По најверојатно непроспиената ноќ, први со соопштение од Мекларен: Серџо Перез го заменува Луис Хамилтон. За некого сеуште неискусен за во врвен тим(Ферари), за други исто така неискусен(Мекларен, но што да се прави кога немаш возач), но доволно брз и пожртвуван, спремен за учење на врвните тајни на овој мотоспорт. А дека има таков потенцијал во овој млад возач се покажа на неколку наврати оваа сезона. Наредната сезона Мекларен со дефинирани прв и втор возач, шанса од сенка за Британецот за своја втора титула т.е. ако е доволно добар, како што се тврди.
Најискрената изјава денес е на Серџо Перез:
"Јас сум воодушевен и задоволен што станав возач на Мекларен. Името, Мекларен, е еден од најголемите во историјата на Формула 1 повеќе од 40 години. Мекларен е тим во кој секој возач претендира да вози. Израснав со фантастичните приказни за повеќекратниот светски шампион, Аиртон Сена, со тимот на Мекларен и јас сум навистина почестен што тие ме избрале за тимски колега на Џенсон од 2013 година".

Рос Браун изјави:
"Јас сум воодушевен со доаѓањето на Луис Хамилтон во нашиот тим. Доаѓањето на возач од калибарот на Луис е потврда за положбата на Мерцедес-Бенц во Формула 1 и јас сум горд што Луис ги дели нашата визија и амбиција за успехот на Сребрените стрели. Верувам дека комбинацијата на Луис и Нико ќе биде најдинамичната и највозбудливата тимска постава на патеката следната година, и јас со нетрпение го очекувам она што можеме да го постигнеме заедно." (Така беше и со доаѓањето на Шумахер, но...)
Со потпишувањето на Луис Хамилтон, Мерцедес АМГ сега има сè освен изговори за понатамошни неуспеси. Во речиси три сезони по враќањето во Формула 1 по купувањето на тимот Браун, имаат произведено една победа меѓу бројните неуспеси. Реално, или пак не, Хамилтон мора да го отпише освојувањето на титулата следната година, а неговите и тимските желби за Титули можат да бидат целосно реализирани ако Мерцедес произведе V6 турбо мотор кој ќе биде способен за големи нешта, а тогаш ќе речеме дека Хамилтон направил совршен потег за 2014 година. Но, Хамилтон ги фрли коцките, а како што викаат сите коцкари - што поголем ризик, толку поголема добивка.
А Шуми?
Неговата иднина е неизвесна. Седумкратниот шампион не навестува ништо околу тоа дали тој е во потрага по други тимови или ќе се повлече од Формула 1:
"Имав три убави години со тимот, кои за жал не одеа како што сите ние посакувавме од спортска страна. Му посакувам се најдобро на Луис, и со тимот да постигне успех за кој што работевме толку напорно. Јас би сакал да се заблагодарам на тимот за нивната доверба и сите момци за нивната безусловна пожртвуваност. Јас сега ќе се концентрирам на трките што доаѓаат."
Каква ќе биде неговата иднина времето ќе покаже. Го поврзуваат со Заубер, а познавајќи ја неговата желба за тркање не би било чудно и да го видиме и во овој тим.