Квалификациите не започнаа во закажаното време 14:00 часот, поради дожд и премногу влажна патека. Како и секогаш дождот влева став до коски кај денешните официјални лица и возачи. Се стартуваше по 20 минутно одложување и рекордно долга Q1 сесија како последица на четирите застои поради црвени знамиња. Последното излетување на Харјанто дури донесе и едноминутен предвремен крај, а тоа донесе лоша среќа за Џолион Палмер кој беше на неговиот најбрз круг кога беше развеано црвеното знаме.
Како и возачите на обичните автомобили, така и денешните Ф1 возачи би требало да се адаптираат на условите на патеката, но тие како целосно да заборавиле да возат по влажна патека, па имавме три излетувања и судири со бариерите. Но, најверојатно тоа е последица од тоа што наместо да се концентрираат на патеката, тие треба да притискаат цел куп копчиња и прекинувачи на својот волан.
Q2 сесијата започна на сончево време, а на патеката тркачката линија постепено се сушеше и стануваше се повидлива, но повеќето возачи се решија да излезат на интермедиа гумите на самиот почеток. Валтери Ботас беше првиот што се префрли на супер-меки гуми и веднаш го постави најбрзото време. Тоа беше знак за сите останати да се упатат кон своите гаражи за промена на гумите, а најбрзите времиња се менуваа како на филмска лента со секое ново поминување на болид преку целната линија, бидејќи патеката се подобруваше со секоја помината секунда.
На крајот, Ферстапен беше најбрз, со две десетинки пред Розберг, а следуваа Рикиардо, Алонсо и Хулкенберг во најбрзите пет болиди. Хамилтон кој беше најбрз кога ја помина целната линија, но тоа го стори најрано од останатите, па беше на работ да не се пласира во Q3 сесијата, кога сите останати возачи после него забележаа побрзи времиња, освен Роман Грожан кој не успеа да го победи за само една дестинка од секундата.
Најголеми губитници беа Серџо Перез и Кими Раиконен, кои не успеаа да се спасат по теркот на Хамилтон, а за нови кругови немаше доволно време.
По првите брзи кругови во Q3 сесијата изгледаше дека Луис Хамилтон лесно ќе стигне до првата стартна позиција, откако го забележа најбрзото време и тоа две десетинки пред својот тимски колега, Нико Розберг. Првиот стартен ред за Мерцедес АМГ никогаш не беше доведен во прашање. Зад нив, Рикиардо имаше големо занесување на болидот кога помина низ влажниот дел, и тоа во буквална смисла, од патеката при излез од последниот свиок, но сепак успеа да го забележи третото најбрзо време, пред тимскиот колега Ферстапен кој имаше повнимателно возење.
Себастијан Ветел, пак, имаше уште поголемо занесување на болидот од Рикиардо, на истото место, за да го забележи петтото најбрзо време. Зад нив Карлос Саинц ЈР. со Торо Росо успеа да ги победи болидите на Мекларен, оставајќи го Алонсо седми и Батон на осмата позиција. Хулкенберг беше деветти со Форс Индија, а Ботас со болидот на Вилијамс не можеше повеќе од 10-тото најбрзо време во тој момент.
При второто излегување на патеката, Фернандо Алонсо беше прв кој проба да се обиде да го подобри своето време, а веднаш зад него беше Луис Хамилтон, кој во првиот сектор беше побрз од своето претходно поставено време за 4 десетинки од секундата. Сепак Шпанецот се изврте на патеката и шампионот мораше да се откаже од својот брз круг.
За тоа време Нико Розберг во секторот два стигна во моментите кога Алонсо веќе продолжи да се движи по патеката и кога беше во тек исклучување на двојните жолти знамиња, на момент ја подигна ногата од педалата за гас, за веднаш кога забележа дека наредниот сигнал е само жолто знаме да забрза доволно за добар влез во чистиот од жолти знамиња трет сектор. Тоа му го донесе најбрзото време, за старт од Пол позицијата.
Сите останати возачи не се снајдоа добро во таа ситуација, и не ги подобрија своите времиња, а најгласен во негодувањата беше Себастијан Ветел, кој го обвини Батон дека заспал на патеката и не сакал да се помести од тркачката линија.
2016 УНГАРИЈА ГП - КВАЛИФИКАЦИИ
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ РАЗЛИКА
1. Нико Розберг Мерцедес АМГ 1:19.965
2. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1:20.108 + 0.143
3. Даниел Рикиардо Ред Бул 1:20.280 + 0.315
4. Макс Ферстапен Ред Бул 1:20.557 + 0.592
5. Себастијан Ветел Ферари 1:20.874 + 0.909
6. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо 1:21.131 + 1.166
7. Фернандо Алонсо Мекларен 1:21.211 + 1.246
8. Џенсон Батон Мекларен 1:21.597 + 1.632
9. Нико Хулкенберг Форс Индија 1:22.823 + 1.858
10. Валтери Ботас Вилијамс 1:23.182 + 2.217
Q2 Најбрзо време: Макс Ферстапен 1:22.660
11. Роман Грожан Хас 1:24.941 + 2.281
12. Данил Квјат Торо Росо 1:25.301 + 2.641
13. Серџо Перез Форс Индија 1:25.416 + 2.756
14. Кими Раиконен Ферари 1:25.435 + 2.775
15. Естебан Гутиерез Хас 1:26.189 + 3.529
16. Фелипе Наср Заубер 1:27.063 + 4.403
Q1 Најбрзо време: Нико Розберг 1:33.302
17. Џолион Палмер Рено 1:43.965 + 10.667
18. Фелипе Маса Вилијамс 1:43.999 + 10.697
19. Кевин Магнусен Рено 1:44.543 + 11.241
20. Маркус Ериксон Заубер 1:46.984 + 13.682
21. Паскал Верлајн Манор 1:47.343 + 14.041
22. Рио Харјанто Манор 1:50.189 + 16.887
107% време: 1:39.833
* 2014: Нико Розберг - Мерцедес АМГ - 1:22.715
* 2015: Луис Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1:22.020
Прв започна Маркус Ериксон...
Потоа следеше Фелипе Маса...
Харјанто за предвремен крај на Q1...