Макс Ферстапен ќе биде најмладиот возач во историјата на Ф1, откако тимот на Торо Росо соопшти дека од 2015 година тинејџерот ќе му биде тимски колега на Дањил Квјат, кога ќе дебитира со 17 години и 164 денови. Младиот Холанѓанец за цели две години ќе го сруши рекордот на Шпанецот Алгерсуари кој во 2009-та година дебитираше во Формула 1 со 19 години и 125 денови.
Тој неодамна му се приклучи на јуниорскиот тим на Ред Бул, а доаѓа од Формула 3 Шампионатот, каде оваа сезона триумфираше на седум трки со што го привлече вниманието на Формула 1 тимовите. Ако ви е познато ова презиме, сигурно се сеќавате на неговиот татко Јос Ферстапен, кој возеше за Бенетон, Симтек, Футворк, Тајрел, Стјуарт, Ероуз и Минарди. За девет години и 106 извозени трки, најдобриот резултат го оствари во дебитантската сезона со две трети места во Унгарија и Белгија.
Макс не можеше да ја сокрие својата радост: "Ми се оствари сонот. Многу сум возбуден. Најмногу му благодарам на мојот татко Јос, кој се години ме подготвуваше за ова. Им благодарам на сите кои веруваа во мојот талент и кои ме финансираа во овие тешки моменти".
Жан-Ерик Верн, кој е решен да остане во Формула и следната сезона, се јави со реакција на твитер: "Торо Росо е добрo училиште. Научив многу. Сега ќе се фокусирам на добра завршница на оваа сезона. Јас веќе работам на плановите за 2015 година и имам уште многу да покажам во Ф1."
Потпишување на Ферстапен е исто така лоша вест и за Карлос Саинц Јуниор, за кој се очекуваше дека ќе дебитира во овој тим. Саинц во моментов води во Формула Рено 3.5 Шампионатот, и најверојатно сега единствена шанса за да биде вклучен во Ф1 следната сезона е улогата на тест возач.
МАКС ФЕРСТАПЕН ГО ЗАМЕНУВА ЖАН-ЕРИК ВЕРН ВО ТОРО РОСО
8/19/2014 11:49:00 AM
0
Share to other apps