Ред Бул според денешните резултати, првично на Австралијанецот, изгледаа како убедливо најбрзиот тим во Монте Карло, со квалификациска и воедно тркачка брзина. Но, знаеме дека Ред Бул ја има една од најдобрите шасии и во оваа 2016 сезона. Веројатно, Мерцедес АМГ не ги покажаа своите вистински перформанси, со оглед на големата разлика, што едноставно не е можно да се случи за само еден викенд. Е сега дали возеа со полни резервоари за гориво или е нешто сосема друго во прашање, можеме само да си нагаѓаме. Кога ќе се дојде до квалификациите обично повторно си ја "пронаоѓаат" вонсериската брзина на своите болиди.
Ферари, од друга страна, е поинаква приказна. Во овој момент не можеме да тврдиме дека може да се замешаат во битката за првиот ред или пак победа во трката. Себастијан Ветел, само во првиот тренинг покажа одредена брзина, но имаше многу грешки при брзите кругови, т.е. не можеше да го контролира задниот дел на својот болид при секое посилно притискање на педалата за гас. Во еден момент имаше блиска средба со бариерите покрај патеката, но за среќа не беше силен удар кој би предизвикал поголемо оштетување на болидот. Додека Германецот успеа барем да постави еден брз круг за респект, Кими Раиконен никако не можеше да забележи време за влез во најбрзите пет возачи во двете тренинг сесии.
Форс Индија и Вилијамс, вториве и баш не не убедија премногу, но ајде на стара слава да им дадеме шанси дека може да се надеваат за пласман во најбрзите 10 возачи на квалификациите. Многу најави за силен викенд доаѓаа од таборот на Мекларен, но во овој момент тоа изгледа ќе биде тешко остварливо и тие беа најголемото разочарување на денот.
Кога сме кај шпекулациите кои се најактуелни во падокот во кнежеството, на прво место ќе го споменеме семејството на Жил Бјанки. Иако во официјалниот извештај на ФИА во врска со смртта на Бјанки ги ослободи Ф1 шефовите од било какви малверзации околу тоа што се случило тој ден, семејството на Французинот има цврст став дека се направени големи грешки. По неколку месеци на размислување, тие се одлучиле да започнат правна постапка во Англија против носителот на комерцијалните права во Формула 1, нивниот раководен орган(ФИА) и тимот на Марусија.
Татко на Бјанки, Филип изјави: "Бараме правда за Жил, и сакаме да се утврди вистината за одлуките што доведоа до несреќата на нашиот син во трката за Големата Награда на Јапонија во 2014 година. Како семејство, ние имаме толку многу неодговорени прашања и чувствувам дека несреќата и смртта на Жил можеше да биде избегната ако не беа направени серија грешки."
Второ повторно се тврди дека Ред Бул и Торо Росо се тимовите кои нашле начин да ги заобиколат правилата за пропишаниот притисок на гумите на Пирели. Од оваа трка ФИА одлучи дека сите тимови ќе мора да и ги предадат податоците од телеметријата за притисокот на гумите на своите болиди. Ова реално нема некое влијание, бидејќи знаеме дека тие може да се "наштелуваат" како што некој ќе посака. ФИА работи на тоа да пронајде начин да го следи притисокот во реално време и во секој момент од викендот кога болидите се на патеката, но бирократијата во која е западната не може да понуди брзи решенија.
Следна шанса на која возачите ќе имаат можност да ги испробаат ултра-меките гуми е саботниот тренинг, кој на програмата е во 11 часот. Квалификациите се стандардно за Европските трки - 14:00 часот.
ВТОР СЛОБОДЕН ТРЕНИНГ
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ РАЗЛИКА КРУГА
1. Даниел Рикиардо Ред Бул 1:14.607 40
2. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1:15.215 + 0.606 36
3. Нико Розберг Мерцедес АМГ 1:15.506 + 0.899 48
4. Макс Ферстапен Ред Бул 1:15.571 + 0.964 42
5. Дањил Квјат Торо Росо 1:15.815 + 1.208 53
6. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо 1:15.981 + 1.374 54
7. Кими Раиконен Ферари 1:16.040 + 1.433 38
8. Серџо Перез Форс Индија 1:16.120 + 1.515 48
9. Себастијан Ветел Ферари 1:16.269 + 1.662 40
10. Џенсон Батон Мекларен 1:16.325 + 1.718 46
11. Нико Хулкенберг Форс Индија 1:16.487 + 1.880 49
12. Фернандо Алонсо Мекларен 1:16.723 + 2.116 43
13. Естебан Гутиерез Хас 1:16.782 + 2.175 40
14. Валтери Ботас Вилијамс 1:16.849 + 2.242 47
15. Роман Грожан Хас 1:16.874 + 2.267 23
16. Фелипе Маса Вилијамс 1:17.286 + 2.679 42
17. Кевин Магнусен Рено 1:17.530 + 2.923 29
18. Маркус Ериксон Заубер 1:17.562 + 2.955 39
19. Џолион Палмер Рено 1:17.761 + 3.154 24
20. Фелипе Наср Заубер 1:17.999 + 3.392 49
21. Рио Харјанто Манор 1:18.674 + 4.040 10
22. Паскал Верлајн Манор 1:18.814 + 4.207 46
* 2014 Фернандо Алонсо - Ферари - 1:18.842
* 2015 Луис Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1:17.192

