Новата 16-та Победа за Мерцедес АМГ во оваа сезона го сруши стариот рекорд од 15 победи во една сезона, кој беше во сопственост на Ферари и Мекларен. Исто така, Луис Хамилтон ќе биде првиот Шампион на Сребрените стрели од Хуан Мануел Фанџо.
Луис Хамилтон имаше перфектен старт на трката со кој го превзеде првото место на трката. Нико Розберг по слабиот старт успеваше да биде во близина на Британецот, но, во 25-от круг започна да забавува, а од тимското радио дознавме дека има проблеми со моќноста на Мерцедес ПЕ т.е дека неговиот ЕРС-систем не ги испорачува дополнителните КС. Подоцна неговите надежи беа комплетно уништени со проблемите со сопирачките и педалата за гас за на крајот тој да ја заврши трката на 14-тото место.
Зад нив, лош старт имаа Валтери Ботас, кој до крајот на првиот круг падна од трето на осмото место и Дањил Квјат од петто на седмо. Тоа го искористи Џенсон Батон и напредуваше од шестото на четвртото место зад Маса. Батон беше следен од дуото на Ферари.
На крајот од првиот круг, Хамилтон беше една секунда пред својот ривал за титулата и до времето за употреба на ДРС системот направи безбедни 1.2 секунди. Подолу во поредокот, Фернандо Алонсо и Дањил Квјат го поминаа Кими Раиконен, но Шпанецот веднаш доби повик од своите механичари дека се спремни за промена на гумите. Тоа го означи почетокот на серијата промени на оние возачи кои стартуваа на супер-меките гуми. Хамилтон издржа до 10-от круг, а веднаш по него тоа го направи и Розберг, а Германецот повторно се врати на второто место.
Во 15-от круг со Жан-Ерик Верн започнаа првите влегувања во боксевите за возачите кои стартуваа на меки гуми. Во тие моменти Французинот го загуби шестото место од Даниел Рикиардо, кој, исто така, започна на меките гуми на Пирели. Да потсетиме, болидите на Ред Бул стартуваа од боксот по вчерашното исклучување од квалификациите како резултат на нелегалното предно крило.
Квјат беше првиот возач кој мораше да ја напушти трката во 16-от круг по проблемите со ПЕ на Рено.
Рикиардо до 18-от круг сеуште не беше влезен за промена на меките гуми, што го доведе на 4-тото место зад Хамилтон, Розберг и Маса, а пред Магнусен, Ветел, Батон, Алонсо и Раиконен на првите 10 места. Ветел и Магнусен ги имаа своите први пит-стопови во 21-от круг, кога Данецот се реши за супер-меките, а Ветел повторно за меките гуми на Пирели. Но, застанувањето на до оваа трка шампионот не беше баш најдобро, па тој се врати 15-то место, со зголемено заостанување зад Магнусен. Рикиардо, на четвртото место, во 23-от круг сеуште беше надвор на патеката со стари гуми. Тоа резултираше, со изгубено место од Валтери Ботас, веќе во следниот круг.
Напред, Нико Розберг во 25-от круг одеднаш се најде во проблеми, а по губењето на силата од ЕРС-системот, битката за титулата беше ефективно завршена, а Германецот почна да паѓа во поредокот. Прво, беше под притисок на Маса и беше поминат во 27-от круг.
За проблемите на својот тимски колега беше известен и неговиот тимски колега, па темпото на Хамилтон почна да се намалува, а Маса ја намали разликата на девет секунди. На Луис му беше пренесено дека доколку има потреба секогаш може да го зголеми своето темпо, но во тие моменти е подобро да олабави малку.
Лидерот во трката го направи својот втор пит-стоп во 31-от круг, а кога се врати на патеката беше малку зад Розберг. Сериозноста на проблеми што го погодија болидот на Германецот се виде и во лесното негово претекнување од страна на Хамилтон, а подоцна и од Валтери Ботас. Розберг го направи својот втор пит-стоп во 36-от круг, а по враќењето се најде во борба со Нико Хулкенберг за 6-тото место.
