Големата Награда на Индија во 2011 година беше додадена во Формула 1 календарот, а веќе оваа 2013 сезона можеби ќе биде домаќин за последен пат. Оваа трка ја нема во 2014 календарот, а нејзиното враќање е неизвесно и многу тешко остварливо. Индискиот пазар се покажа индиферентен на овој спорт, публика малку, уште помалку заинтересирани компаниии да вложуваат или да се рекламираат во најгламурозниот мотоспорт на планетата. Патеката Буд е позната по своите нагорнини и удолнини и широкиот спектар на кривини, а најкарактеристични се следните делови на патеката:
Кривината 1
По стартно-целниот правец следува остра надолнина кон кривината 1, за да следи угорнина за кривината 3. Оваа промена во елевацијата на патеката генерира огромни вертикални Г-сили, кои дејствуваат како на возачот, така и на болидот. На последните две трки Пирели ги носеше тврдите и меки гуми, но оваа година се одлучија за малку поагресивен избор на помеки смеши - медиум и меки. Како резултат на тоа, исто како и на минатата трка во Јапонија, не се очекуваат големи разлики во времињата помеѓу двете смеши.
Правецот помеѓу кривините 3 и 4
Патеката Буд има три долги правци, стартно-целниот, најдолгиот правец помеѓу кривините 3 и 4 и пократок правец од тука до кривината 5. Правецот помеѓу кривините 3 и 4 е еден од најдолгите правци, со должина од огромни 1200 метри, кога моторот на болидот работи на полн гас повеќе од 15 секунди. Исто така, се одликува со промена на елевацијата која дејствува на работата на менувачот. На овој правец гумите на Пирели ротираат околу 50 пати во секунда при максималната брзина и нивната температура кон крајот може да надмине 100 степени целзиусови. Должината на боксовите во Индија е една од најдолгите во Формула 1 со околу 600 метри. Ова води до значителна загуба на време кога се менуваат гуми, што е важен фактор кога се "кова" стратегијата за трката.
Кривините 10 и 11
Вториот дел од патеката е многу кривулест, каде акцентот за перформансите на болидот се менува од моќноста на моторот на управливоста. Делот од патеката помеѓу кривините 10 и 11 е еден од најпредизвикувачките. Возачите тука си "играат" со педалата на гасот во текот на еден релативно подолг период, обидувајќи се да го најдат лимитот на болидот.
Себастијан Ветел има предност од огромни 90 поени во однос на Фернандо Алонсо во шампионатот на возачи и му треба само да заврши на едно од првите 5 места, за да биде крунисан за Светски Шампион, т.е. да стане само четвртиот возач во историјата на Формула 1 кој освоил четири титули, и само третиот возач со четири по ред, заедно со Хуан Мануел Фанџо и Михаел Шумахер. Конструкторската титула исто така е резервирана за тимот на Ред Бул кој моментално има 445 поени, во споредба со 297-те на Ферари на второто место, па може да очекуваме и заверка на оваа титула. За тоа е потребно Ред Бул да освои 24 поени повеќе од Ферари.
ВО ПРЕСРЕТ НА ПОСЛЕДНАТА Ф1 ТРКА НА ПАТЕКАТА БУД
10/23/2013 01:02:00 PM
0
Tags
Share to other apps

