни сесии ги потврдија податоците генерирани од симулациите извршени пред настанот. За време на тренинг сесијата, која се фокусираше на перформансите со двете најмеки смеши, се појави разлика во перформансите од околу пет до шест десетинки помеѓу C2 и C3."
"Квалификациските времиња, постигнати без подготвителни кругови, ги исполнија очекувањата и беа побрзи од вчерашните благодарение на тековната еволуција на патеката."
"Како што се очекуваше, најбрзите стратегии за неделната трка вклучуваат едно запирање во боксот и користење на сите три смеши. Двете комбинации, жолти-бели и црвени-бели, се многу блиски во однос на вкупното време на трката, иако веруваме дека тимовите ќе ја претпочитаат поконзервативната прва опција."
"Користењето на C3 обезбедува поголем грип од старт и може да им понуди предност на оние кои ќе изберат да го искористат првиот стинт за да добијат позиции пред своите ривали. Во ова сценарио, прозорецот за влегување во боксот се протега од тринаесеттиот до деветнаесеттиот круг, поместен за два круга понапред во споредба со решението жолти-бели."
"Околу десет секунди побавна е последната можна стратегија со едно запирање, кое вклучува користење на црвени и жолти гуми, со промена на гумите помеѓу осумнаесеттиот и дваесет и четвртиот круг и потребата повнимателно да се менаџира со помеката смеша на сметка на перформансите."
"Некои аутсајдери би можеле да размислат и за значително побрзо менување на црвените гуми за да се избегне гужва на патеката, со цел да имаат брз болид во последните фази од трката, по средниот стинт на бели гуми, со нов сет црвени гуми."
"Тие би добиле предност пред финишот, но би требало да застанат двапати. Излегување на безбедносното возило би можело да фаворизира стратегии со два пит-стопа, иако историски тоа не е чест случај на Сузука."
Сузука беше топла и сува во петокот и саботата, а прогнозата за недела исто така ветува добро време.
Возаите треба да го започнат формацискиот круг во 14:00 часот по локално време.
Се очекува температурите во овој момент да бидат околу 19°C, со облачно небо, умерен југоисточен ветер и без врнежи од дожд.
Веројатноста за дожд ќе се зголеми кон финишот на трката, но само на 10%.







