Формула 1 шампионатот продолжува веќе овој викенд во Бахреин, место каде се одржаа две пред-сезонски тест сесии. Во Сепанг, Фернандо Алонсо, го обезбеди четвртото место, додека Кими Раиконен иако ја извозе целата трка, поените никогаш не беа во игра по судирот во првиот круг. Возачите на Ферари ги дадоа своите видувања за предизвиците со кои ќе се соочат овој викенд.
Фернандо Алонсо - Од последниот тест во Бахреин, ние имаме направено голем чекор напред во однос на интеракцијата помеѓу електричните компоненти и моторот од нашата ПЕ. Сега сите имаме подобро разбирање на правилата, исто така, ние возачите во однос на стилот на возење и како да управуваме со оваа нова Формула 1, па доаѓаме на оваа трка со многу подобра основа отколку што имавме во текот на зимските тестови.
Најтежок аспект на Шакир патеката е сопирањето, бидејќи имаме долг правец проследен со нагло сопирање, а потоа тесен свиок, па друг правец. Перформансите на сопирачките и чувството што го добивате од нив ви дава доверба да форсирате и така да се забележуваат побрзи времиња. Освен тоа, уште еден приоритет ќе биде да работиме на нашата максимална брзина. Видовме различни видови на тркање за време на првите две трки, на првата се истакна штедењето на гориво, а во Малезија фокусот беше кон чување на гумите кои брзо се трошеа, поради високата температура.
Мислам дека Бахреин ќе биде комбинација од овие два фактори. Ние ќе мора да штедиме повеќе на гориво, отколку во Малезија, а гумите ќе бидат погодени од температурата на оваа пустинска трка. Може да очекуваме тежок викенд, бидејќи некои од нашите ривали се многу силни, па ние ќе треба да ги зголемиме нашите перформанси, ако сакаме да ја намалиме разликата што е можно побрзо.
Кими Раиконен - По зимските тестирања во Бахреин, ние сега се враќаме таму со многу повеќе искуство и знаење од првите две трки. Ние мора да го употребиме тоа знаење на најдобар можен начин. Има многу да се направи, но сите ние во тимот се трудиме да напредуваме најбрзо што можеме. Шакир патеката нема многу свиоци, но е многу тешко да се добие совршен круг, што се должи на комбинацијата од брзи делови и многу бавни свиоци. Клучно ќе биде, што е можно поскоро да го најдеме вистинското подесување на болидот, за потоа да можеме да го подобруваме во текот на викендот.
Очигледно, секоја патека си има свое влијание врз потрошувачката на гориво и гумите, а во Бахреин, заштедата на гориво ќе игра поважна улога отколку на последните две трки, но тоа не мора да испадне премногу лошо, како што беше случај во Мелбурн. Исто така, мислам дека на оваа патека ќе можеме малку полесно да се справиме со гумите, од колку во Сепанг. Ако можеме да го погодиме подесувањето на болидот, викендот ќе биде многу полесен.
Што може да очекуваме во Бахреин? Во Малезија, не можевте да видите, поради она што се случи во првиот круг, но јас чувствував дека сум направил чекор напред во однос на разбирањето на алатките со кои морам да работам, па мислам дека можеме да бидеме подобро подготвени за овој викенд. Тоа треба да ни даде побрзи кругови и подобри позиции.
ФЕРАРИ: НАПОРНА РАБОТА ЗА СМАЛУВАЊЕ НА РАЗЛИКАТА
4/02/2014 01:11:00 AM
Tags
Share to other apps

