Големата Награда на Сао Пауло, Бразил, е претпоследна трка од американската турнеја во Формула 1, бидејќи за две недели следува трка во Лас Вегас.
Останува само еден месец до крајот на сезоната, а судбината на титулата кај возачите е веќе решена. Се што останува е да се осигура победникот во шампионатот на конструктори, и да се види борбата за победа во преостанатите трки.
Следнава недела би требало официјално и конечно да дознаеме уште колку трки ќе гледаме до крајот на сезоната. Сега веќе започнува да се шпекулира дека Лас Вегас може да биде и крај на 2026 сезоната!
ПРИДРУЖЕТЕ НИ СЕ ВО НАШИТЕ ВАЈБЕР И ТЕЛЕГРАМ ГРУПИ, НАЈБРЗИОТ НАЧИН ДА ДОЈДЕТЕ ДО ВИСТИНСКИТЕ ИНФОРМАЦИИ ОКОЛУ Ф1 ШАМПИОНАТОТ.
ВАЈБЕР - КЛИК ТУКА ЗА ДА СЕ ПРИДРУЖИТЕ
ТЕЛЕГРАМ - КЛИК ТУКА ДА СЕ ПРИДРУЖИТЕ
СТРИМ ОД ТРКАТА ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА САО ПАУЛО, 18:00 MK, ЌЕ БИДЕ ПОСТИРАН НА ВООБИЧАЕНИОТ НАЧИН НА НАШИОТ БЛОГ, КАКО И ВО НАШИТЕ ВАЈБЕР И ТЕЛЕГРАМ ГРУПИ.
Прогнозата на ФИА предвидува трка на влажен асфалт со малку врнежи од дожд:
"Се очекува понатамошно зголемување на влажноста и намалување на температурите, со континуиран слаб дожд, росење или магла што се очекува во попладневните часови, што би можело да влијае на трката."
"Интензитетот на врнежите ќе остане на или под ниво 1 (многу слаби росења или магла), но видливоста може да остане слаба дури и помеѓу врнежите."
"Иако времето и времетраењето на врнежите не можат да се утврдат со сигурност, постои средна до висока веројатност трката да биде засегната од врнежи од степен 0.5-1, или услови на ниска видливост, или комбинација од двете"
Оваа шеста година, трката во Бразил да се вози под градско, а не национално именување, како во Мексико Сити. Наоѓањето средства на локално ниво се покажа полесно отколку на национално ниво.
И ако Големата Награда на Бразил во Сао Пауло секогаш беше на работ на откажување поради повеќе причини, тогаш Големата Награда на Сао Пауло е целосно успешен настан.
Бразилската јавност не е ништо помалку емотивна од мексиканската и подобро ја разбира Формула 1. Штета е што на повидок се уште нема наследник на легендарниот Аиртон Сена, но за тоа е потребен талентиран возач и богат покровител.
Минатата сезона, се појави домашен возач во Габриел Бортолето, а Ф2 шампионот изгледа добро се снаоѓа во битката против искусниот Нико Хулкенберг.
На крајот од 2026 сезоната, неочекувана шанса за настап доби и Рафаел Камара, по отказот на Естебан Окон во тимот на Хас.
Камара требаше да го замени Окон следната година, но на Французинот му беше покажана вратата порано, а Рафаел ќе го има своето деби во Формула 1. Тој ќе стане 34-тиот Бразилец што настапил во врвниот мотоспорт.
Последниот пат кога двајца Бразилци се натпреваруваа на иста трка беше пред десет години, на Големата Награда на Абу Даби во 2016 година, кога тоа беа Фелипе Маса во Вилијамс и Фелипе Наср во Заубер.
Бразилците се шести по број на возачи кои се натпреварувале во Формула 1 и трети по број на титули, зад Британците и Германците.
Бразилските возачи се натпреваруваат на оваа трка уште од нејзиното воведување во Ф1 календарот. Емерсон Фитипалди, неговиот брат Вилсон и Хозе Карлос Паче, по кого е именувана патеката Интерлагос, беа наследени од Аиртон Сена и Нелсон Пике, потоа дојдоа Рубенс Баричело и Фелипе Маса, потоа дојде ветувачкиот Пјетро Фитипалди, а сега бразилците навиваат за жителот на Сао Пауло, Бортолето, за кого ова е домашна трка во буквална смисла на зборот.
Хозе Карлос Паче е една од неколкуте патеки каде се вози спротивно на стрелките од часовникот.
Таа се состои од кривулест дел помеѓу свиоците 6 и 12, со три долги правци помеѓу свиоците три и четири, пет и шест, и после 14-от свиок до почетната "S"(Сена) шикана. Воедно, завршетокот на трето споменатиот правец е најидеалното место за претекнување.
Интерлагос е четвртата најкратка патека во календарот на Формула 1 за 2025 година, зад патеките во Монако, Зандворт и Мексико Сити. Се наоѓа на надморска височина од 800 метри, но по Мексико Сити, 2.300 метри надморска височина, ова нема да биде проблем.
Интерлагос е патека со две крајности. Првиот и третиот сектор бараат низок отпор на долгите правци, но средниот сектор е кривулест и бара голема потисна сила.