Хамилтон се врати на првото место, кога Маса го направи својот последен пит-стоп во 44-от круг, за промена на супер-меките гуми. Бразилецот се врати 10.8 секунди зад Хамилтон, се обиде да форсира, ја намалуваше разликата за повеќе од половина секунда по круг, но немаше време да направи нешто посериозно за да го загрози водството на Британецот.
Зад нив Рикиардо по последната промена на супер-меки гуми, се врати на четвртото место, зад Ботас, кој беше на постари меки гуми, но разликата од 20 секунди во корист на Финецот беше невозможно да се анулира.
Редоследот во 50-от од 55 круга беше Хамилтон, Маса, сега само шест секунди зад него, Ботас на третото место пред Рикиардо, Батон. Хулкенберг пред немоќниот Мерцедес АМГ на Нико Розберг. За да бидат проблемите уште поголеми тогаш се појавија и неговите проблеми со сопирачките и педалата за гас, па на крајот Розберг падна на 14-тото место. Од тимот му беше кажано да го повлече болидот во својата гаража, но тој достоинствено инсистираше дека би сакал да ја заврши трката до самиот крај.
Луис Хамилтон со зрело возење стигна до Победата за да ја земе својата втора титула Шампион. Фелипе Маса заврши веднаш за него и пред својот тимски колега Ботас на третото место. Рикиардо заврши на одличното четврто место, откако трката ја започна од својата гаража, пред Џенсон Батон на петтото место. Хулкенберг ја заврши својата сезона на шестото место на Јас Марина патеката, победувајќи го својот тимски колега Серџо Перез на седмо место. Себастијан Ветел беше осми во неговата последна трка за Ред Бул, а последните места кои на оваа трка носеа дупли поени беа пополнети од страна на Фернандо Алонсо и Кими Раиконен со болидите на Ферари.
Голема Награда на Абу Даби, Јас Марина, Абу Даби
55 круга, 305.470км., Време: Суво.
ПЛАСМАН:
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ
1. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1ч30:02.555
2. Фелипе Маса Вилијамс + 2.576
3. Валтери Ботас Вилијамс + 28.880
4. Даниел Рикиардо Ред Бул + 37.237
5. Џенсон Батон Мекларен + 1:00.334
6. Нико Хулкенберг Форс Индија + 1:02.148
7. Серџо Перез Форс Индија + 1:11.060
8. Себастијан Ветел Ред Бул + 1:12.045
9. Фернандо Алонсо Ферари + 1:25.815
10. Кими Раиконен Ферари + 1:27.820
11. Кевин Магнусен Мекларен + 1:30.376
12. Жан-Ерик Верн Торо Росо + 1:31.947
13. Роман Грожан Лотус + 1 круг
14. Нико Розберг Мерцедес АМГ + 1 круг
15. Естебан Гутиерес Заубер + 1 круг
16. Адријан Сутил Заубер + 1 круг
17. Вил Стивенс Катерам + 1 круг
НАЈБРЗ КРУГ: Даниел Рикиардо - 1:44.496
БЕЗ ПЛАСМАН:
Камуи Кобајаши Катерам 14
Пастор Малдонадо Лотус 30
Дањил Квјат Торо Росо 41
Конечен Генерален пласман:
Возачи: Конструктори:
1. Луис Хамилтон 384 1. Мерцедес АМГ 701
2. Нико Розберг 317 2. Ред Бул 405
3. Даниел Рикиардо 238 3. Вилијамс 320
4. Валтери Ботас 186 4. Ферари 216
5. Себастијан Ветел 167 5. Мекларен 181
6. Фернандо Алонсо 161 6. Форс Индија 155
7. Фелипе Маса 134 7. Торо Росо 30
8. Џенсон Батон 126 8. Лотус 10
9. Нико Хулкенберг 96 9. Марусија 2
10. Серџо Перез 59
11. Кевин Магнусен 55
12. Кими Раиконен 55
13. Жан-Ерик Верн 22
14. Роман Грожан 8
15. Дањил Квјат 8
16. Пастор Малдонадо 2
17. Жил Бјанки 2