По завршувањето на Европската турнеја, по брзите и историски патеки како Спа и Монца, Формула 1 се преселува на Азискиот континент, место каде историјата на овој спорт е во зачеток. Но, затоа патеките се ултра-модерни, а следната трка за Големата Награда на Сингапур, е првата и единствена трка во календарот што се вози под рефлектори.
Покрај фактот дека се работи за ноќна трка, за да се задржи Европското вообичаено време за старт на трките во 14:00 часот, постојат и голем број на други фактори кои Марина Беј патеката ја прават уникатна. Во однос на времетраењето, тоа обично е најдолгата трка во сезоната, често траејќи блиску до рокот од два часа, што значи дека болидите стартуваат со резервоари наполнети до врв. Тоа е, исто така, трка на која статистички постои најголема шанса за излегување на безбедносно возило и дожд. Сите овие елементи влијаат на стратегиите на тимовите.
И покрај тоа што се вози ноќе, температурата е висока, околу 30°С, со влажност на воздухот од околу 75%. Има мала модификација на патеката за оваа година, шиканата која почнуваше со кривината 10 е отстранета и се заменува со побрза лева кривина. Застанувањето за промена на гуми е едно од најдолгите во сезоната, кое во комбинација со поконзервативниот избор на гуми, вообичаените три пит стопа од минатите години, сега лесно може да станат два.
Со 23 кривини, блиски бариери, Марина Беј, исто како и Монте Карло, бара целосна фокусираност и концентрација од возачите за време на целиот тркачки викенд. Откако се приклучи во календар во 2008 година, на Сингапур ГП победиле само тројца возачи, кои се, исто така, тројцата водечки во генералниот пласман на возачи. Фернандо Алонсо победи во 2008 и 2010 година, Луис Хамилтон во 2009 година, а последните две трки ги доби Себастијан Ветел.
Сингапур ГП-то ќе биде долга трка, на која може да видиме многу различни и интересни стратегии, кои може да ја направат една од најинтересните и секако најспектакуларен настан во овогодинешниот Шампионат.
ВО ПРЕСРЕТ НА 2013 СИНГАПУР ГП
9/19/2013 12:43:00 AM
0
Tags
Share to other apps