Со воведувањето на активната аеродинамика, инженерите почнаа да се фокусираат на потисната сила за да постигнат најдобри времиња во круг, но исто така е важно да се има добра максимална брзина на правците за време на трката.
Благодарение на долгите правци, Интерлагос е една од подобрите патеки за престигнување. Тешко е за возачот кој се брани да го контролира полнењето на акумулаторите, бидејќи нема многу големи зони за сопирање за обновување на енергијата.
Во минатото кога трките кои се возат во спротивна насока биле новост, тие биле тешки за навикнување за возачите. Во модерната ера, тоа повеќе би предизвикало механички проблеми на болидите, како "бегање" на горивото, водата, маслото спротивно од нивните пумпи.
Како и при секој тркачки викенд инженерите треба да најдат добар сет-ап на болидот со компромис на потисната сила која е посакувана низ тесниот и кривулест дел, но, непосакувана на правците, каде што болидот треба да постигне што е можно поголема максимална брзина.
Како и секогаш во Ф1, деталите се тие што ја прават разликата, а ризикот од сообраќај и излегување на безбедносното возило исто така се фактор на брзата и компактна патека Интерлагос.
Временските услови често се непредвидливи, но тие се најинтересни за нас гледачите, но ноќна мора за тимовите кои треба да ја погодат вистинската стратегија и што е поважно одлуките да се донесат во вистинскиот момент.
Дарио Марафуски, Пирели мотоспорт: "Квалификациската сесија обезбеди јасна демонстрација на тркање во влажни услови, при што болидите можеа да ја искористат сината гума за дожд, особено на почетокот кога условите на патеката станаа особено предизвикувачки."
"Сините гуми овозможија возењето да продолжи по доцнењето, потврдувајќи ја нејзината ефикасност дури и во најтешките услови и дозволувајќи им на возачите да одржат силно ниво на перформанси."
"Подеднакво значајно беше и преминувањето на интермедија гумите на почетокот на втората сесија. Благодарение на развојната работа извршена во последните години, сините гуми, можеа да останат ефикасни дури и откако стоечката вода исчезна од патеката, правејќи го преминот кон интермедија гумите лесен, бидејќи условите на патеката продолжија да се подобруваат."
"Тековните прогнози покажуваат 60% шанса за дожд за недела, што значи дека сценарио слично на квалификациите не може да се исклучи доколку трката се одржи целосно или делумно влажен асфалт."
"Сепак, во суви услови, најзначајните индикации доаѓаат од втората тренинг сесија, единствената што обезбеди репрезентативни податоци за долги стинтови. Нивната анализа не наведе да ги ревидираме симулациите извршени пред викендот."
"Абењето се покажа како поголемо од очекуваното, што резултираше со поголемо губење на перформансите во текот на еден стинт. Поради оваа причина, стратегијата со две застанувања се појавува како претпочитана опција, со два стинта на црвени и еден на жолтите гуми."
"Се проценува дека оваа комбинација нуди предност од околу три секунди во однос на стратегиите што ги вклучуваат сите три достапни смеши. Користењето на бели гуми, заедно со два стинта на црвени би резултирало со дополнително зголемување на вкупното време на трката."
"Пониските температури што се очекуваат во недела, во комбинација со можноста патеката да понуди помал грип, отколку што беше видено во петок, би можеле дополнително да ги фаворизираат помеките смеши, кои обезбедуваат поголем грип и побрзо ја достигнуваат работната температура."
"Стратегијата со едно застанување се чини значително помалку конкурентна, со проценето време на трката околу десет секунди побавно од оптималниот пристап со две застанувања."
"Во овој контекст, "undercut"-от би можело да се покаже како одлучувачки потег, особено за возачите што се префрлаат на помеките смеши, бидејќи би можеле да го искористат непосредното зголемување на грипот за да ја надоместат позицијата на патеката."
За Големата награда на Сао Пауло, стјуардите доделија голем број казни, најмногу поради замена на компоненти на погонските единици.
Луис Хамилтон доби казна од дури 75 стартни места поради промена на повеќе делови од моторот, што автоматски го испрати на самото дно на стартниот грид.
Макс Ферстапен е со казна од 30 места поради промена на три компоненти: мотор, турбополнач и издувен систем и ќе стартува од задниот дел на гридот.
Серџо Перез, исто така, доби казна од 30 места поради промена на делови од Ферари ПЕ во неговиот болид.
Чарлс Леклер доби казна од 10 места за замена на моторот со внатрешно согорување. Квалификациите ги заврши како четврти.
Џорџ Расел има казна од 5 места за пречекорување на дозволениот број на мотори. Квалификациите ги заврши на втората позиција.
Арвид Линдблад доби седми мотор со внатрешно согорување и шести турбополнач. Габриел Бортолето, е опремен со нов акумулатор и нова шеста контролна електроника. Сите овие промени се надвор од дозволениот лимит, па затоа следуваат казни.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА БРАЗИЛСКОТО ГРАН ПРИ
11/08/2026 03:24:00 PM
0
Share to other apps









