Возачите на Мерцедес АМГ доаѓаат во Шпанија како лидери во генералниот пласман на возачи и конструктори. Патеката Каталуња се смета како прва "нормална" патека на сезоната, и често обезбедува солидни показатели за целокупните перформанси на болидите, а и традицијата вели дека од 23 досегашни победници, во 16 наврати тимот што бил Победник на крај ја освојувал и Титулата во Шампионатот. Тимот кој што е лидер, Мерцедес АМГ, се надева да биде уште побрз, за да го контролира своето водство, а другите кои се релативно далеку зад нив, како Ред Бул, Ферари, Мекларен ќе се надеваат дека нивните надградби ќе ја анулираат разликата до водечките. Повеќето финансиски моќни тимови ќе донесат многу надградби тука во Шпанија, од кои ќе зависи цела нивна сезона. Покрај нив и помалите тимови имаат свои калкулации и надежи за подобрување на својата форма. Од аспект на возачи, сезоната не започна баш многу возбудливо. Имаме два победници во четирите трки кои веќе се одржаа, Нико Розберг и Луис Хамилтон, а возачите на Мерцедес АМГ се најголеми фаворити за Победа и на оваа трка.
Со своите 730 метри, правецот од стартната линија до првата кривина во Барселона е најдолг во целата сезона. Самата патека е мешавина од средни и брзи кривини, комплекс од кривини кои се поминуваат со мала брзина и долги правци. Дизајнот на кривините не е особено погоден за претекнување, дури и со помош на ДРС-системот.
На Каталуња треба да се најде вистинскиот компромис меѓу аеродинамичкиот и механички грип, а фактор за подесувањето на болидот кој ќе има важно влијание е и ветерот кој во Барселона многу често ја менува својата насока. Клучните области за брз круг во Барселона е доброто реагирање на новите ПЕ во брзите кривини, како што се тие со број 3 и 8 и да се задржи стабилноста на болидот при сопирање и шалтањето во помали брзини во побавните кривини како што е таа со број 10. Победник на девет од последните 11 трки на оваа патеката е возачот кој ја освоил Пол позицијата, што подразбира дека квалификациите ќе бидат од исклучително значење.
Пирели за Шпанското ГП ги носи портокаловите тврди и белите медиум гуми. Според нив, под големо оптоварување ќе бидат гумите од левата страна на болидот, со висока побарувачка за тракција од левата задна, поради големиот вртежен момент од новите турбо мотори. Со средно ниво на потисна сила, кое е намалено во споредба со минатата година, од особено значење е да се погоди подесувањето на болидот, бидејќи во спротивно може да предизвика пролизгување на задниот дел. Ова потенцијално може да доведе до надуправливост и загревање на смешите, предизвикувајќи задните гуми да деградираат. Бавните кривини и шикани генерираат високи температури на гумите,а предната лева гума може да достигне врв од 130 степени целзиусови и да предизвика деградација. Ова е особено случај при слободните тренинзи, кога патеката се уште не е доволно гумирана.
Оптоварување на составните делови на погонската единица
Мотор | 3 |
MGU-K | 3 |
MGU-H | 3 |
Акумулатор | 3 |
Потрошувачка на гориво | 2 |
ERS-систем | 4 |