Ф1 тимовите се подготвуваат за 31-та Голема Награда на Унгарија. Оваа трка, која секогаш се одржува на Хунгароринг, се приклучи на Формула 1 календарот во далечната 1986 година и опстојува веќе три децении. Таа се рангира на третото место на листата на патеки кои биле домаќини на најмногу последователни Ф1 трки, а пред неа се само Монако и Монца (веќе не е ништо свето, па така и оваа Италијанска историска патека е под знак прашалник за идната сезона).
За разлика од Силверстоун, брза патека, сега следува борба на бавна, тесна и кривулеста патека. Тоа е најбавната постојана патека во календарот со просечна брзина од само 190 км/ч. Само уличните трки во Сингапур и Монако имаат понизок просек од Хунгароринг. Затоа тимовите ќе донесат аеродинамичен пакет сличен на Монте Карло со цел да се "извади" максимумот од болидите.
Хунгароринг е патека на која многу од Ф1 возачите ја забележале својата Прва Ф1 Победа, Фернандо Алонсо во 2003 година, Џенсон Батон во 2006 година. Дејмон Хил, исто така, ја забележа својата Прва Ф1 Победа во Унгарија, во болидот на Вилијамс, далечната 1993 година. Тој беше првиот син на светски шампион кој Победил на Ф1 трка.
Минатата година, Данил Квјат го забележа својот прв Ф1 подиум во кариерата со пласманот на второто место за Ред Бул. Но, тој не е единствениот возач кој за прв пат се искачил на Победничкиот подиум во Унгарија. Јос Ферстапен, таткото на Макс, заврши на третото место во 1994 година за Бенетон, Педро де ла Роса го освои второто во 2006 година за Мекларен и Тимо Глок беше втор за Тојота во 2008 година.
Со 14 свиоци и само еден вистински правец, Хунгароринг за Ф1 тимовите претставува сличен проблем со кој се среќаваат и во Монте Карло, како да се максимизира и зголеми потисната сила врз болидот. Оптималниот аеродинамичен грип ќе биде резултат на подесувањата од страна на тимовите, но, овде голема улога игра механичкиот грип кој во голема мера ќе зависи од гумите на Пирели.
На оваа трка возачите ќе имаат избор од супер-мека, мека и медиум смеша. И покрај високите температури во ова време од годината супер-меката смеша е најпосакуваниот избор, каде први на списокот се возачите на Ферари со по девет, додека поголемиот дел се одлучија за по седум сетови од овие гуми.
И покрај тоа што Хунгароринг е тешка патека за претекнување, според статистиката, Пол позицијата не е од клучно значење. Така, од 2005 година, возачот кој стартувал од првата позиција, бил победник на трката само три пати. Патеката и пит-линијата се ре-асфалтирани, а истовремено е направено проширување и порамнување на влезот во гаражите со тркачката линија по последниот свиок.
За оваа сезона обновени се и голем број на рабници, со акцент на подобрување на дренажата на патеката. При свиоците со број 4 и 11 сега имаме двојни рабници, веќе видени на патеката во Барселона, со отстранување на вештачката трева на местата за излетување. Апексите од свиоците со број шест и седум сега имаат нови 50 милиметарски рабници кои се користат на патеката во Абу Даби.
Покрај тоа што патеката е сурова кон гумите, барем така беше со стариот асфалт, додека новиот ќе траба да се покаже на дело, Хунгароринг е и многу физички напорна за возачите, кои често ја споредуваат со Сингапур (позната како физички најнапорната патека во календарот), поради големиот број на свиоци, високите температури, и релативно малото воздушно струење низ болидот.
Кога сме кај возачите битката за првото место во генералниот пласман е навидум многу незивесен, со само еден поен разлика помеѓу тимските колеги од Мерцедес АМГ, со Нико Розберг пред Луис Хамилтон.
Во битката за конструкторската титула, Мерцедес АМГ нема конкуренција, тие се една лига над останатите, а некоја утеха може да најдеме во борбата за второто место, каде тимот на Ред Бул сериозно се доближува до Ферари, тим кој сега има само шест поени предност. Унгарија дефинитивно е местото каде што Ред Бул на Австријанците реално може да им даде крила за изненадувачки резултати.
ВО ПРЕСРЕТ НА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА УНГАРИЈА
7/21/2016 11:23:00 AM
0
Share to other apps