Сите посакуваме што повозбудлива трка на која ќе Победи нашиот миленик!!!
По завршницата на европскиот дел од сезоната, Формула 1 карванот се сели на исток каде во континуитет ќе гледаме пет азиски трки. Возбудувањата започнуваат со трката во Сингапур овој викенд, 21-23 Септември. Ова Гран При се издвојува поради неговата посебност, тоа е единствената ноќна трка во Ф1 календарот. Со тоа се почитува Европската временска зона, па екипажите работат ноќе и одмораат во текот на денот.Марина Беј е домаќин на Ф1 трки од 2008 година. Тоа е бавна, многу нерамна, тесна патека и една од ретките на која се вози во обратна насока од стрелките на часовникот. Од возачите бара голема физичка издржливост, со оглед на високите температури и влажноста. Како и на секоја улична патека, Квалификациите се од голема важност, бидејќи престигнувањата на трката ќе бидат ретки(да се надеваме дека нема да е така). Просечната брзина е една од најниските (побрза е само од Монако) во календарот и тимовите сакаат да го постигнат нивниот највисок downforce сет-ап на болидот во обид да се обезбеди максималниот грип низ 23-те кривини на оваа патека.
Пирели за овој Гран При ги избра своите супер-меки и меки гуми. Се е исто како и минатата година, па на овој план не би требало да има големи изненадувања. Оваа комбинација последен пат оваа сезона беше користена на Канадското Гран При и пред тоа во Монако. Интересен е и фактот што патеката е на нивото на морето, па воздушниот притисокот е повисок, воздухот е погуст, а тоа значи дека потрошувачката на гориво е повисока. Тоа значи дека болидите ќе започнат потешки во просек за околу 10 кг гориво што ќе се одрази на гумите во раните фази на трката.
Фернандо Алонсо е водечкиот во генералниот пласман, а по него имаме тројца возачи разделени со по еден бод и тоа Луис Хамилтон, Кими Раиконен и Себастијан Ветел. Интересно е што од сите нив само Кими Раиконен нема победа во Сингапур. Дали силите на Лотус овој пат ќе бидат доволни за да ја освојат толку медиумски зборуваната прва победа за тимот, ќе дознаеме во Недела. Сингапур ГП-то обично изобилува со помали инциденти и безбедносниот автомобил интервенираше тука барем еднаш во секоја трка од 2008 година.
Возбудувањата започнуваат со петочните тренинзи, а главниот настан ќе започне во Недела, во стандардното европско време, 14:00 СЕТ.