Големата Награда на Австрија е една од условно поновите трки која се врати во Ф1 календарот во 2014 година, по паузата од далечната 2003 сезона. Таа се одвива на патеката, која порано ни беше позната под името А1 ринг, но по нејзиното преуредување од страна на сопственикот на Ред Бул, името го промени во Ред Бул Ринг.
Измените на самата патека беа мали, но останатата инфраструктура е целосно модернизирана. Оваа сезона се шпекулира дека сега е на ред и самата патека, чија должина би требало да биде зголемена.
Она што е навистина убаво за Ред Бул Ринг е фактот дека патеката оди нагоре и надолу, што е голема забава за возачот. Слаба страна е што главните области на сопирање се на нагорнина, што го прави претекнувањето особено тешко, а како помош возачите ќе имаат две ДРС зони.
Таа е спој на брзи правци со бавни и средно брзи свиоци. Како една од побрзите патеките, како и во Баку, ќе одговара на болидите придвижувани од Мерцедес ПЕ. За оваа година таа е целосно ре-асфалтирана со асфалт кој има слично ниво на абразија како предходниот. Сепак, свежиот битумен може да понуди различна количина на грип.
Ред Бул Ринг е една од најиндивидуалните патеки во шампионатот, која бара многу од гумите во однос на механички грип и перформанси, па затоа ултра-меката смеша е убедливо најфаворизиран избор помеѓу возачите, во однос на меките и супер-меките смеши, исто така номинирани за овој викенд.
Како резултат на тоа, би можело да имаме две пит-стоп застанувања, иако минатата година имавме само едно. Ултра-меката смеша би требало добро да се прилагоди, што значи дека речиси е сигурно дека ќе имаме рекордно брзи кругови што се забележани на моменталната конфигурација на патеката.
Нико Розберг на последната трка во Баку ја зголеми неговата предност пред својот тимски колега на 24 поени. Луис Хамилтон најави дека на оваа трка ќе атакува на Победата со максималниот потенцијал на својот Мерцедес АМГ. И тоа е тоа, битката за Победа тука завршува.
Непознаница е само кој болид ќе биде на последното место од Подиумот, за кое од Форс Индија и Вилијамс најавуваат аспирации и блиска борба со Ферари и Ред Бул, на патеката каде моќноста на Мерцедес ПЕ ги зголемува севкупните нивните перформанси.
Според последните шпекулации Ферари и Мерцедес АМГ ќе настапат со нови ПЕ, додека на Себастијан Ветел му се заканува казна од 5 стартни места поназад ако од тимот се решат за промена на неговиот менувач, кој во Баку претрпел значителни оштетувања.
Вработените во Заубер со добри вести за неговата иднина, платата за Јуни исплатена во редовниот рок и најава за нов инвеститор кој ќе ги подмири сите нивни обврски. Кој ќе биде новиот сопственик ќе дознаеме наскоро.
Серџо Перез со најави дека тој е сериозен кандидат за место во Ферари, ако на Раиконен не му биде продолжен договорот. На крај да ја споменеме и дека тимот на Хас се откажува од оваа сезона и сите сили ќе ги насочи кон развој на 2017 болид, сигурно претпоставувате под чија наредба.
ВО ПРЕСРЕТ НА АВСТРИСКОТО ГРАН ПРИ
6/30/2016 04:25:00 PM
0
Share to other apps