Хамилтон водеше во текот на целата трка, без никаква закана од останатите болиди, се до 64-от круг, кога Макс Ферстапен се судри со Роман Грожан, па безбедносното возило излезе на патеката. Од Мерцедес АМГ избрзаа да го повикаат Хамилтон во бокс по нови супер-меки гуми, но кога тој се врати на патеката веќе беше зад Розберг и Ветел, кои одлучија да останат на патеката.
Кога безбедносното возило ја напушти патеката со седум круга до крајот, Ветел го одбрани второто место и покрај тоа што Луис имаше нови и побрзи гуми. Розберг изгради поголема предност пред Ферарито, за неговата трета победа по ред во Монако.
На стартот Хамилтон ја задржа првата позиција, но Розберг за малку ќе беше претекнат од Себастијан Ветел, кој се обиде да се протне од внатрешната страна на првиот свиок. За да остане напред Розберг беше принуден да користи дел од тротоарот од надворешната страна на свиокот. Овој дуел го блокираше патот за Даниел Рииардо, па беше поминат од страна на неговиот тимски колега Квјат.
Добар старт за Фернандо Алонсо, но, не процени кога е доста, го искрши предното крило на болидот на Нико Хулкенберг и го прати во бариерите покрај патеката. Алонсо се искачи на 10-тото место, но инцидентот беше ставен под истрага на стјуардите. Одлучено беше дека Шпанецопт е крив за овој инцидент, па му беше доделена казна од пет секунди стоење во бокс. Фелипе Маса, исто така, имаше проблеми на стартот, заработи дупната предна гума, мораше во бокс, но кога се врати на патеката падна на 19-тото место.
По неколкуте почетни круга, ситуацијата се смири, болидите ги држеа стекнатите позиции, а Хамилтон од круг во круг ја зголемуваше својата предност пред тимскиот колега, кој не можеше да се одлепи од Себастијан Ветел на третото место. Единствено, Пастор Малдонадо преку тимското радио јави дека има проблеми со сопирачките, па трката за него беше завршена во моментот кога се наоѓаше на осмото место.
Од круг во круг ништо посебно не се случуваше на патеката, па сите ја очекувавме серијата на промени на гуми, кога можеби ќе видиме некоја промена на позиција. Од водечката тројка прв повлече потег Себастијан Ветел, но од Мерцедес АМГ веднаш реагираа со влез на Нико Розберг, па успеаа да останат пред Ферарито. Хамилтон ја имаше својата посета на боксевите веќе наредниот круг, но неговото прво место не беше доведено во прашање.
Кога сите болиди ја направија првата промена на гуми, редоследот напред беше непроменет Хамилтон, Розберг, Ветел, Квјат. Кими Раиконен успеа да го претекна Рикиардо низ боксевите за петтото место. Перез го задржа седмото место пред болидите на Мекларен, Батон пред Алонсо. На последното место кое носи поени беше Фелипе Наср со Заубер.
Добри позиции за двата болиди на Мекларен, но првите поените на Алонсо со Мекларен во оваа 2015 сезона, иако се чинеа на дофат, исчезнаа во 43-от круг. Шпанецот драстично забави во однос на претходниот круг и лесно беше претекнат од страна на Наср, за веќе на почетокот од следниот круг да го паркира болидот покрај патеката. Преку тимското радио тој им јави на своите механичари дека имал проблем со менувачот.
Трката беше една од подосадните се до 63 круг кога Хамилтон имаше 14 секунди предност во однос на Розберг. Во тие моменти на сцена стапи Макс Ферстапен, кој се врати на патеката на нови супер-меки гуми и почна брзо да напредува најпрво до својот тимски колега.
Знаејќи дека претекнувањето е речиси невозможно, реши да примени интересна тактика т.е. се залепи зад Ферарито на Себастијан Ветел, кој ги претекнуваше заостанатите болиди. Кога на ред дојде неговиот тимски колега Саинц, покрај Ветел и тој успеа да се протне напред. Истата тактика му успеа и со Валтери Ботас. Веќе беше зад Роман Грожан на 11-тото место и шансите за поени беа реални.
