Нико Розберг имаше лош старт на трката, дозволувајќи му на Хамилтон да го нападне и речиси престигне во првата кривина. Но, важноста да се остане на првото место го натера Германецот да форсира и го одложи кочењето до последниот можен момент, при тоа принудувајќи го Хамилтон да се откаже и излезе надвор од патеката, со што Англичанецот го изгуби второто место од Ветел. Високата веројатност за безбедносното возило се покажа оправдана и тоа беше на патеката веќе во почетните моменти на трката кога се судрија двата болиди на Марусија. Макс Чилтон изгуби контрола врз својот болид го поткачи болидот на својот тимски колега Жил Бјанки, кој спектакуларно заврши во бариерите покрај патеката. На маршалите им требаше седум круга да ги расчистат остатоците од болидите, како и истуреното масло од болидот на Французинот.
По рестартот на трката на Хамилтон му беа потребни само три круга, додека се вклучи ДРС-системот, за да пролета покрај Себастијан Ветел за враќање на второто место веќе во 10-от круг. Веднаш тргна во потера по Розберг, кој во меѓувреме успеа да направи само 1.7 секунди предност. Мерцедесите летаа на патеката и беа за 1 секунда побрзи од нивниот најблизок конкурент, тимот на Ред Бул.
Веќе по неколку кругови се започна со првото менување на гумите, а водечкиот Розберг имаше две секунди предност пред Хамилтон кога во 18 круг се реши да влезе во својот бокс. При излегувањето на патеката имаше страшен момент,кога со крајни напори успеа да го исконтролира својот болид и да не заврши во познатите блиски бариери на патеката Жил Вилнев. Сепак, тоа не го искористи Хамилтон, кој ги промени гумите веќе во следниот круг. Неговото застанување беше 0.6 десетинки побавно и имаше слабо време при влезниот круг, со што грешката на Германцот остана неказнета.
Добивме впечаток дека темпото на Хамилтон на меките гуми е многу подбро од тоа на Розберг, го постави најбрзиот круг на трката во тие моменти и силно се фокусираше да го помине својот тимски колега и единствен ривал за Титулата. Во 25-от круг разликата беше околу половина секунда, па Британецот можеше да го користи ДРС-системот, но пред последната шикана блокираа предните тркала на болидот на РОзберг, а тој продолжи право и ја пресече истата, при тоа поставувајќи и најбрз круг на трката. Хамилтон продолжи да притиска, но истовремено беше известен по тимското радио дека Розберг е под истрага на стјуардите и да не превзема непотребни ризични потези.
Стјуардите пак, никако не може да се одлучат што да направат и најверојатно се водела жестока дебата меѓу нив. Ако се казни Розберг тоа ќе значеше крај на борбата за првото место, за да на крај излезат со соломонско решение да издадат "Final warning", последно предупредување, за неправилно сечење на шиканата од страна на Розберг.
Веќе стигнавме околу половина на трката, кога работите почнаа да стануваат интересни. Прво Луис пријави дека почуствувал ненадејно губење на моќна на ПЕ, за набргу исто да го пријави и Нико Розберг, а Мерцедесите почнаа да губат по околу две секунди по круг од своето најбрзо темпо. Се решија за малку порано менување на гумите, повторно по истиот редослед од првото застанување, овозможувајќи му на Маса за кратко да ја поведе трката. Механичарите на Розберг имаа проблем со промената на гумите, што му овозможи на Хамилтон да излезе пред него по завршувањето на својот пит-стоп.
Но, радоста на Хамилтон беше краткотрајна. Тој направи грешка во најбавната кривина на патеката, овозможувајќи му на Розберг повротно на дојде пред него, а во обидот Хамилтон да ја искористи заветрината зад својот тимски колега, нападна пред последната шикана, овој пат неговите кочници блокираа и тој продолжи право сечејќи ја право. Хамилтон намали на правецот и го пропушти својот тимски колега. Подоцна веќе стана јасно дека нешто не е во ред со задните кочници на болидот на Британецот и тој мораше да се откаже од трката во 48 круг.
