Q1 започна со Кими Раиконен како прв возач кој излезе на патеката, за набрзо потоа да му се приклучи Валтери Ботас. Возачот на Вилијамс го забележа првото најбрзо време, но тоа траеше се до излегувањето на Нико Розберг, кој постави време од 1:35.657 на медиум гумите на Пирели. Во врвот на табелата се приклучија Нико Хулкенберг и Фелипе Наср, но на меки гуми.
Малер на денот беше Џенсон Батон кој повторно мораше да го паркира својот Мекларен покрај патеката, пред да комплетира нити еден круг, што беше трет пат во овој тркачки викенд. Во завршните фази на сесијата во опасната зона беа Макс Ферстапен, Пастор Малдонадо и секако болидите на Манор со Вил Стивенс пред Роберто Мери.
Ферстапен ја најде потребната брзина и скокна во Q2 сесијата, за разлика од Пастор Малдонадо, кој не успеа да го направи тоа. Неговиот најдобар круг беше доволен само за 16-тата стартна позиција. Подоцно неговиот инженер му се извинуваше поради проблемите со Мерцедес ПЕ.
Поминувањето на Ферстапен значеше отпаѓање за младиот Русин во болидот на Ред Бул, кој имаше разочарувачко време, побавно дури и од Малдонадо. На врвот, Хамилтон беше најбрз, завршувајќи една десетинка пред Ботас. Розберг беше трет, со речиси половина секунда заостанување зад неговиот тимски колега. Сите возачи своите најдобри времиња ги забележаа на меки гуми.
Во втората сесија Хамилтон повторно го имаше најбрзото време, сега пред другиот болид на Вилијамс, оној на Фелипе Маса, и секунда предност пред Нико Рзоберг. Последните возачи од фаворитите за висок пласман беа дуото на Ферари, Кими Раиконен и Себастијан Ветел. Финецот го имаше второто, а Германецот 4-тото најбрзо време. Поголемиот дел од фаворитите одлучија да се потпрат на првите брзи круга, а во зоната за отпаѓање беа Нико Хулкенберг, Серџо Перез, Фелипе Наср, Маркус Ериксон и Мекларенот на Фернандо Алонсо.
Хулкенберг беше возачот кој имаше најголемо подобрување на своето време за сигурен пласман во Q3 сесијата, за прв пат оваа сезона. Серџо Перез беше 11-ти и пласманот во најбрзите 10 му избега за само 6 стотинки. Зад Мексиканецот беа возачите на Заубер, Наср пред Ериксон. На Фернандо Алонсо му припадна 14-тата позиција, пред Макс Ферстапен со Торо Росо, кој од почетокот на сесијата имаше проблеми со моќта на Рено ПЕ.
При првите брзи круга во Q3 сесијата повеќето возачи беа на употребени меки гуми и повторно Хамилтон го имаше најбрзото време, демонстрирајќи брзина со која беше решен да забележи најбрзо време на патеката каде никогаш не стартувал од првата позиција. Единствен возач кој беше на нови меки гуми беше Даниел Рикиардо во болидот на Ред Бул, па очекувано го имаше второто најбрзо време во тие моменти од третата квалификациона сесија. Нико Хулкенберг, на располагање имаше само еден нов сет на меки гуми, па нормално се одлучи да отсуствува од првата рунда.
Во последното излегување возачите мораше да го дадат својот максимум во извлекување на целосниот потенцијал на болидите за да имаат што подобра стартна позиција. Ветел беше првиот возач кој ја помина стартно/целната линија и скокна на првото место на тебелата. Веднаш по него беше Нико Розберг, кој не успеа да го подобри неговото време, што подоцна го припиша на стратегиската одлука за подесување на болидот за трка, при тоа потценувајќи ја брзината на Ферари. Луис Хамилтон со завршувањето на својот брз круг, нормално се врати на првата позиција со импресивни 4 десетинки пред возачот на Ферари. Кими Раиконен со четврто најбрзо време пред болидите на Вилијамс, Ботас т.е. Маса, кои ќе стартуваат од третиот ред.
Рикиардо на крај со седмото најбрзо време за Ред Бул, пред одличниот Нико Хулкенберг со Форс Индија, пласман кој ни потврди дека оваа патека одговара на Мерцедес ПЕ. Карлос Саинц ЈР. со Торо Росо и Роман Грожан со Лотус го заокружија финалниот пласман на најбрзите десет возачи.
Стартот на Големата Награда на Бахреин е закажан за 17:00 часот по Македонско време. Директниот пренос може да го следите на Собранискиот канал на Македонската Телевизија.
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ РАЗЛИКА
1. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1:32.571
2. Себастијан Ветел Ферари 1:32.982 + 0.411
3. Нико Розберг Мерцедес АМГ 1:33.129 + 0.558
4. Кими Раиконен Ферари 1:33.227 + 0.656
5. Валтери Ботас Вилијамс 1:33.381 + 0.810
6. Фелипе Маса Вилијамс 1:33.744 + 1.173
7. Даниел Рикиардо Ред Бул 1:33.832 + 1.261
8. Нико Хулкенберг Форс Индија 1:34.450 + 1.879
9. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо 1:34.462 + 1.891
10. Роман Грожан Лотус 1:34.484 + 1.915
Q2 Најбрзо време: Луис Хамилтон 1:32.669
11. Серџо Перез Форс Индија 1:34.704 + 2.035
12. Фелипе Наср Заубер 1:34.737 + 2.068
13. Маркус Ериксон Заубер 1:35.034 + 2.365
14. Фернандо Алонсо Мекларен 1:35.039 + 2.370
15. Макс Ферстапен Торо Росо 1:35.103 + 2.434
Q1 Најбрзо време: Луис Хамилтон 1:33.928
16. Пастор Малдонадо Лотус 1:35.677 + 1.749
17. Дањил Квјат Ред Бул 1:35.800 + 1.872
18. Вил Стивенс Манор 1:38.715 + 4.785
19. Роберто Мери Манор 1:39.722 + 5.749
20. Џенсон Барон Мекларен без поставено време
107% време: 1:46.922
2014: Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1:33.185