Возачот на Торо Росо се обиде со сличен потег да го помине и Французинот, кога мораше да му остави пат на Ветел, но Грожан беше советуван по тимското радио за тоа што прави Холанѓанецот, па успешно го блокираше. Ферстапен беше многу побрз од Лотусот, се залепи зад него и се реши да нападне во свиокот Sainte Devote при сопирање. При тоа направи погрешна проценка и се се заврши со голем удар во задното тркало на болидот на Грожан. Тој го уништи предното лево тркало и имаше директен судир со бариерите. Тој не беше повреден, но на патеката влезе безбедносното возило.
Најголемиот дел од возачите влегоа по нови гуми, меѓу кои беше и Луис Хамилтон, но Розберг, Ветел, Квјат и Раиконен останаа на патеката. Тоа како што кажавме значеше губење на првото место за Хамилтон и пад на трето. Зад нив Квјат беше четврти, пред Раиконен, Рикиардо, Перез, Батон, Наср и Саинц ЈР. на последното место што носи поени. Безбедносното возило ја напушти патеката на крајот на 70-от круг и Хамилтон веднаш тргна во напад на Ветел. Германецот отиде во максимално дефанзивен режим, додека Розберг ја зголемуваше предноста на првото место.
Во меѓувреме, Рикиардо го нападна Кими Раиконен за 5-тото место. Финецот под неговиот притисок направи мала грешка, но доволно да му дозволи на Австралијанецот да се протне од внатрешната страна во Portier свиокот, а бидејќи знаеме колку место за претекнување има во Монако, дојде до судир, од кој како губитник излезе Кими Раиконен, дозволувајќи му на Ред Булот да замине напред.
Финецот беше гневен и инцидентот веднаш беше ставен под истрага, но се заврши без никакви последици. Тоа беше и единствената промена на позиција од тие што носат поени до крајот на трката. За одбележување се првите поени за Џенсон Батон и Мекларен-Хонда, од далечната 1992 година кога Герхард Бергер беше победник на Големата Награда на Австралија.
Голема Награда на Монако, Монте Карло
78 круга, 260.520км., Време: Сончево.
ПЛАСМАН:
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ
1. Нико Розберг Мерцедес АМГ 1ч49:18.420
2. Себастијан Ветел Ферари + 4.486
3. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ + 6.053
4. Дањил Квјат Ред Бул + 11.965
5. Даниел Рикиардо Ред Бул + 13.608
6. Кими Раиконен Ферари + 14.345
7. Серџо Перез Форс Индија + 15.013
8. Џенсон Батон Мекларен + 16.063
9. Фелипе Наср Заубер + 23.626
10. Карлос Саинц Торо Росо + 25.056
11. Нико Хулкенберг Форс Индија + 26.232
12. Ромен Грожан Лотус + 28.415
13. Маркус Ериксон Заубер + 31.159
14. Валтери Ботас Вилијамс + 45.789
15. Фелипе Маса Вилијамс + 1 круг
16. Роберто Мери Манор + 2 круга
17. Вил Стивенс Манор + 2 круга
2014 Нико Розберг - Мерцедес АМГ - 1ч49:27.661
НАЈБРЗ КРУГ: Даниел Рикиардо - 1:18.063
БЕЗ ПЛАСМАН:
ВОЗАЧ ТИМ При круг
Макс Ферстапен Торо Росо 62
Фернандо Алонсо Мекларен 41
Пастор Малдонадо Лотус 5
Генерален пласман по 6 трки:
Возачи: Конструктори:
1. Л.Хамилтон 126 1. Мерцедес АМГ 242
2. Н.Розберг 116 2. Ферари 158
3. С.Ветел 98 3. Вилијамс 81
4. К.Раиконен 60 4. Ред Бул 52
5. В.Ботас 42 5. Заубер 21
6. Ф.Маса 39 6. Форс Индија 17
7. Д.Рикардо 35 7. Лотус 16
8. Д.Квјат 17 8. Торо Росо 15
9. Ф.Наср 16 9. Мекларен 4
10. Р.Грожан 16
11. С.Перез 11
12. К.Саинц ЈР. 9
13. Н.Хулкенберг 6
14. М.Ферстапен 6
15. М.Ериксон 5
16. Џ.Батон 4