Нико Розберг го имаше истиот проблем и не можеше да го користи максимумот на својот болид, и само Серџо Перез го одржуваше на првото место, недозволувајќи им на болидите на Ред Бул да го поминат. Во меѓувреме водечкот Маса беше повикан во бокс за промена на гумите, нешто што може да се каже дека беше катастрофална проценка на тимот на Вилијамс, барем таков впечаток се доби со гледање на трката пред ТВ екраните. Падан назад во поредокот, но со помош на свежите гуми успеа да го помине својот тимски колега и Нико Хулкенберг за да стигне до 5-тото место. Тука запре неговиот напредок иако имаше далеку посвежи гуми од болидите на Ред Бул, Форс Индија и Мерцедес АМГ.
Серџо Перез попушти пред притисокот на Рикиардо, но и неисправните задни кочницио на својот болид, на 5 круга до крајот на трката. Рикиардо веднаш го стигна и неисправниот болид на Розберг и на 3 круга пред крајот на трката со помош на ДРС-от и истата леснотија со која Хамилтон на почетокот го помина Ветел, го зграби водството и стигна до својата Прва Победа во Ф1 кариерата. Ветел во тие моменти го помина Перез за пласман на подиумот.
Трката заврши под безбедносното возило, откако Серџо Перез, кој беше на стратегија на едно влегување во бокс, се судри со Фелипе Маса на крајот од стартно-целниот правец. Судирот изгледаше страшно, но двајцата возачи излегоа неповредени, само малку потресени од случката при полна брзина на болидите. По крајот на трката, виновник за судирот беше прогласен Мексиканецот и добри казна од 5 стартни места поназад за следната трка во Австрија.
Сите позади нив добија по две места, но Џенсон Батон ја искористи оваа мешаница да добие плус две места поминувајќи ги Нико Хулкенберг и Фернандо Алонсо за 4-то место. Хулкенберг донесе малку радост за Форс Индија со освојувањето на петтото место со истата стратегија од едно застанување во боксовите. Фернандо Алонсо заврши шести за Ферари, но F14T изгледаше немоќно и нема моќ да нападне на патеката. Италијанскиот тим поминува низ периот на сериозна криза. Неговиот тимски колега, Кими Раиконен со крајни напори стигна до 10-тото место и последниот бод за освојување. Валтери Ботас успеа да се задржи на седмото место за Вилијамс и покрај проблемите со кочниците, пред Жан-Ерик Верн со Торо Росо на осмата и дебитант Кевин Магнусен на деветото место.
Голема Награда на Канада, Монтреал
70 круга, 305.270км., Време: Сончево.
ПЛАСМАН:
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ
1. Даниел Рикиардо Ред Бул 1ч39:12.830
2. Нико Розберг Мерцедес + 4.236
3. Себастијан Ветел Ред Бул + 5.247
4. Џенсон Батон Мекларен + 11.755
5. Нико Хулкенберг Форс Индија + 12.843
6. Фернандо Алонсо Ферари + 14.869
7. Валтери Ботас Вилијамс + 23.578
8. Жан-Ерик Верн Торо Росо + 28.026
9. Кевин Магнусен Мекларен + 29.254
10. Кими Раиконен Ферари + 53.678
11. Серџо Перез Форс Индија + 1 Круг
12. Фелипе Маса Вилијамс + 1 Круг
13. Адријан Сутил Заубер + 1 Круг
14. Естебан Гутиерес Заубер + 6 Кругa
НАЈБРЗ КРУГ: Фелипе Маса - 1:18.504
БЕЗ ПЛАСМАН:
ВОЗАЧ ТИМ При круг
Роман Грожан Лотус 59
Дањил Квјат Торо Росо 48
Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 46
Камуи Кобајаши Катерам 23
Пастор Малдонадо Лотус 22
Маркус Ериксон Катерам 7
Макс Чилтон Марусија 1
Жил Бјанки Марусија 1
Генерален пласман по 7 трки:
Возачи: Конструктори:
1. Нико Розберг 140 1. Мерцедес АМГ 258
2. Луис Хамилтон 118 2. Ред Бул 139
3. Даниел Рикиардо 79 3. Ферари 87
4. Фернандо Алонсо 69 4. Форс Индија 77
5. Себастијан Ветел 60 5. Мекларен 66
6. Нико Хулкенберг 57 6. Вилијамс 58
7. Џенсон Батон 43 7. Торо Росо 12
8. Валтери Ботас 40 8. Лотус 8
9. Кевин Магнусен 23 9. Марусија 2
10. Серџо Перез 20
11. Фелипе Маса 18
12. Кими Раиконен 18
13. Роман Грожан 8
14. Жан-Ерик Верн 8
15. Дањил Квјат 4
16. Жил Бјанки 2